11.08.2026
Колумни
Колумна: Модерен свет и стил по мерка на времето и предизвиците
Летово за време на мојот одмор во Шпанија, на Балеарските острови, имав можност да го видам и доживеам младиот свет и нивниот стил и начин на живот. Споредбено со нашата младина, нема баш некоја голема разлика, но сепак во нешто се разликува од шпанскиот свет. Тука не е во прашање само забава, уживање итн. ами се работи и за висок степен на култура и развиена цивилизација. Го насловив како модерен свет и стил, затоа што ете колку да се трудиме некои работи да се променат (сѐ уште мислам дека промени може да има), сепак сфаќаме дека се работи за поинаков стил на живеење размислување и функционирање наметнат од новото технолошко развиено време, предизвиците кои се дел од самиот живот и секако од личната свест и совест за промена. Навики и однесувања кои ќе продолжат да се надградуваат во иднина затоа што тие веќе стануваат тренд. И тука нема што да забележуваме, тоа е веќе нормално.
Три клучни појави типични за Шпанија
Можам да споделам само позитивни впечатоци за шпанскиот народ, затоа што важат за убави и разбрани луѓе. Меѓутоа сепак има некои моменти кои ги забележав. Враќајќи се од плажа, на сред ден некаде на пладне, во околните барови подзастанав и се насмеав гледајќи го младиот свет како максимално се забавува со тоа што млади девојки качени на шанк танцуваат, играат, се веселат на гласната музика која што ја правеше атмосферата да биде весела, а останатите со раце кренати, радосен глас, пијачки во раце го загреваа адреналинот. Сите среќни, задоволни, распеани ја доловуваа музичката магија и ритамот кој беше во нивен стил. Не се зачудив, напротив сфатив дека тоа е секојдневие и тука нема нешто невообичаено. Млад свет се забавува, ужива, живее. Забележав дека тоа може да трае неколку саати, можеби цел ден, а можеби до раните утрински часови. Ноќните забави се посебна приказна затоа што значат живот за секое островско подрачје, поготово тоа важи за островот „Ибица“. Нормално не беа само околните жители, во „Палма де Мајорка“ беше преполно од туристи поготово млади парови дојдени ширум светот. Заклучив дека едноставно се прилагодуваш на младиот свет донекаде оправдувајќи го затоа што сепак е летна сезона на одмори и на забави. Буквално секоја минута се користи за да се биде опуштен и исполнет. И нашата македонска младина во овој поглед донекаде е слична на шпанската, со разлика што шпанците се посебно внимателни во нивната култура и одговорен пристап ако нешто ги запрашаш, или ти треба помош, значи во таа смисла се високо и квалитетно цивилизирани. Ги има и кај нас, ама поретки се.
Друго нешто што забележав и што ме изненади за време на плажа на островот „Ибица“ е како дел од женскиот свет без градници слободно и опуштено се сончаше на плажа и се капеше во морето пред толку многу свет. Веројатно станува нормална појава, но ете постои. Значи дел од женската популација, кои сами, кои со пар без никаков проблем се сончаа само со купачи, или долна облека. Штом е дозволено, нека уживаат, што друго може да се каже. Ете и тоа е модерен тренд на шпанските плажи. Си велам дека кај нас се уште не дошла таа мода, или којзнае можеби е присутна. Реалност без лимит и правила за која нема закон. Сепак сметам дека приватноста е лично право и треба да се чува. Никој нема право да го осудува или исмејува другиот, затоа што секој знае како се чувствува и како му е во животот. Така што оваа појава ќе ја прифатам само како лична одговорност и свест.
Трета и последна работа што имав можност да ја видам, а тоа беше на островот „Ибица“ што важи за престолнина на забавите, ноќниот живот, но исто така и на најубави плажи и богата историја. Таму, денски можат да се забележат млади девојки кои на 39+ степени носат чизми и се движат во градот подготвувајќи се да се забавуваат во дискотеки и барови. Модерни, кожни чизми во комбинација со маички на кимоно. Тоа би дошло две годишни времиња во еден човек на сред лето. За мене чудно, за нив вообичаено. Љубопитен од самата појава ги запрашав околните гардисти од обезбедување кои ги има скоро на секој ќош по улиците, а кои се толку одговорни и секоја им чест, ве прашуваат на секое поминување покрај нив дали ви треба некаква помош. Одговорот што го добив е дека тоа бил локален начин на живот и забава и дека така се носеле и оделе девојките со чизми, што било многу нормално. Се заблагодарив и го прифатив тоа како нормално секојдневие таму. Инаку раздвиженоста по градот (кој се состои од стар дел и нов дел) и собирите за забави ја има во текот на денот, а масовно започнува некаде помеѓу 17:00 – 18:00 ч. и трае до раните утрински часови. Се изненадив, ама сепак се работи за друг свет и навики се во прашање. Додека се возев со такси со моите сопатници, ја запрашав таксистката за животот на „Ибица“, а таа се насмеа и додаде дека нема спиење таму поготово навечер и во ноќните часови. Мислам дека се разбравме и сфатив дека тоа е традиција таму и ќе продолжи да живее. Ако сакате максимални и посебни забави, ќе ги најдете на „Ибица“. Имаме забави и ние, ама во малку подруг стил. Секоја забава за младите е посебно доживување, ама сепак добро е да се има ред и контрола.
Направив една шпанско-македонска паралела во начинот на живот и стил поготово на младите таму и ваму, затоа што тоа е дел од мојата професија и ме заинтересира. Има предности, има и недостатоци, сепак е тоа начин и стил на живот кој не може никој да го смени затоа што ќе има уште многу предизвици во иднина. Посакувам младината во тој модерен свет да остане позитивна и насмеана и да не се изгуби, односно да се чува и да биде внимателна. За крај на овој мој осврт ќе кажам дека пред почетокот сме на уште една нова учебна година и потсетувам дека сепак треба нешто да се прочита и да се биде подготвен за новиот школски почеток. И воопшто на младите им посакувам да читаат разноразна белетристика што им е од интерес. Има време и за социјалните мрежи и за забави... Нека се практикува и нека зачестува овој тренд за читање и уживање во него оти само на тој начин ќе го надградуваме речникот и стилот на изразување и ќе бидеме доказ на културни и паметни луѓе кои лесно и едноставно ќе можат да се вклопат и ограничат во секое друштво, па и во секоја институција. Паметно и одговорно младино и среќно со новиот школски почеток!
Пишува: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик