X
 15.09.2026 Живот

ЕУ забранува состојка што многумина секојдневно ја користат, што поскоро исфрлете ја од домот

Европската Унија донесе одлука за целосна забрана на присуството на опасната хемикалија бисфенол А (БПА) во амбалажата за храна, која ќе се применува постепено. Откако веќе беше забранета во шишенцата за бебиња и во термалниот хартиен материјал, како што се фискалните сметки, новата регулатива би требало да спречи бисфенол А преку храната да навлезе во нашиот организам. На пазарот на ЕУ повеќе нема да смее да се продава амбалажа за храна произведена со употреба на БПА или слични бисфеноли. Оваа хемикалија претставува докажан ризик за имунолошкиот и хормонскиот систем, а научните студии ја поврзуваат со астма, автоимуни болести, дијабетес, неплодност и одредени видови карцином, пишува „Дојче веле“.

Бисфенол А е индустриска хемикалија која со децении се користи за производство на тврда и проѕирна пластика позната како поликарбонат, како и на таканаречените епоксидни смоли. Тие смоли се наоѓаат, на пример, во внатрешниот слој на конзервите за храна или лименките за пијалаци, каде што имаат клучна улога во спречувањето на ‘рѓосувањето на лимот и растворањето на металите кои инаку би преминале во храната. Освен во конзервите и лименките, БПА може да се најде и во пластичните фолии, печатарските бои и лепилата. Според податоците на еколошката организација БУНД, само во Германија годишно на пазарот се пласираат околу 410.000 тони од оваа супстанција, што сведочи за нејзината широка распространетост.

Забраната на ЕУ не се однесува само на амбалажата за еднократна употреба, туку и на предметите за повеќекратна употреба како шишиња за вода, кутии за ужина или пластични кујнски садови. 

Проблемот настанува кога хемиските супстанции како БПА се користат во садови за храна бидејќи мали количини можат да преминат во намирниците и пијалаците и така да влезат во човечкиот организам. Новата, построга регулатива опфаќа и други опасни бисфеноли, како што се бисфенол С (БПС) и бисфенол Ф (БПФ), за да се избегне ефектот на „замена на една штетна супстанција со друга“, бидејќи и тие алтернативи покажуваат слични здравствени ризици.

Одлуката за забрана следуваше откако Европската агенција за безбедност на храната (ЕФСА) во 2023 година објави научно мислење во кое заклучи дека изложеноста на БПА преку исхраната претставува здравствен ризик за потрошувачите од сите возрасни групи. ЕФСА тогаш драстично, за дури 20.000 пати, го намали подносливиот дневен внес (ТДИ) во споредба со нивото од 2015 година, што беше клучен поттик за новата регулатива. Пред сè, БПА штетно влијае врз хормонскиот систем бидејќи е класифициран како ендокрин диструптор, што значи дека може да ја попречи работата на хормоните, да ја загрози плодноста кај мажите и жените, потенцијално да го наруши пубертетот и се поврзува со настанување на хормонски зависни карциноми. Интересно е што неговото дејство слично на женскиот полов хормон естроген е познато веќе речиси сто години, уште од триесеттите години на минатиот век кога бил тестиран како вештачки естроген.

Колку е голема изложеноста, покажуваат и шокантните податоци од европските истражувања. Во студијата на Европската агенција за животна средина (ЕЕА), спроведена во единаесет европски земји, бисфенол А е откриен во урината кај дури 92 проценти од учесниците, додека понова студија на истата агенција покажа дека 100 проценти од испитаниците биле изложени на нивоа на БПА над безбедносните граници. Слични резултати се забележани и во САД, каде што националната здравствена студија уште во 2004 година покажа присуство на БПА во урината кај 93 проценти од учесниците. Во нашето тело хемикалијата стигнува главно преку садовите за храна и пијалак, а бремените жени преку плацентата можат да ја пренесат на фетусот, што претставува посебен ризик за неродените деца. Иако бисфенолите се присутни и во воздухот, прашината и водата, исхраната се смета за главен извор на изложеност.

Најновата забрана за употреба на БПА во садовите за храна во ЕУ е најстрога во светот, но постојат одредени исклучоци и дополнителни преодни рокови за да ѝ се овозможи на индустријата да се приспособи. На пример, храната која веќе се наоѓа во амбалажа со содржина на БПА ќе може да се продава сѐ додека не се потрошат резервите, меѓу другото, и за да се спречи непотребно фрлање храна. Таму каде што сѐ уште нема соодветни и безбедни алтернативи за БПА, одобрени се подолги преодни рокови. Таков е случајот со конзервите за кисела храна, како што се рибата, овошјето и зеленчукот, кои ќе смеат да имаат премаз со БПА сѐ до 2028 година. Причината е тоа што киселината од храната може да го нагризе лимот, па премазот е неопходен за да се спречи преминувањето на метали во содржината на конзервата.

Иако во ЕУ не постои обврска за наведување на БПА премазот на производите, потрошувачите со неколку мерки можат самите да се заштитат. Прво, се препорачува избегнување на намирници од конзерви и користење стаклени садови. Наместо пластичен, подобро е да се користи кујнски прибор од дрво, стакло или не’рѓосувачки челик. Важно е да се избегнува подгревање храна во пластични садови во микробранова печка. При купувањето пластични предмети треба да се бара ознаката „без бисфенол“ (Bisphenol-free), бидејќи забелешката „без БПА“ (BPA-free) не е доволна гаранција, имајќи предвид дека во производството можеле да бидат користени други, исто толку штетни видови бисфеноли. Дури ни на кампување не би требало да подгревате храна директно во конзерви, а водата од чешма е посигурно да се пие само кога е ладна, што штити и од тешки метали кои можат да се ослободат од старите цевки.

Извор: poslovni
Фото: magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот