X
 20.03.2023 Живот

За готвач нудам плата од 2.000, а за келнер над 1.000 евра, но никој не сака да работи, се жали угостител од Истра

Во хрватските медиуми сè почесто може да се видат огласи со кои се бараат сезонски работници. Најбарани се готвачите, келнерите, собарите... Според тамошните медиуми, работодавците во туризмот никогаш порано не почнале да бараат сезонски работници, нудат услови кои никогаш не биле подобри, а епилогот од иселувањето и долгогодишната потплатеност на туристичките работници е тоа што на Јадранот летово за гостите ќе се грижат толку голем број странци.

Минатата година во Хрватска само до септември биле ангажирани повеќе од 95.000 странски работници, од што во туризмот речиси третина, а годинава тие бројки би можеле да бидат само поголеми. Се очекува многу добра сезона, многу повеќе гости од лани, па ланските 52.000 сезонски работници веројатно нема да се доволни.

Угостител од Истра, чиј објект работи добро во текот на целата година, го споделил своето искуство во кое барал повеќе работници - готвач, келнери, сервирачи и помошници-готвачи. Опишувајќи ги средбите со кандидатите, добил чувство дека станува збор за луѓе кои бараат работа, а го молат Бог да не ја најдат.

Вели дека од 25 невработени за работните места, преку Заводот за вработување се јавиле само четворица, и тоа само за да добијат потврда дека се јавиле.

- За готвач нудам плата од 2.000, за келнер повеќе од 1.000 евра, а за сервирач и помошник-готвач платата е илјада евра - вели тој.

Но, одговорите на кандидатите се свеле на тоа дека или не се заинтересирани за таа работа или, пак, работат во странство и моментално статусот на невработени лица им одговара. Работодавецот вели дека имал впечаток дека на интервјуто отишле само за да добијат печат.

Минатата година во секторот туризам во Хрватска работеа 20.000 домашни и 32.000 странски сезонски работници. Годинава, според процените на тамошните здруженија, ќе бидат потребни од 57 до 60 илјади сезонски работници.

Извор: Vecernji
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот