Истражувачи од Универзитетот „Харвард“ објаснуваат зошто паузите се клучни за продуктивноста.
Истражувачите наведуваат дека во текот на работното време многу е важно да се прават кратки паузи за „полнење на батериите“. Таквите паузи можат за само неколку минути да ги намалат стресот и заморот, а и да ги подобрат когнитивните способности.
- Напорната работа сериозно ги нарушува и благосостојбата и продуктивноста. Во екстремни случаи непрекинатата работа може да ве вовлече во маѓепсан круг: се обидувате да ги извршите задачите и покрај исцрпеноста, но не успевате да ги завршите добро, па дури и правите грешки, што создава уште повеќе работа и ви остава уште помалку сила. Тоа значи дека колку повеќе работите, станувате помалку продуктивни и поизморени. Замислете, на пример, петпати да ја читате истата реченица и сè уште да не ја разбирате - наведуваат од „Харвард“.
За да се прекине овој маѓепсан круг, доволно е да се прават паузи, што е особено важно во креативните професии. Спортскиот бренд „Асикс“ истакнува истражување според кое кратките дневни паузи во текот на една недела го намалиле нивото на стрес за 14,7 отсто, ја зголемиле продуктивноста за 33,2 отсто, а концентрацијата за 28,6 отсто.
Други истражувања покажуваат дека стресот почнува да расте по два часа непрекината работа. По четири часа без пауза, нивото на стрес може да порасне и до 18 отсто.
Колку треба да трае идеалната пауза?
Експертите се согласуваат дека за одмор на мозокот не се потребни долги прекини. Микропаузи од една, пет или десет минути се доволни да ве освежат и да го намалат ризикот од прегорување, доколку се редовни.
Невронаучникот Емили Стеинбах наведува дека додека работи, прави пауза на секои 45 минути. Кога е помалку мотивирана, ја применува методата „помодоро“, именувана по кујнски тајмер во форма на домат.
- Работам во четири циклуси од по 25 минути, со пауза од 5 минути меѓу нив, а потоа следува подолг одмор од 15 до 20 минути - вели таа.
Клучот е да се пронајде сопствен ритам, да се препознаат моментите кога продуктивноста опаѓа.
Важно е и времето на паузите: кратките одмори се поефикасни наутро, додека подолгите паузи се покорисни доцна попладне. Заморот се зголемува како што одминува работниот ден, па попладне е потребен повеќе одмор за закрепнување. Истражувањата од „Харвард“ покажуваат дека енергијата обично паѓа на најниско ниво околу 15 часот.
Што да избегнувате на паузата?
Некои активности не се погодни за одмор на мозокот и се сметаат за непожелни. Најчеста, која според „Харвард“ ја практикуваат 97 отсто од луѓето, е скролање на социјални мрежи. Истражувачите тврдат дека оваа навика може да доведе до емоционална исцрпеност.
Друга лоша навика е разговор со колеги за работа бидејќи мозокот останува фокусиран на обврските и стресот.
Што да правите на паузата?
Движете се - Само 15 минути физичка активност во текот на работниот ден може значително да ја подобри менталната состојба и да го намали стресот. Доволно е да прошетате, да се истегнете, да танцувате или да користите скали.
Излезете на свеж воздух - Престојот во природа и на дневна светлина го подобрува расположението.
Јавете му се на пријател - Краток разговор може да го подобри расположението и да го намали стресот.
Поминете време со домашно милениче - Контактот со миленик го намалува нивото на кортизол и придонесува за опуштање.
Истражувањата покажуваат дека паузите имаат ефект само кога овозможуваат вистинско когнитивно одвојување од работата. Дури и неправењето ништо или едноставните, повторувачки активности не се губење време, туку важен процес за закрепнување мозокот и враќање на концентрацијата.
Извор:
6yka.com
Фото: Freepik