X
 11.11.2022 Живот

Мапа покажува каде се наоѓаат најголемите загадувачи во светот

Со податоци за товарни бродови, нафтени полиња, места за добиток и многу повеќе, мапата може да им помогне на бизнисите, инвеститорите и креаторите на политиките да знаат кои локации прво да ги таргетираат за да ги намалат емисиите.

Една фабрика за челик во Џиангсу, Кина, испушта 43 милиони тони јаглерод диоксид секоја година - повеќе од цели земји како Мадагаскар или Никарагва. Тоа е еден од повеќе од 70.000 индивидуални извори на климатско загадување наведени на новата мапа направена од она што сега е најголемата, најдетална база на податоци за емисиите на стакленички гасови во светот.

- Не можете да ги менаџирате емисиите ако не знаете од каде доаѓаат - вели Гевин Мекормик, основач и извршен директор на „Ваттајм“, еколошка технолошка непрофитна организација која е дел од коалицијата на организации, научници за податоци, истражувачи и вештачка интелигенција.

Специјалистите наречени „Клајмет трејс“ ја направиле базата на податоци која вклучува сè: од товарни бродови до депонии - најголемите климатски загадувачи во производството на енергија, транспортот, отпадот, земјоделството и тешката индустрија.

Земјите честопати бавно ги објавуваат податоците за емисиите, така што информациите може да бидат застарени до моментот кога ќе бидат достапни, па дури и официјалните извештаи за емисиите може да бидат неточни. „Клајмет трејс“ ги прави најдеталните пресметки можни за секој извор. На пример, кај сточарите, каде што има емисии на моќниот стакленички гас метан, тие користат сателитски податоци за да ја измерат големината на објектот, а потоа користат алгоритам за да идентификуваат дали се работи за работа со млечни производи или говедско месо, па се проценува бројот на крави. Тоа се множи со процената на емисиите по крава за таа локација.

mapa
Фото: Climate Trace/Screenshot

На полињата со нафта и гас, најголемите загадувачи на мапата, тимот користел детални модели засновани на податоци, вклучувајќи волумен на нафта и гас, техники на производство и сателитски податоци за истекување на гас. Емисиите во еден објект може да бидат 10 пати повисоки од друг во иста големина, поради тоа како се управува со таа локација.

- Прецизирањето на оние капацитет кои се истовремено со висок интензитет и висок обем, им дава на бизнисите, инвеститорите, креаторите на политики и потрошувачите јасна индикација за тоа што прво треба да се таргетира за намалување на емисиите и деактивирање - вели Дебора Гордон, директорка во непрофитната „Ар-ем-ај“, која ја води работата во секторот за нафта и гас за „Клајмет трејс“.

- Инвеститорите што сакаат да ги намалат емисиите во нивното портфолио можат да ја користат базата на податоци за да го проценат јаглеродниот отпечаток на објектите во кои би можеле да инвестираат - вели Мекормик.

Креаторите на политиките можат да ја користат за да ги пронајдат најголемите извори на емисии во нивната област, а со тоа и местата што треба прво да ги таргетираат додека се обидуваат да ги постигнат целите за намалување на емисиите. Секој може да ја искористи за да ги најде најголемите загадувачи во сопственото соседство и да бара одговорност.

ТУКА можете подетално да ја погледнете мапата.

Извор: Fast Company
Фото: Climate Trace
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот