X
 05.09.2025 Наука

Нередовното спиење може да го зголеми ризикот од сериозни здравствени проблеми

Сите знаеме дека легнувањето доцна навечер не е добро за здравјето. Новите истражувања покажуваат дека тоа би можело да биде и опасно бидејќи нередовната рутина на спиење го зголемува ризикот од сериозни кардиоваскуларни заболувања, како што се срцеви болести или мозочен удар, дури и ако спиете препорачани седум до девет часа навечер.

Претходните истражувања главно се фокусирале на врската меѓу должината на сонот и здравјето наместо на влијанието од стабилниот циклус на будење и спиење, па токму затоа овие наоди се значајни.

- Нашите резултати укажуваат на тоа дека редовноста на спиењето можеби е поважна од доволното траење на сонот во однос на ризикот од кардиоваскуларни болести - изјавил истражувачкиот тим.

За потребите на истражувањето, 72.269 лица на возраст од 40 до 79 години носеле уред за следење на активностите во текот на една недела за да се процени нивниот образец на спиење. Ниту еден од учесниците немал претходна историја на срцеви заболувања или мозочен удар.

Колку е понередовно спиењето, толку е поголем ризикот

Податоците потоа биле обработени за да се пресмета индексот на редовност на спиењето за секој учесник. За оние со резултат над 87 се сметало дека имаат редовен образец на спиење, а за оние со резултат под 72 се утврдило дека имаат нередовен образец. Учесниците со резултати помеѓу овие две вредности биле класифицирани како „умерено редовни“.

Истражувачкиот тим потоа ги следел податоците за случаи на мозочен удар, срцева слабост и срцев удар во следните осум години. Се открило дека лицата што нередовно спиеле имале за 26 отсто поголема веројатност да доживеат сериозен кардиоваскуларен проблем во споредба со оние што легнувале во приближно исто време секоја вечер.

Учесниците со умерено редовен образец на спиење имале за 8 отсто зголемена веројатност за вакви заболувања. Исто така, истражувањето покажа дека лицата со редовен распоред на спиење почесто ги достигнувале препорачаните часови на сон - седум до осум часа за лица постари од 65 години и седум до девет часа за лица на возраст од 18 до 64 години.

Истражувањето откри и дека обидот да се надомести изгубениот сон не ги намалува кардиоваскуларните ризици кај лицата што нередовно спијат.

Истражувањето имало одредени ограничувања, вклучувајќи го тоа што податоците за спиењето биле собрани само во текот на една недела, а уредот за следење не правел разлика меѓу сон и свесен одмор. Исто така, не била земена предвид дневната дремка.

И покрај тоа, ова ново истражување покажува силна врска помеѓу нередовното легнување и ризикот од срцеви заболувања или мозочен удар.

- Резултатите од ова истражување сугерираат дека треба да се посвети поголемо внимание на редовното спиење - заклучуваат авторите на истражувањето.

Извор: New York Times
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука