X
 24.03.2026 Живот

Македонските граѓани ги откажуваат летните одмори во Турција поради страв од војната во Иран, за Египет нема ни побарувачка

Војната на Блискиот Исток, меѓу САД, Израел и Иран, влезе во четвртата недела и нема знаци дека страните ќе седнат на преговарачка маса и ќе постигнат мир.
Според економските експерти, колку повеќе трае, толку повеќе ќе влијае врз економијата преку поскапувањето на нафтените деривати, ѓубривата, храната и транспортните услуги, особено во авиопревозот каде што веќе се најавени зголемувања на цените на билетите поради недостигот на авионско гориво.

Силни потреси се очекуваат и во туризмот. Поради војната на Блискиот Исток, сè повеќе европски туристи ги менуваат плановите за летување и ги избегнуваат дестинациите во источниот Медитеран, објави „Гардијан“.

Наместо во Турција, Кипар и Грција, туристите од Европа, пред сѐ, од Германија, Полска, Франција и Велика Британија, се насочуваат кон западниот Медитеран, особено кон Италија, Шпанија, Малта и Хрватска. Причина се откажаните летови и затворениот воздушен простор во делови од Блискиот Исток, но и стравот од воздушни напади од страна на Иран.

- На почетокот од нападите имаше малку страв затоа што се случи една недела пред 8 Март. Но, аранжманите се реализираа без проблем. Моментално нема откажувања на резервациите за велигденските празници, ниту за летните одмори, ама нема ниту побарување за лето за Турција и Египет каде што во моментов е затишје - велат од една кавадаречка агенција која работи и со кратки аранжмани и резервации во хотели во Турција и Грција.



Од една скопска агенција која исклучиво работи со чартер-аранжмани за Турција, Тунис, Египет и Шпанија, велат дека за Турција и Хургада има откажувања, но тоа засега не е страшно.

Инаку, Министерството за култура и туризам на Република Турција и Агенцијата за промоција и развој на туризмот на државата (ТГА) ги информираа македонските медиуми дека туристичките активности низ целата земја се одвиваат нормално и вообичаено, а побарувачката за патувања во Турција останува на исклучително високо ниво.

- И покрај засиленото медиумско известување за конфликтот во одредени делови од поширокиот регион на Блискиот Исток, факт е дека Турција е медитеранска земја и не е страна во овој конфликт. Нејзините водечки туристички дестинации, како што се Истанбул, Анталија, Бодрум, Измир, Кападокија, егејскиот брег и турската ривиера, кои се меѓу најпосетуваните во светот, продолжуваат сосема редовно и без прекин да пречекуваат гости од Европа, Северна Америка и од регионот Азија-Пацифик.

Прво, одморите во Турција се одвиваат како и обично, а сите туристички капацитети, како што се ресортите, хотелите, туристичките тури и воопшто сите искуства во главните туристички дестинации функционираат онака како што е планирано и во согласност со резервациите. Нема затворања, прекини или какви било владини ограничувања поврзани со туристичките активности во ниту еден дел од земјата - се вели во соопштението на Министерството за култура и туризам на Турција.

Додаваат и дека сите летови кон и од турските аеродроми се реализираат според редовен распоред. Ниту еден аеродром не е затворен, ниту, пак, постојат какви било ограничувања или пренасочувања на летови поради регионалните случувања, а авиокомпаниите што оперираат кон Турција не пријавиле ниту еден откажан лет поврзан со конфликтот.



Најголемиот европски туроператор, TUI Group, пак, соопшти дека побарувачката за Хрватска, Италија и Шпанија нагло се зголемила бидејќи туристите бараат побезбедни и лесно достапни места. Сличен тренд бележат и други туристички компании, кои пријавуваат силен интерес за Хрватска и Италија.

Кризата веќе влијае врз туристичката индустрија – акциите на авиокомпаниите и туристичките агенции бележат пад, додека некои авиокомпании ги пренасочуваат летовите кон европските туристички центри, меѓу кои и Хрватска.

Фото: Freepik

Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.
Подготвил: Факултети.мк

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот