X
 04.06.2025 Живот

Ескимски парадокс: Јадат месо и масти колку сакаат, а се слаби и без срцеви заболувања

Во време кога книгите за исхрана се бестселери, а луѓето се сѐ позбунети во врска со тоа што да јадат за да останат здрави, зачудува фактот дека одредени народи преживуваат и напредуваат следејќи ги правилата што им ги диктира природата.

Токму такви се Ескимите, кои се познати по тоа што јадат сурово месо. Тие живеат на огромна територија од Гренланд и Лабрадор на исток, до Беринговото Море и сибирските брегови на запад, како и на некои арктички острови (Викторија, Бафинова Земја).

Во тие ледени предели, каде што речиси и да нема свежи овошје и зеленчук, исхраната се базира на протеини и масти. Обликувана од екстремниот студ, суровите пејзажи и долгите зими, традиционалната исхрана на Ескимите речиси целосно ги исклучува растителните и млечните производи, а содржи занемарлива количина на јаглехидрати. Луѓето таму отсекогаш живееле од она што можеле да го уловат од морето.

Некои од методите на Ескимите за набавување растителни хранливи материи се, благо речено, необични. Ескимите што живееле во внатрешноста јаделе вид ирваси (карибу) кои се хранеле со мов, лишаи и растенија што човечкиот дигестивен систем не може да ги свари. Тие го јаделе сето тоа од желудникот на животните, нешто за што навистина човек треба да има „стомак“. Племињата што живееле на брегот се потпирале на морето. Најголем предизвик за исхрана била доцната зима, кога месото станувало дефицитарно.

Ниту „п“ од прехранбена пирамида


Таквиот начин на исхрана воопшто не наликува на избалансираната исхрана на повеќето земји: мешавина од житарици, овошје, зеленчук, месо, јајца и млечни производи. Сепак, преживувањето на Ескимите на исхрана која се темели исклучиво на масти и животински протеини е феномен што научниците го нарекуваат „ескимски парадокс“.

- Не постојат есенцијални намирници - постојат само есенцијални нутриенти. А луѓето можат да ги добијат од различни, често изненадувачки извори - објаснува Харолд Дрејпер, биохемичар и експерт за исхрана на Ескимите.

Некој би очекувал сериозен недостиг на витамини во исхрана без овошје и зеленчук. Но, Ескимите добиваат витамин А, неопходен за видот и коските, преку масни риби, морски цицачи и нивните внатрешни органи (особено црниот дроб). Истите извори обезбедуваат и витамин Д, кој обично го добиваме преку изложеност на сонце или преку млеко, но ни едното ни другото не им било достапно на жителите на Арктикот.

Наместо портокали, внатрешни органи

Витаминот Ц бил најголемата енигма. Неговиот недостиг предизвикува скорбут - болест што го уништува сврзното ткиво. Иако денес тој лесно се добива преку цитрусно овошје, тој брзо оксидира, а во минатото експедициите не успевале да го пренесат. Скорбутот бил честа појава дури и во 20 век кај европските и американските истражувачи, но не и кај арктичките народи бидејќи свежото месо и риба содржат доволно витамин Ц особено ако се јадат сурови.

Истражувачот Вилхалмур Стефансон бил толку фасциниран што за време на две арктички експедиции (1908–1918) се хранел како Ескимите. Во 1928 година тој и колега поминале цела година под болнички надзор во Њујорк, хранeјќи се со варијација на ескимската исхрана: стекови, внатрешни органи, риба и масти. Стефансон заклучил:

- Ако секојдневно јадеш нешто свежо и не го преваруваш, ќе внесеш доволно витамин Ц за да избегнеш скорбут - изјавил тој.

Замрзнувањето и јадењето сурово месо им овозможувале на Ескимите да го задржат витаминот Ц кој инаку се уништува при термичка обработка.

Исхраната на ловците-собирачи е еден од најстарите начини на исхрана на човештвото. Но никој не ги поместил границите толку далеку како народите на Арктикот. Според професорот Лорен Кордејн од Универзитетот во Колорадо, ваквата исхрана, богата со протеини и сиромашна со јаглехидрати, доведува до зголемена работа на црниот дроб. Ако се јаде само чисто месо без масти, тоа води до „протеинска интоксикација“ што предизвикува мачнина, дијареја, исцрпеност и дури смрт. Ескимите кои биле принудени да јадат само такво месо, се прејадувале, но сепак слабееле. Заклучокот е: протеинот сам по себе не е доволен, мора да се внесуваат и масти.

Стефансон лично го потврдил тоа кога привремено преминал само на месо без масти и почувствувал сериозно влошување. Со враќањето на мастите, состојбата му се подобрила, а изгубил и килограми.

Не сите масти се исти


- Во САД мастите се демонизираат. Но суштината на ескимскиот парадокс е токму во тоа дека не се сите масти исти - вели канадскиот професор Ерик Девајли.

Во селата на Нунавик (Северен Квебек), возрасни над 40 години добиваат половина од дневните калории од традиционални намирници и имаат двојно помала смртност од срцеви заболувања во споредба со остатокот од Канада и САД.

Мастите на дивите животни се суштински различни од оние кај домашните и индустриски одгледувани животни, кои се хранат со житарици и имаат повеќе заситени масти. Преработената храна е исто така полна со нездрави масти кои го зголемуваат лошиот и го намалуваат добриот холестерол, со што го зголемуваат ризикот од срцеви болести.

Дивите животни, кои јадат природна храна и слободно се движат, содржат многу повеќе здрави масти како што се монозаситените масти, особено омега-3 масни киселини, кои ги штитат срцето и крвните садови.

Извор: Punkufer.dnevnik.hr
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот