Луѓето што користат аларм за будење се поуморни од оние што се будат природно, покажуваат резултатите од американско истражување спроведено врз 450 административни работници. Научниците од Универзитетот „Нотр Дам“ во Индијана ги следеле должината на спиење и отчукувањата на срцето со помош на преносливи уреди.
Дури 57 отсто од испитаниците се буделе со аларм и обично чувствувале замор и поспаност во текот на денот, за разлика од оние што се буделе природно. Причината, според научниците, е во тоа што алармот го нарушува природниот циклус на спиење.
Телото се подготвува за будење
Луѓето што се будат без аларм спијат подолго, пијат помалку кофеин и чувствуваат помал замор преку денот. Научниците објаснуваат дека кога телото се буди природно, активира краткотраен „одговор на стрес“ непосредно пред будењето, што го подготвува организмот и овозможува полесно и посвежо будење.
Меѓутоа, кога ќе се разбудиме одеднаш поради аларм, овој природен механизам се прескокнува и циклусот на спиење се прекинува на несоодветен начин.
Според објавеното во научното списание „Слип“, алармот најмногу го користат таканаречените „ноќни птици“, а токму тие се и најпогодени од хронична исцрпеност.
Одложувањето на алармот не помага
Што се случува кога по првиот аларм го одложуваме будењето за уште пет или десет минути?
Иако многумина мислат дека со тоа ќе добијат уште малку „важен“ сон, научниците предупредуваат дека овие неколку минути не се доволни за повторно влегување во фазата на длабок, обновувачки сон позната како РЕМ-фаза, во која и сонуваме. Со други зборови, со одложувањето на алармот не добиваме вистински квалитетен сон.
- Одложувањето на алармот нема вистинско значење. Целта на ова истражување беше и да се разјасни што навистина се случува во тие моменти. Податоците покажуваат дека нема голема разлика меѓу будењето при првиот аларм и будењето по неколку одложувања - освен ако не станува збор за хронично недоволно спиење, што е вистинскиот проблем - вели професорот Арон Стригел од Универзитетот „Нотр Дам“.
Извор:
Womeninadria.com
Фото: Freepik