X
 29.04.2015 Интервјуа

Интервју со Марко Чаласан, македонското чудо од дете

Марко Чаласан веројатно е најсаканото и најпопуларното дете во земјава. Сите го помниме како малото генијалче кое им предаваше на врсниците и поголемите деца да учат програмирање, додека паралелно собираше сертификати од „Microsoft“ и „Cisco“. Чаласан беше прогласен за шести најпаметен тинејџер во светот од страна на „Best schools“. Чаласан чита и пишува уште од своите две години, а англиски од своите четири. Зад него дури има и книга за инсталацијата на оперативниот систем „Windows 7“.

Марко беше гостин на последното издание на „Codefest“ во Охрид, кадешто бевме присутни и ние. Како вистински професионалец (иако има само 14 години) прифати да одговори на нашите прашања веднаш. Разговорот со него беше ни донесе повеќе работи: научивме нешто повеќе за технологијата, бевме инспирирани од неговата љубов, страст и посветеност кон она што го работи и бевме почестени да зборуваме со еден генијалец.



Д.П.: Кажи ми на што работиш во моментов?

Марко Ч.: Моментално работам на две нешта. Работам на еден проект поврзан со канадско-австриска фирма. Не можам да откријам многу детали засега, но тоа е нешто поврзано со „Google glass“. Се работи за понова технологија. Исто така, се приклучив на циклусот натпревари за програмирање во Македонија. Ова лето ќе одам на Јуниорската балканска олимпијада.

Д.П.: Ме интересира твоето знаење. Колку програмски јазици знаеш во моментов?

Марко Ч.: (брои) Знам да програмирам во најмалку пет програмски јазици.

Д.П.: Можеш ли да ни откриеш како учиш нов програмски јазик?

Марко Ч.: Па, најмногу со пракса.

Д.П.: На оние што учат во моментов би им препорачал да учат така?

Марко Ч.: Поточно, јазикот треба да се учи од книга, но не треба да се трудат да учат нешто што можеби нема да им биде потребно. Треба да научат како се програмира во повеќе програмски јазици. Тоа се некои основи. Но подеталните работи да ги учат кога ќе им биде потребна некоја функција.



Д.П.: Кој програмски јазик сметаш дека е најкорисен да се знае во моментов?

Марко Ч.: Зависи во која област сакате да работите. Впрочем, зависи од многу фактори. Но за новите програмери, кои не знаат програмски јазик и сакаат да започнат со програмирање би препорачал да научат јазик како Java или C#, но потоа сè зависи од насоката.

Д.П.: Мислиш ли дека секој може да програмира?

Марко Ч.: Да. Со доволно желба и доволно труд.

Д.П.: Во која компанија би сакал да работиш некогаш?

Марко Ч.: Изборот е помеѓу „Microsoft“ и „Google“. Таму ми се допаѓа работната средина и ми се допаѓаат технологиите кои што ги прават тие компании.



Д.П.: Што ти се допаѓа најмногу од модерната технологија, поточно од развивањето на технологијата?

Марко Ч.: Мислам дека не би можел да одвојам што ми се допаѓа најмногу од модерната технологија. Но ми се допаѓа тоа што технологијата сè повеќе се интегрира во нашето општество и технологијата сè повеќе станува дел од нас.

Д.П.: Доколку некогаш би имал стартап компанија, за што би била?

Марко Ч.: За почеток веројатно би сакал да имам стартап компанија за софтвер, за програмирање која би им помагала на корисниците на одреден начин.



Д.П.: Со што би се занимавал доколку не постоеја компјутерите?

Марко Ч.: Математика.

Д.П.: Дали размислуваш за студирањето (иако е рано за тебе)? Каде би се запишал на факултет?

Марко Ч.: Најверојатно би сакал да се запишам на Технолошкиот институт во Масачусетс (MIT).

Д.П.: Кој е твојот совет до студентите, особено средношколците? Што би им порачал?

Марко Ч.: Да не се нервираат за работите доколку нешто не им оди, туку само да ја следат својата страст. Да не се трудат премногу да бидат најдобри во сè, туку во онаа работа која им оди.

Фотографија: Petrovski Zvonko

Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Интервјуа