Масовните изумирања, огромните вулкански ерупции и океаните кои ненадејно остануваат без кислород на прв поглед немаат многу заедничко, освен катастрофалните размери. Сепак, научниците со децении се прашуваат дали тие навидум неповрзани настани следат скриен ритам кој се протега низ стотици милиони години, пишува „Сајанс алерт“.
Пулс од 27,5 милиони години
Идејата за долгорочен ритам во геолошката историја на Земјата не е нова и за неа се расправа уште од 80-тите години. Тогаш истражувањата првпат укажаа на можноста масовните изумирања и другите клучни геолошки настани да се повторуваат во правилни временски интервали. Иако и подоцнежните студии уочуваа слични обрасци, целата замисла остана контроверзна. Новата анализа, објавена во списанието „Еволвинг ерт“, повторно ги вреднува тие докази врз основа на современите геолошки временски скали и статистички методи. Авторите заклучуваат дека доказите за геолошкиот циклус од 27,5 милиони години се сè поцврсти. Тоа упатува на заклучок дека многу од најголемите пресврти на Земјата можеби не се изолирани катастрофи, туку се дел од поврзани, долготрајни процеси.
Геологот Мајкл Рампино од Универзитетот во Њујорк анализираше 89 клучни геолошки настани во последните 260 милиони години. Во трудот тој се потпре врз претходно објавени податоци, кои ги обработи со помош на ажурирани процени за староста на карпите и нови статистички анализи. Неговиот збир на податоци опфаќа масовни изумирања во морињата, периоди на аноксија во океаните, ерупции на континентални базалти, промени на нивото на морето, изумирања на копнените ‘рбетници, промени во брзината на ширење на морското дно и бранови на вулканска активност. Сите тие записи заедно откриваат доминантна периодичност од приближно 27,5 милиони години, со послаб циклус од околу 8,9 милиони години.
Потрага по причините
Новата анализа не тврди дека една геолошка катастрофа директно предизвикува друга. Наместо тоа, таа покажува дека повеќе системи на Земјата периодично реагираат на истите темелни процеси кои траат десетици милиони години, а кои сè уште не се целосно разјаснети. Една од можните причини за овој ритам би можела да се наоѓа длабоко во внатрешноста на планетата. Земјината обвивка постојано се движи, иако исклучително бавно. Периодичните промени во тоа движење би можеле да влијаат врз вулканизмот, тектониката на плочите и другите геолошки процеси. Бидејќи тие системи се поврзани, нарушувањата од длабочините со текот на времето би можеле да се прошират на површината, океаните, климата и биосферата.
Другата хипотеза е насочена кон интеракцијата меѓу површината и внатрешноста на Земјата. Долгорочните промени во орбитата на Земјата влијаат врз климата и нивото на морето, што доведува до прераспределба на огромни маси вода, мраз и седименти. Рампино смета дека тие промени во оптоварувањето на површината можат суптилно да ги менуваат напрегањата во кората и горната обвивка и така да влијаат врз тектонската и вулканската активност.
Космички хипотези
Рампино ги разгледува и можните влијанија надвор од Земјата, за што размислува уште од осумдесеттите. Додека Сончевиот Систем кружи околу центарот на Млечниот Пат, тој периодично се движи над и под галактичката рамнина, а времето на тие минувања се совпаѓа со најголемите геолошки превирања на Земјата. Некои истражувачи претпоставуваат дека тие минувања гравитациски ги нарушуваат патеките на кометите во далечниот Ортов облак, што ја зголемува веројатноста за удари на големи вселенски тела. Уште пошпекулативна идеја е дека Земјата би можела повремено да привлекува честички темна материја, доколку таа е концентрирана во близина на галактичката рамнина. Во текот на милиони години тој процес би можел да создава внатрешна топлина и така да влијае врз геолошката активност. Во моментов нема директни докази кои би поддржале кој било од овие механизми.
Во трудот посебно се анализираат и ударите на големи астероиди. Иако не биле дел од статистичката анализа на 89 геолошки настани, се чини дека времето на настанување на неколку од најголемите познати кратери се совпаѓа со предложениот ритам од 27,5 милиони години. Рампино наведува дека тоа совпаѓање заслужува понатамошно истражување, но не тврди дека постои директна причинско-последична врска.
Отворена научна дебата
Останува отворено прашањето дали овој привиден циклус одразува вистинска карактеристика на историјата на Земјата. Препознавањето на периодичните обрасци низ стотици милиони години е многу предизвикувачко. Геолошките записи се нецелосни, процените за староста на древните настани се сè понесигурни колку што се оди поназад во минатото, а статистичките анализи понекогаш можат да откријат привидна цикличност која исчезнува со нови податоци. Рампино заклучува дека предложената периодичност се одржа и покрај децениите попрецизни мерења и сè поголемиот број податоци. Бидејќи оваа идеја се спротивставува на долго прифатените толкувања на геолошките записи, веројатно и понатаму ќе биде предмет на оспорување.
Ако идните истражувања го потврдат овој образец, тоа би значело дека најголемите геолошки превирања не се само изолирани катастрофи расфрлани низ минатото. Тие би можеле да бидат одраз на процеси кои се повторуваат и кои ја обликуваат нашата планета стотици милиони години. -Иако овие идеи во геологијата сè уште се сметаат за маргинални, би можеле да бидат први чекори кон важен концептуален пробој во науката за Земјата. Тој пробој ја препознава глобалната поврзаност на големите геолошки настани, периодичната природа на геолошките записи и астрономските врски кои нашата планета би можеле појасно да ја сместат во нејзината вистинска космичка рамка - заклучува Рампино.
Фото: magnific