На Универзитетското државно првенство во стрелаштво со воздушна пушка 2026, во организација на Универзитетската спортска федерација на Македонија, со речиси 400 учесници и одлична енергија, голем успех постигнаа студентите од Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола. Ирина Јованоска, студентка на ФИКТ, го освои првото место во женска конкуренција. Таа не е само врвен стрелец – таа е пример како страста и дисциплината одат рака под рака. Нејзината победа е круна на долгогодишна работа, но и мотивација за нови генерации – особено за девојките кои сè повеќе го освојуваат овој спорт.
Која е Ирина Јованоска?
Jас сум 22-годишна студентка во четврта година на Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ), но мојот пат е неразделно поврзан со стрелиштето уште од мојата седма година. Приватно, јас сум некој што сака организација и технологија, но на стрелиштето сум личност која бара апсолутен внатрешен мир. Овој спорт е моја пасија повеќе од 15 години и ме обликуваше во личноста која сум денес.
Што за тебе значи освојувањето на првото место во ваква силна конкуренција?
Оваа победа за мене има емотивна и симболична вредност. Поминав низ сите образовни етапи како победник, бев прва претставувајќи го основното училиште од шесто до деветто одделение, потоа го држев приматот низ сите четири години во средно образование, и сега, ова прво место за универзитетот е како круна на еден долг циклус. Но, она што најмногу ме израдува е масовноста. Беше прекрасно да се видат студенти од сите факултети, а особено ме мотивираше големиот број девојки кои покажаа дека овој спорт има светла иднина.
Што те мотивира да продолжиш да се натпреваруваш и да напредуваш?
Ме мотивира самиот спортски дух. Стрелаштвото не е само хоби, туку дел од мојот идентитет без кој не можам да се замислам. На секој натпревар, без разлика на исходот, се учи нешто ново што потоа се применува за личен напредок. Во овој спорт најголемата борба е онаа со самиот себе - да бидеш подобар од тоа што си бил вчера.
Кои се твоите следни цели во стрелаштвото и студиите?
Во стрелаштвото целта останува иста: висок пласман на државно ниво и уште повеќе меѓународни настапи. Што се однесува до образованието, по дипломирањето планирам да ги продолжам студиите на мастер-програма, исто така во Македонија, надградувајќи го моето знаење во ИТ-секторот.
Дали размислуваш за настапи на меѓународни натпреварувања?
Веќе имам искуство зад границите, каде што со гордост ги бранев боите на МССФ и на нашата земја. Како најдраги успеси би ги издвоила второто место во Благоевград, Бугарија, како и првото и третото место во Кикинда, Србија, покрај многу други меѓународни натпревари на кои сум учествувала. За сите овие резултати сум му неизмерно благодарна на мојот тренер Трајче Дамевски, како и на Македонската спортска стрелачка федерација (МССФ) и претседателот Јордан Тасевски. Нивното неуморно вложување во нас, стрелците, е причината што македонското стрелаштво чекори рамо до рамо со светските стандарди.
Кога не си на стрелиште, како го поминуваш слободното време?
Моите денови се доста исполнети и ретко имам многу слободно време. Кога не тренирам, се релаксирам во сала за да ја одржам физичката подготвеност, која е клучна за стабилноста при пукањето или го поминувам времето со семејството и пријателите. Тој баланс помеѓу физичката активност и социјализацијата ми е многу важен.
Имаш ли некој ритуал пред натпревар?
Мојот ритуал е тишината. Натпреварите се претежно за викенд, па петокот е мојот ден за изолација. Не излегувам, ги исклучувам екраните и слушам музика што ме смирува. Музиката е мојот најдобар пријател и на самото стрелиште, таа ми помага „позитивната трема“ да ја претворам во фокус.
Кој е твојот најомилен момент досега од спортската кариера?
Најмногу уживам во финалињата, моментот кога се борат најдобрите осум за медал. Тогаш адреналинот е на врв, концентрацијата е максимална и секој истрел мора да биде совршен. Сепак, би го издвоила и овој последен натпревар бидејќи беше прекрасно да се видат толку многу млади луѓе како уживаат во стрелаштвото.
Што најчесто ти помага да се „ресетираш“ по напорен ден?
По долги предавања и тренинзи, најдобро се релаксирам со пријателите преку онлајн коопертивни игри, гледање некоја добра серија или едукативни видеа кои ми го одвлекуваат вниманието од секојдневните обврски.
Ако не се занимаваше со стрелаштво, со кој спорт би се обидела?
Ова е тешко прашање бидејќи стрелаштвото е мојот прв и единствен избор досега. Но, ако морам да одбирам, веројатно би се пробала во биатлон бидејќи ги комбинира физичката издржливост и прецизноста.
Што би им порачала на младите што сакаат да се занимаваат со спорт паралелно со студиите?
Нема да лажам, почетокот беше тежок. Првата година на факултет беше најголемиот предизвик - нова средина, многу нови обврски. Но, токму тука помага спортот. Стрелаштвото ви дава дисциплина која несвесно ја пренесувате во учењето. Дури и во најтешките испитни сесии, тренингот ми е ,,вентил“, место каде што умот се одмара за потоа да се вратам на учењето со многу повеќе енергија. Спортот ве учи на издржливост и како да се справите со падовите и стресот. Преку стрелаштвото учите дека емоциите не смеат да ве совладаат; се учите на сталоженост која подоцна ви помага во секоја животна ситуација. Не дозволувајте факултетот да биде изговор за откажување од она што го сакате. Напротив, хобито и спортот се тие што ќе ви помогнат да го издржите студентскиот притисок. Кога имате активен спортски живот, вие веќе имате предност, научени сте на ред и истрајност, а тоа е клучот за секој положен предмет и успешна испитна сесија.
(Комерцијална објава)