X
 12.01.2020 Живот

Хрватски рибар нашол уред на НАСА и не сака да го врати додека не му платат

Екипажот на рибарскиот брод „Мариан II“ од длабочина од 140 метри повлекол уред кој им ја скинал мрежата. Уредот го „уловиле“ меѓу островот Млет и островчето Свети Андрија, Хрватска.

Властите не соопштиле ништо, но неофицијални информации има насекаде. Рибарот Дарко Кунац-Бигава потврдил дека со радиоврска го контактирале преку ВХФ-канал 16 од американски воен брод и дека си го барале уредот назад. Тоа би била и првата потврда за потеклото на пронајдената воена „играчка“.

- Ми се јавија преку ВХФ. Со нив е хрватската крајбрежна стража. Бараат да им го вратам, а јас не го давам додека не се исплати штетата - вели рибарот.

Според него, уредот му направил штета од околу 20.000 куни. На Бигава му се јавил и пристаништен капетан, врз кого, наводно, се врши притисок да го замоли рибарот да го врати уредот.

- Повторно ме бараа на радиостаница, па на крај и на мобилен. Зборував со нашите луѓе, мислам дека еден од нив е поручник на корвети. Повторив дека не им давам ништо без отштета! Рекоа дека ќе се јават. Потоа се јави пристанишниот капетан од Дубровник, и нему му се јавиле и му рекле да го вратам тоа и дека ќе ми ја надоместат штетата. Не сакав да се согласам на никакви ветувања, туку јас ќе им го дадам уредот ако ми платат веднаш бидејќи штетата не е мала. Рекоа дека заповедникот има пари - вели Дарко.

Фото: Morski.hr

Рибарот вели дека Американците му го знаат и прекарот Бигава.

- Ме малтретираат психички. Освен моето име и презиме, слушнав дека го споменуваат и прекарот Бигава, значи читале што пишуваше на порталите. На крајот ми рекоа дека заповедникот има долари на бродот, па им одговорив дека морам да пресметам колку долари се тоа. Најмногу ме растажи што на телефон ми се јавува хрватски офицер од крајбрежната стража од палуба на странски брод и на крајот ми вели: „Ајде, јавете ми да не трошам импулси“ - вели Кунац.

Хрватските медиуми пренесуваат дека во меѓувреме добиле документ во кој се потврдува дека уредот стасал во Хрватска во ноември и тоа од адреса на американскиот вселенски центар „Стенис“.

Американците, а со тоа и клучните хрватски служби, според пишувањата, се запознаени со причините зошто уредот е таму, но не можат да го коментираат тоа за медиумите. Неименувани извори истакнале дека на адресата на испраќачот е поморски тактичко-заповеден центар, кој е сопственик на уредот.

На фотографијата може да се види бројот на пратката, кој одговара на оној на налепницата на уредот пронајден во морето кај Млет. Во документот може да се види од каде е пратена пратката, каде патувала и кога стигнала.

Наведениот пакет патувал со ДХЛ, што може да се провери и по бројот на пакетот.
Фото: Morski.hr


Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот