X
 31.03.2026 Живот

Астронаут на НАСА објави фотографија од „вонземјанин“ на Меѓународната вселенска станица

Дон Пeтит, астронаут на НАСА, стана интернет-сензација откако објави фотографија од необичен објект на Меѓународната вселенска станица, кој на прв поглед личи на вонземјанин.

Јајцевидниот објект што лебди во бестежинска состојба има виолетови израстоци слични на пипала и бели влакна, што кај многумина предизвика морничави асоцијации. Но вистината е поинаква - станува збор за обичен компир.

„Спудник-1“ во орбитата

Пeтит на шега го нарекол објектот „Спудник-1“, објавувајќи дека станува збор за компир што го понел на мисијата како дел од вселенски градинарски експеримент.

Тој објаснил дека станува збор за рана сорта на виолетов компир, поставен во импровизиран терариум со светилки за одгледување, прикачен со лента за да не лебди неконтролирано низ станицата.

Фотографијата предизвика лавина реакции на интернет. Дел од корисниците беа фасцинирани, додека други беа вознемирени. Многумина го споредија изгледот со морничавите сцени од филмот „Марсовецот“ и особено со серијалот „Вонземјанин“.

Што, всушност, гледаме?

„Пипалата“ се всушност никулци, нешто што може да се види и во домашни услови кога компирот стои подолго време. Но во бестежинска состојба тие растат во сите правци, што му дава уште почуден изглед. Белите „влакна“ се обична лента што служи за фиксирање на објектот.

Компирот - храна на иднината?


Фотографијата е направена за време на мисијата на Пeтит на Меѓународната вселенска станица (Експедиција 72), која траела од септември 2024 до април 2025 година.

Астронаутот истакнал дека компирот е идеален за одгледување во вселенски услови бидејќи има висока хранлива вредност во однос на својата маса.

Оваа идеја не е нова - во книгата и филмот „Марсовец“ астронаут преживува благодарение на одгледувањето компири на Марс.

- Компирите ќе имаат свое место во идното истражување на вселената, па зошто да не почнеме уште сега - порача Пeтит.

Извор: Index.hr
Фото: Twitter 
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот