X
 12.04.2018 Образование

Училиштата во 21 век во Македонија: Во 30 нема санитарни јазли, 440 немаат библиотеки

Обемната анализа за инфраструктурен развој и техничко-технолошка опременост во основните училишта на Здружението на млади аналитичари и истражувачи (ЗМАИ) од Скопје содржи податоци собрани од 799 основни и подрачни училишта во Македонија.

Училиштa без тоалети, вода, библиотеки, спортски сали, интернет, телефон, компјутери, кујна... Во 21 век во Македонија има многу вакви училишта, особено во руралните средини, а такви се и подрачните училишта во кои нема елементарни услови за настава.
Ова го потврди и истражувањето на Здружението на млади аналитичари и истражувачи (ЗМАИ) од Скопје. Обемната анализа за инфраструктурен развој и техничко-технолошка опременост во основните училишта содржи податоци собрани од 799 основни и подрачни училишта во Македонија. Поголем дел од училиштата, односно 498, се подрачни, а 301 - основни. Пелагонискиот Регион има најмногу подрачни училишта. Училиштата се категоризирани и како рурални и урбани.

Анализата покажува дека на ниво на Македонија имаме 578 рурални и 221 урбано училиште. Состојбите со инфраструктурниот развој и техничко-технолошката опременост во училиштата е многу подобра во основните за разлика од подрачните училишта. Полоши услови, пак, има во руралните средини.
- Училиштата од руралните средини во просек имаат пониско ниво на инфраструктурен развој во споредба со училиштата од урбаните средини - пишува во извештајот.



Во 40 проценти од училиштата нема интернет

Од добиените податоци, 534 или 66,8 проценти од испитаните основни и подрачни основни училишта се активни интернет-претплатници. Во Скопскиот Регион 94 проценти од основните училишта се интернет-претплатници, додека најнизок процент има во Југоисточниот Регион, односно 70 проценти. Кај подрачните училишта само 40 проценти се претплатници во Југоисточниот Регион.
- Немањето интернет во 40 отсто од училиштата е навистина вџашувачко и ова треба најбрзо да се реши - изјави Борис Џартов од ЗМАИ на вчерашното презентирање на извештајот.

Ова истражување покажа и дека во Македонија има училишта без училишна библиотека. Такви се 440 основни и подрачни училишта.
Во 30 основни и подрачни училишта во Македонија нема санитарни јазли. Поради тоа, здравјето на децата е изложено на ризик. Според проекциите на ЗМАИ, за да се изградат тоалети во овие училишта, потребни се 378 илјади евра.


Полско веце во рурално училиште

Кај категоризацијата дали училиштето е урбано или рурално, утврдено е дека просечниот број на санитарни јазли кај урбаните основни училишта е 13,19, додека кај урбаните подрачни училишта е 3,13 санитарни јазли. Просечниот број на тоалети кај руралните основни училишта изнесува 5,57, додека кај руралните подрачни овој број е 2,07.

- Од испитаните училишта на ниво на Македонија се идентификувани две основни и 28 подрачни училишта без санитарни јазли, што е поразителен податок. Вкупно 1.335 ученици учат во овие училишта – рече Џартов од ЗМАИ.
Општина со најголем број училишта што не поседуваат санитарни јазли е Старо Нагоричане со 6 подрачни училишта. Општини со подрачни училишта без санитарни јазли се и Струмица со 1, Струга со 1, Сопиште со 2, Росоман, Маврово и Ростуше со по едно. Во Куманово 4 училишта немаат тоалети, едно нема во Кривогаштани, 3 во Кичево, 4 во Зелениково, 2 во Желино, 1 во Гостивар и 1 во Боговиње. Идентификувани се две основни училишта што не поседуваат санитарни јазли во општините Врапчиште и Желино.



Во Арачиново има 8 компјутери за 1.758 ученици

Општо познато е дека подовите најдобро се одржуваат чисти со машини за чистење подови. Тие се мисловна именка за нашите училишта. Утврдено е дека просечниот број машини за чистење подови во училиштата на ниво на Македонија е 0,1. На секое 10. училиште има по една ваква машина. Ниту една машина за чистење подови нема во 246 основни и во 483 подрачни училишта.
- Исто така, важно е да се забележи дека помеѓу основните училишта во руралните средини за разлика од основните училишта во урбаните средини има помали разлики од аспект на инфраструктурниот развој. Највисоко ниво на релативен инфраструктурен развој од оваа категорија на основни училишта се забележува кај основното училиште во Општина Дебарца, додека релативно најнизок степен кај основното училиште во Општина Пласница каде што нема ни еден спортски терен, спортска сала, кујна, подрум, интернет, а има премал број на училници и кабинети во однос на бројот на ученици, пишува во извештајот.


Библиотека во рурално училиште

Кај училиштата во руралните средини, исто како и кај училиштата од урбаните средини, може да се забележат поизразени разлики во технолошкиот развој на ниво на општина. Oд основните училишта во руралните средини највисока вредност на пресметаниот индекс за технолошка развиеност има основното училиште во Сопиште каде што, според податоците добиени од училиштето, има 56 компјутери за 137 запишани ученици. Училиштето во Сопиште располага со смарт-табла, магнетни табли, графоскопи, проектори, видеоопрема и музички системи. За споредба, во најмалку развиеното училиште кое се наоѓа во Општина Арачиново има 8 компјутери за 1.758 запишани ученици. Ова училиште во Арачиново нема магнетни табли, смарт-табла, музички системи, ни видеоопрема.


Вкупно 105 основни училишта се и без фискултурни сали, па голем број ученици нема каде да ги одржуваат часовите по физичко образование. Анализата покажа и дека голем број училишта немаат училишни кујни и трпезарии, па поради ова не може да се организира продолжен престој за учениците.
Податоците за оваа анализа се прибирале од 21 ноември до 21 декември од училишта од 80 општини во Македонија. Taa дава препораки за надлежните институции, а има едно поглавје за тоа колкави инвестиции се направени во последните 10 години, како и процена за потребните инвестиции за да се решат недостатоците.

Линк до целата анализа
Подготвил: Милена Атанасоска-Манасиева / milena.atanasoska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование