X
 12.06.2015 Образование

Писмо од факултетски професор: "Предавањето филозофија денес е з*ебана работа"

„Vice“ неодамна објави писмо од професор по филозофија на Филозофскиот факултет во Нови Сад. Во него се препознава една позната ситуација - предавање филозофија на студенти кои никогаш нема да ја употребат. Во продолжение следува целиот текст во превод.


„Веќе некое време на студентките и студентите од прва година по социологија на Филозофскиот факултет во Нови Сад им држам вежби на курсот кој се, благодарејќи на акредитацијата, нарекува Социјални теории. Тоа впрочем значи дека им предавам филозофија. А да се предава филозофија во денешно време и на денешните студенти е *бена работа. И притоа не мислам на трката по млади момци и девојки по филозофски школи и гозби од античка Грција додека се слави Ерос во теорија и пракса. Туку на хроничното незнаење, самозадоволната умисленост и акутната незаинтересираност со кои се доаѓа по високообразовна диплома, како да е во прашање 250 грама бурек. За овде или за носење, колега?

Имено, поради црната дупка наречена средно училиште, да се држи филозофија на прво место значи соочување со млади луѓе кои во животот не слушнале за Прометеј и Пандора или Парменид и Демокрит. Ниту за Конфуциј и Заратустра, Спиноза, Лок и Лајбниц, како ни за Коперник и Галилео. Додека Њутн им е некако сомнителен. Дали тоа беше оној што продаваше јаболки, една по една, па мудро се збогати? Премногу често, во прашање се професионални блеачи кои не ја разликуваат ренесансата од антиката, а средниот век од средниот прст. Кои без срам велат дека исламот е религија на Евреите, дека Француската револуција била за време на војната со Австро-Унгарија, а дека Аристотел предавал во Париз. Кои се, true story, убедени дека православната релизија ја измислил Мартин Лутер Кинг, затоа што папата не му дозволил да се разведе од некоја жена. Најчестите прашања на часот гласат: „Дали тоа ќе го има на испит?“ и „Можам во тоалет?“. А од љубопитноста ни трага.

И, им благодарам на загрижените родители на вниманието, не се работи за мојата лоша педагогија и скандалозната методика на наставата. Ни џонглирањето ни голтањето оган, со мајмун како демонстратор, не би им помогнале на многумина. Иако секогаш има сјајни и блескави исклучоци (и со самото тоа потврдувачи на правилата), воглавно во прашање е екипа на која здодевноста ѝ претставува начин на живот, а лајкот мерка за лична и колективна вредност. А изгубеноста во времето, просторот и смислата правило. И затоа е лесно да се гледаат студентите како амалгам засите од напалени навивачи и обложувачи, младина на владеечки политички странки, ентузијастки за вотка-џус на сепаре, модерни анархисти, НВО секташи, копии на естрадни примероци, измамници за здрав животен стил и секакви „алтернативи“, опсесивно-компулсивни инстаграмаџии и, над сè, хард-кор мрзи. Има и такви кои носат слики од легијата на Милорад Улемек во паричникот, а патријархот Павле во скриптите. Додека како врвна интелектуална цел гледаат споделување лажни изреки од Иво Андриќ. Предавањето за умот, идеите, материјата, есенцијата, егзистенцијата, категоричниот императив и нужноста за слобода тогаш пречесто ми делува бесполезно како и бесмислено.


Меѓутоа, поентата не е во сеприсутната затупавеност. Тоа и онака е како јаглерод - составен дел од животот и универзумот. 'Бисерите' и сличните анегдоти од часовите исто така не се мерка или кантар, иако за нив може да се напишат антологии и томови. А суштината посебно не е во старачкото жалење или во дефетистичката резигнација пред некаква неука, неморална и масовно произведена младина. Веројатно уште во 'Епот за Гилгамеш' има глинена плочка на која родителите зборуваат за тоа дека новите генерации ќе ја уништат цивилизацијата. Па таа сепак некако се држи. Не, поентата е токму филозофска и таа гласи: зошто уште филозофија? Ова прашање стои на моите усни пред, за време на и после секој проклет час. Освен тоа, и затоа е 'Митот за Сизиф' дел од задолжителната литература.

Значи, зошто уште филозофија? Зошто Филозофски факултет? Кому му е грижа за некаков Плато, Декарт и Кант со оваа невработеност? Кога на крајот на српскиот образовен пат повеќето ги чека кариера на келнер или продавач? И кој уште ќе ги разликува Анаксимен и Аанаксимандер кога Амадеус Бенд ја избриша новата песна на 'Ју тјуб'? Кога вистинските делови од студентскиот живот не се ниту водата, ниту воздухот, ниту огнот, туку шише вино во сепаре додека реалити-рпграмите ги кројат етиката и естетиката? Кога целите премногу оскудни пари се во рацете на корумпираните политичари, некакви програмери и компјутерџии, или пак лекари со работна виза за Германија и Норвешка? Што може да научиме од Епикур, Бејкон, Лок и Волтер? На спомнатиот курс по филозофија на кој обидувам некаков тренинг на умови (без тренинг на тело), едно испитно прашање гласи: 'Проблемот на индукција, каузалност и епистемолошки скептицизам на Дејвид Хјум'. Кому му е грижа денес за тоа? Па да се филозофира е и комплимент и навреда во српско-хрватскиот јазик. А и едниот Стивен Хокинг на конференција рече дека филозофијата е мртва. Навистина, зошто сè, ако Владата на Србија успешно нè убедува дека единствено штедливото и послушното работење е смисла на животот?

И тогаш сфаќам дека во таа погрешна логика се наоѓа дупка во која колективно сме паднати. И дека за неа не се виновни ниту незаинтересираните општествено-хуманистички студенти, ниту нивните заборавени асистенти и професори-диносауруси. Поради паланачките будалштини за 'мачкање на леб' и 'сипување во резервоар', проголтавме евтина мастика за некаква практичност, некакви мерливи исходи и компетенции, за 'премногу теориско знаење' и тешка училишна торба, за семоќната исплатливост итн. И без борба го предадовме мечот со разни технократи и самопрогласени експерти што умеат само да поправат компјутер. Со тоа само придонесуваме на опасната состојба во која филозофските факултети се засолниште за средношколците во состојба на неодолива леснотија на постоење - кои немаат поим што со себе, а родителите се упорни детето да им студира. Со тоа соучествуваме во неукиот, а популарен став дека филозофирањето е синоним за шега и невнимание.

А филозофијата е важна. И Филозофскиот факултет со неа. Имено, со филозофијата учествуваме во расправите за прашањата кои го мачеле човештвото илјадници години. Таа ни дава и храбри и креативни објаснувања за она како и зошто мислиме, сознаваме, набљудуваме, се однесуваме и сакаме. Што е мудро, што убаво, а што добро? И, по ѓаволите, ни нуди одговори на тоа кои сме и што сме. Не се ли потрагата по таа смисла пракса на откривањето на себеси наречени студиите? Сепак, и нашите лични и аматерски погледи на светот се во основа филозофски, само што не умееме тоа да го елаборираме. Барем не вешто како старите брадести мајстори. Бидејќи, ако сме сомничави, ете како споментиот Хјум. Или Аристотел кога во сè околу гледаме длабока причина. Платон ако веруваме во бесмртна душа и неважноста на материјалниот свет. Од друга страна, Холбах, ако сè ни е физичко и материјално, а боговите и душата ги сметаме за измислени.

Ако сме оптимисти, секогаш е тука Лајбниц. Ако инсистираме на почит на државата во која живееме, Хобс и Хегел. А ако не пали да живееме во склад со природата, ете го Русо. Маркс ако сакаме да срушиме сè и да започнеме од почеток. А ако тоа ни е бесмислено, Сартр. Конечно, филозофијата нуди и практични вештини од логиката и методологијата, од правилното заклучување и критичкото мислење - да не нè мамат со лагите за опасноста од вакцинацијата или би не лечеле со биоенергија. Малку ли е на оваа скапост?“

Алексеј Кишјухас


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование