X
 03.11.2026 Живот

Како да препознаете психопат на работното место?

Повеќето од нас имале колеги со кои е тешко да се работи. Тие можат да постапуваат импулсивно, да бидат манипулативни или дури и отворено да лажат за да напредуваат во кариерата. Но, како можете да ја препознаете разликата помеѓу непријатен колега и некој што покажува психопатски црти?

Џерајнт Андерсон, поранешен банкар од Лондон кој станал писател, вели дека бил проценуван од клинички психолог кој му кажал дека можеби има „ситуациска психопатија“ за да успее во суровиот корпоративен свет.

- Морав навистина да станам некаква полоша верзија од себеси за да успеам во таа средина - вели тој.

Андерсон вели дека некои современи работни места ги наградуваат психопатските црти. Тој работел 12 години како аналитичар во финансискиот округ во Лондон и заработил милиони фунти пред да ја напушти работата пред финансиската криза во 2008 година.

- Финансискиот сектор во Лондон го наградува тоа однесување од таканаречената „темна тријада“ - да се биде исклучително самоуверен, да се има способност за контролирање и манипулирање со другите, да не се влегува емотивно во одлуките и да се биде одлучен. Се приспособив за таа средина и почнав да ја извлекувам најлошата страна од себе - вели тој.

Дали можете да препознаете психопат?

Психопат е лице со антисоцијално растројство на личноста, што е повеќе состојба отколку клиничка дијагноза. Луѓето со вакви растројства размислуваат и постапуваат поинаку од другите и, меѓу другото:

- ги искористуваат или ги манипулираат другите;
- немаат чувство на каење или грижа на совест;
- се однесуваат неодговорно;
- имаат тешкотии во одржување долгорочни врски;
- не можат да го контролираат својот гнев;
- немаат чувство на вина и ги обвинуваат другите за проблемите во сопствениот живот.

Откако Андерсон влегол во бизнисот, успехот му станал опсесија, а бонусите станале начин да измери колку  успешно суштество бил. Таа бројка му овозможувала да се споредува со луѓето од другите банки и ја поттикнувала неговата компетитивност.

Тој верува дека некои од цртите што му помогнале да се искачи на хиерархиската скала биле токму оние што се поврзуваат со психопатијата.

- Имав одредена доза на бестрашност. Имав и површински шарм. Не ме погодуваа многу емотивно работите што се случуваа на берзата - вели тој и додава дека многу од цртите што ги поседуваат психопатите се оние што корпоративната средина ги наградува и се исклучително корисни за високи позиции во финансискиот сектор.

Тој истакна дека најважната работа кога станува збор за психопатите е следнава: - Не треба да ги унапредувате, не треба да стапите во брак со нив и не треба да гласате за нив.

Роберт Сноуден, психолог од Универзитетот во Кардиф, ја проучува психопатијата околу 25 години и соработувал со Роберт Хеар, креаторот на контролната листа за процена на психопатија. Таа се состои од 20 прашања, каде што секое носи од 0 до 2 поени, со максимален резултат од 40 поени.

Сноуден вели дека повеќето луѓе имаат под 5 поени, додека 25 или повеќе поени обично е прагот за психопатија.

Андерсон за себе проценил дека има околу 8 поени.

- Психопатијата е на скала на која можам да ве сместам вас, а можам да се сместам и самиот себе. Тие можат да бидат многу силни и, на некој начин, да бидат добри лидери, но има многу недостатоци во нивното лидерство бидејќи сè се врти околу нив, а не околу другите луѓе - вели Сноуден и додава дека основната црта на психопатијата е тој недостиг на емпатија за другите луѓе. Повеќето психопати никогаш не убиваат никого. Но, тие можат да ги искористуваат другите луѓе, да профитираат од нив и да не им е грижа за другите.

Некои корпоративни средини можат да бидат привлечни за луѓето со психопатски црти бидејќи од нив често се бара да не чувствуваат емпатија кон другите и да се фокусирани исклучиво на правење пари.

Не постои третман за психопатијата бидејќи психопатите често веруваат дека сè е во ред со нив.

Андерсон неодамна бил проценет од Кери Дејнс, консултант и форензички психолог, која заклучил дека тој не е психопат.

Дејнс рече дека тој можеби станал „ситуациски психопат“, приспособувајќи го своето однесување за да успее во средина што наградувала сурова амбиција. 

И покрај брзото искачување во финансиските кругови во Лондон, Андерсон вели дека се разочарал од лакомоста, непромисленото преземање ризици и прекршувањето на правилата во индустријата.

Тој замина и стана анонимен колумнист под псевдонимот „Сити бој“. Подоцна, од колумните ја направил книгата „Сити бој“, која е продадена во повеќе од 400.000 примероци.

Тој неодамна ја објави и својата петта книга, во која истражува како усвојувањето психопатски црти може да им помогне на луѓето да се искачат на корпоративната скала.

Извор: BBC
Фото: Magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот