X
 06.02.2019 Наука

Прозорците ќе станат сончеви колектори

Истражувачите од Државниот универзитет во Мичиген развиле целосно транспарентни соларни панели кои може да имаат повеќе улоги во архитектурата и другите области, како мобилната електроника или автомобилската индустрија.

Истражувачите се обиделе да создадат ваков уред и претходно, но конечните резултати не биле задоволувачки.

Тимот создал транспарентен луминисцентен соларен концентратор наречен TLSC, кој ќе може да се постави како прозорец. Тој може да собере сончева енергија без да влијае на пренесувањето на светлината.

Технологијата користи органски молекули што ги апсорбираат брановите должини на светлината што не се видливи за човечкото око, како инфрацрвената и ултравиолетовата светлина.

- Можеме да ги приспособиме овие материјали да ги собираат само ултравиолетовата светлина и блиските инфрацрвени бранови кои потоа „сјаат“ на друга бранова должина во инфрацрвеното зрачење. Фатената светлина се транспортира до контурата на панелот, каде што се претвора во електрична енергија со помош на тенки ленти на фотоволтаични соларни ќелии - вели Ричард Лант, доцент по хемиски инженеринг и наука за материјали на колеџот за инженеринг на универзитетот.

Овие уреди би можеле да го извлечат максимумот од фасадите на зградите. Тие нема да влијаат врз архитектонскиот дизајн, туку ќе претставуваат поефикасна технологија. Исто така, можат да бидат интегрирани и во стари згради.

- Ако транспарентните ќелии се докажат како комерцијално одржливи, моќта што тие ја генерираат значително би го неутрализирала користењето на енергија во големите згради - вели Лант.

- Не велам дека би можеле да ја напојуваат целата зграда, но зборуваме за значително количество енергија, доволно за осветлување и работа на секојдневните уреди во домаќинството - вели тој.

Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука