X
 19.08.2015 Наука

ДНК-та наскоро би можела да ги замени дигиталните методи на чување податоци

Дигиталните методи за чување податоци и информации напредуваат со времето, но сепак постои еден начин на чување информации кој ги надминува сите методи создадени од човековата рака. Тоа е ДНК.


Научниците подолг период се обидуваат да откријат дали молекулите на ДНК може да се искористат за чување на надворешни податоци илјадници години. На 250-то состанок на Американското хемиско општество вчера, Роберт Грас од универзитет во Цирих претстави концепт за технологија која би можела да го овозможи ова.

Неговиот истражувачки тим успеал да шифрира ДНК со 83 килобајти текст. Грас изјави за медиумите дека брзо по откритието на структурата на ДНК, луѓето сфатиле дека природниот програмски јазик е мошне сличен на бинарниот кој го користиме во компјутерите.


Додека на компјутерите користиме нули и единици за претставување податоци, во ДНК има четири хемиски основи кои се меѓусебно споени. Со други зборови, во неа има четири букви наместо две бројки, но двата системи може да чуваат бесконечно комплексни пермутации на информации. Грас додава дека ДНК-та е многу, многу подобра во оваа функција.

Теоретски, делче од ДНК може да чува повеќе од 300.000 терабајти информации. Згора на тоа, ДНК-та може да трае стотици илјадници години.

Проблемот со кој се соочуваат научниците е фактот што архивите во ДНК сè уште не може да се користат за пребарување, ами само за чување. Меѓутоа, научниците се надеваат дека овие пречки може да бидат надминати наскоро, а тимот на Грас веќе работи на тоа.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука