X
 09.10.2026 Наука

Збогум на операциите за замена на зглобови? Научници открија начин за обновување на 'рскавицата

Научници од Универзитетот „Стенфорд“ открија начин да ги подмладат клетките на 'рскавицата и да поттикнат повторно создавање на оштетена 'рскавица во коленото. Откритието отвора можност во иднина остеоартрозата да се лекува без операција за замена на зглоб.

Истражувачите откриле дека блокирањето на протеинот 15-ПГДХ, чие количество се зголемува со стареењето, може да помогне во обновувањето на 'рскавицата.

Кај стари глувци, третманот ја обновил изгубената 'рскавица, а исто така помогнал да се спречи развојот на артроза по повреди на коленото слични на кинење на предниот вкрстен лигамент кај луѓето.

Интересно е што позитивен ефект бил забележан и кај човечко ткиво. Примероци од 'рскавица земени од пациенти што оделе на операција за замена на коленото, по третманот почнале да создаваат нова, функционална 'рскавица.

Како настанува остеоартрозата?


Остеоартрозата е заболување при кое 'рскавицата постепено се оштетува. Тоа предизвикува болка, оток и отежнато движење. Денес лекувањето главно се насочува кон ублажување на симптомите, а кога оштетувањето ќе стане сериозно, понекогаш единствено решение е хируршка замена на зглобот.

Научниците од „Стенфорд“ се насочиле кон протеинот 15-ПГДХ, кој се зголемува со возраста и придонесува за постепено губење на функцијата на ткивата.

Првично се сметало дека за обновување на 'рскавицата се потребни матични клетки. Но, истражувачите откриле нешто поинакво: постојните клетки на 'рскавицата, наречени хондроцити, можат да ја променат активноста на своите гени и да се однесуваат како помлади клетки.

Кај старите глувци, количеството на 15-ПГДХ во 'рскавицата било речиси двојно поголемо. Кога научниците го блокирале овој протеин со лек, 'рскавицата повторно почнала да се задебелува. Важно е што се создавал видот 'рскавица што е потребен за нормално движење на зглобовите.

Истражувачите провериле и дали третманот може да спречи остеоартроза по повреда на коленото. Кај глувците што добиле повреда слична на кинење на предниот вкрстен лигамент, лекот значително го намалил ризикот од развој на остеоартроза.

Исто така, третираните глувци се движеле понормално и повеќе се потпирале на повредената нога отколку оние што не го примиле третманот.

Кога ги испитувале клетките, научниците откриле дека третманот ги променил нивните гени. Клетките што биле поврзани со оштетување на 'рскавицата се намалиле, додека се зголемил бројот на клетки поврзани со создавање здрава 'рскавица.

Со други зборови, третманот изгледа дека ги „турка“ старите клетки повторно кон помлада и поздрава состојба, без потреба од матични клетки.

Охрабрувачки резултати и кај луѓето


Научниците потоа испитувале примероци од 'рскавица земени од луѓе со артроза кои биле подложени на операција за замена на коленото.

По една недела третман со блокаторот на 15-ПГДХ, клетките поврзани со оштетување на 'рскавицата се намалиле, а примероците почнале да создаваат нова 'рскавица.

Сепак, научниците нагласуваат дека сè уште не може да се каже дека овој третман ќе ја обновува 'рскавицата или ќе ја спречи остеоартрозата кај луѓето. Досегашните резултати се добиени кај глувци и во лабораториски примероци од човечко ткиво, па потребни се клинички испитувања за да се утврди дали методот е безбеден и ефикасен.

Ако се покаже дека функционира и кај луѓето, во иднина може да постои лек во форма на таблети или инјекција што ќе ја обновува оштетената 'рскавица и ќе ја намали потребата од замена на коленото или колкот.

Извор: Sciencedaily.com
Фото: Magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука