Веќе неколку години се зборува за промените во ИТ-секторот, а неодамна објавен графикон го прикажува драматичниот пад на огласите за работа за развојни програмери на платформата „Индид“.
Графиконот што предизвика бурни реакции
Графиконот, објавен од ФРЕД (Економски податоци на Федералните резерви), привлече огромно внимание, а многумина веруваат дека главната причина за овој пад е брзиот развој на вештачката интелигенција.
Технолошкиот претприемач Грег Ајзенберг се прашува дали ова е крајот за инженерите од средно ниво.
- Почетните инженерски позиции исчезнаа. Сега имаме креатори на производи кои знаат да програмираат. Со помош на вештачката интелигенција, тие испорачуваат цели производи за неколку дена. Најдобрите инженери заработуваат повеќе од кога било досега - пишува тој, нагласувајќи дека средниот слој во индустријата едноставно исчезна.
ИТ-експертот Марко Ракар истакнува дека ваков тренд не е ограничен само на програмерството, туку се забележува и во други индустрии. Според него, три фактори го поттикнуваат падот на огласите за работа во ИТ-секторот.
- Тоа не е единствено за програмирањето, туку се одразува и врз многу други професии. Вториот заклучок е дека ова е малку задоцнет ефект од ковид-пандемијата, кога сè се дигитализира за да се овозможи работа од дома. Потоа дојде периодот на нормализација, а вишокот работници повторно се најде на пазарот на трудот - вели тој.
Масовни отпуштања и неизвесна иднина
Кризата во ИТ-индустријата најмногу се забележува преку масовните отпуштања. Најголемиот бран се случи во 2023 година, кога технолошките гиганти како „Гугл“, „Фејсбук“ и „Мајкрософт“ драстично го намалија бројот на вработени. Според „Лејофс еф-уај-ај“, во 2024 година повеќе од 124.000 ИТ-професионалци останале без работа, а во претходните две години биле отпуштени вкупно 442.449 работници.
Најпогодени се програмерите и експертите за анализа на податоци – вештини што до неодамна се сметаа за најбарани на глобално ниво. Сега, под влијание на вештачката интелигенција, нивната иднина е под знак прашалник.
Компаниите инвестираат во вештачка интелигенција
- Компаниите вработуваа премногу за време на ковид-пандемијата, но тоа се покажа како неоправдано. Дополнително, високите каматни стапки го ограничуваат инвестирањето во нови проекти, па фокусот е на намалување на трошоците. Многу големи компании денес вложуваат во вештачката интелигенција, надевајќи се дека тоа ќе ја намали потребата за човечки кадар и ќе го зголеми профитот - објаснуваат експертите.
Соочен со нестабилност и масовни отпуштања, ИТ-секторот станува сè помалку привлечен за новите генерации. Според листата на „Индид“ за најдобри работни позиции во 2024 година, само три од топ-25 професии се во големите технолошки компании, наспроти 11 во 2023 година.
- Работниците сакаат стабилност и раст, а кога доминираат отпуштања, тоа го нарушува имиџот на компаниите и создава несигурност - вели Скот Доброски, експерт за трендови во кариерата во „Индид“.
Трката со вештачката интелигенција е новата „трка до Месечината“
Побарувачката за ИТ-услуги во САД е на историски најниско ниво, а бројот на слободни ИТ-професионалци постојано расте.
Фокусот сега е исклучиво на вештачката интелигенција, која треба да ги намали трошоците за работна сила и да ги зголеми профитите на компаниите. Иако сè уште сме далеку од реализација на тие очекувања, сите големи корпорации се обложуваат на оваа технологија. Трката за вештачката интелигенција денес е како некогашната трка до Месечината.
Ситуацијата во Европа не е ништо подобра од онаа во САД.
Европа во голема мера зависи од американскиот пазар. Голем проблем е бавната бирократија, која сака сè да регулира, но честопати луѓето што ги носат регулативите немаат реално разбирање за технологијата. Додека Европа се занимава со бирократски процедури, Америка и Кина инвестираат во вештачката интелигенција и се натпреваруваат за доминација во иднината. Сè додека оваа стратегија не се промени, Европа нема да биде технолошки лидер.
Извор:
Index.hr
Фото: Ера