X
 06.11.2026 Живот

Марионка Стефанова на 78 години скокна со падобран, а веќе има летано со параглајдер и со спортски авион

Во семејството Стефанови љубовта кон височините, падобранството и адреналинските спортови е наследна. Јане Стефанов е инструктор за скокови со падобран и портпарол на Аероклубот „Скопје“. За него, падобранството е најдобрата спортска активност со која се занимавал во животот и во која го нашол својот совршен момент.

За да се стане падобранец, првиот критериум е желбата на поединецот, потоа доаѓа неговата возраст – треба да има најмалку 16 години, да има уверение од лекарски преглед во воздухопловна медицина и почетничка обука за падобранци. Ова се условите за првиот скок, иако се учи цело време, со што се зголемува безбедноста во скокањето.

Но, не е доцна да се почне и додека уживате во пензионерските денови, како што го направи тоа Марионка Стефанова, мајката на инструкторот Јане Стефанов. Марионка првиот скок си го подари за својот 70. роденден, кога во тандем полета заедно со својот син Јане Стефанов, инструктор по падобранство.

Осум години подоцна, Марионка, на 78 години, го повтори скокот и докажа дека освен синот Јане и ќерка му Неда, и таа е љубител на височините и дека никогаш не е доцна за нова авантура или исполнување на сонот.



Го прашавме Јане како ја наговорил мајка му да го направи првиот скок на 70-годишна возраст.

- Не ја наговарав, идејата беше нејзина. Ѝ се наближуваше јубилејниот роденден и ја прашав што сака за подарок. Таа побара скок од авион. Кога ја прашав зошто, ми одговори: „Со години те слушам како со восхит зборуваш за падобранството, па сакам и јас да видам дали навистина е така“. За среќа, набргу успеавме да се организираме и да ѝ ја исполниме желбата - открива Јане Стефанов за Факултети.мк.

Иако на 78-годишна возраст, за Марионка немало посебни подготовки за тандем-скок.

- Подготовката за тандем-скок е стандардна, но здравствената состојба се разгледува индивидуално. Поважни од самите години се општото здравје и подвижноста на човекот. Мајка ми е здрава, активна и во добра физичка форма. Секој што има хронична болест, претходна повреда или прима терапија, пред скокот треба да се консултира со својот лекар и да го информира инструкторот. Тоа важи за сите возрасти, не само за повозрасните - објаснува Јане.



Тој опиша какво е чувството кога некој скока од авион заедно со својот родител.

- Бев возбуден како и јас да скокам првпат. Најмногу ме интересираше дали ќе ѝ се допадне и дали ќе почувствува барем дел од она поради кое јас толку го сакам падобранството. Кога слетавме, сè ми кажа со зборовите: „Жал ми е што толку кратко траеше, не ми се слегуваше. И жал ми е што не почнав пред многу, многу години!“
Ние, децата, цел живот учиме од родителите. Убаво е кога понекогаш ќе ги смениме улогите и ќе им откриеме нешто ново, потенцира Стефанов.

Откако Марионка го повторила скокот, почнала да заговара нов скок за својот 80. роденден.

- Јас шеговито ѝ реков дека следниот е дури за стотиот, ама познавајќи ја, ќе мора да скокаме и на осумдесеттиот и на стотиот!
Не знам што ќе смисли следно - веќе има летано со параглајдер и со спортски авион. Што и да посакаат моите родители, ќе се обидам да им помогнам да го остварат. Тие секогаш биле многу добри родители. Мислам дека љубопитноста и желбата за нови работи не треба да имаат рок на траење. И во позрели години има место за нови искуства и остварување на соништата - истакна Стефанов и рече дека сѐ уште има по некој од семејството кој не скокнал со падобран.

- Голема ни е фамилијата! Досега сме скокале „само“ шестмина, вклучувајќи ме и мене - заклучи Јане.



Фото: приватна архива
Подготвил: Орце Костов

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот