X
 06.06.2019 Економија

Четвртина од Американците немаат заштеда за пензионерските денови

Планирањето за пензионирање може да биде стресно, а нов извештај од централната банка на САД, односно Федералниот резервен систем, покажува дека многумина Американци не почнале да штедат за животот по завршувањето со работата.

Федералниот резервен систем неодамна објави извештај за финансиите во домаќинствата во САД, базиран на шестото годишно испитување на економијата и носењето одлуки во домаќинствата, во чии рамки биле поставени серија прашања за финансиската и економската благосостојба и статусот на испитаниците.

Во рамките на истражувањето од испитаниците било побарано да кажат какви видови заштеди за пензија имаат. Така, 26 отсто од непензионираните возрасни Американци, без оглед на возраста, одговориле дека немаат заштеди за пензионерските денови.


Фото: Business Insider

Самооценувањето на плановите за пензија на Американците исто така покажува дека има големи загрижувања за подготвеноста за пензионерскиот живот. Според извештајот, 36 отсто од непензионираните возрасни Американци мислат дека нивната заштеда за пензија е на вистинскиот пат, додека 44 отсто велат дека не е на вистинскиот пат, а остатокот не се сигурни.

Нешто што не е изненадување е тоа што помладите Американци е поверојатно да немаат заштеди за пензионерските денови за разлика од повозрасните. Имено, 42 отсто од непензионираните возрасни лица помлади од 30 години истакнале дека немаат заштеди за пензионерските денови. Сепак, има и голем дел од повозрасните луѓе, кои се поблиску до пензија, а исто така немале заштеди. Поточно, 13 отсто од непензионираните испитаници постари од 60 години рекле дека немаат заштеди за пензионерските денови.


Недостиг на заштеди за пензионерските денови според возраста
Фото: Business Insider

Други извештаи покажуваат дека Американците се загрижени за нивните планови за пензионирање. Во неодамнешно истражување луѓето биле запрашани за финансиските цели и приоритети и 19 отсто од испитаниците истакнале дека доволно заштедени пари за да може да се пензионираат е нивниот врвен приоритет, но 39 отсто од таа група верувале дека всушност никогаш нема да ја постигнат нивната цел.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија