Ватикан првпат во историјата ќе пријави филм за разгледување за престижната награда на Американската академија за филмски уметности и науки - „Оскар“.
„Зелена лава“, инспиративниот краткометражен документарен филм во продукција на Ватикан, чиј протагонист е младиот Италијанец Џакомо Мативи кој живее со Дишенова мускулна дистрофија, премиерно ќе биде прикажан оваа недела во Лос Анџелес, како вовед во процесот на пријавување за „Оскар“ во категоријата за најдобар краткометражен документарен филм.
„Зелена лава“ ќе биде прикажуван од 18 до 24 септември во киното „Лумиер мјузик хол“ на Беверли Хилс. По дистрибуцијата во кината, продукцискиот тим ќе ја комплетира целата потребна документација за пријавување на филмот за разгледување за „Оскар“, според наводите на публицистот на филмот. Доколку пријавата биде поднесена, тоа ќе биде првпат еден филм што го продуцирал Ватикан да се најде во конкуренција за „Оскар“. Сепак, филмот нема формално да го претставува Ватикан во трката за наградата. За разлика од категоријата за меѓународен игран филм, краткометражните филмови не бараат официјална пријава, ниту поддршка од националната влада или посебно државно филмско тело.
„Зелена лава“, чии режисери се Лија Белтрами и Али Аксу, го следи Џакомо додека се соочува со животот без братот, кој штотуку почина од последици на Дишенова мускулна дистрофија, пишува во синопсисот на филмот.
Филмот, кој трае 39 минути и е сместен во планинскиот пејзаж на Доломитите, во промотивните материјали е опишан како „ медитација за независноста, човечкиот дух и трансформативната сила на заедницата во соочувањето со животните неприлики“.
- Приказната на Џакомо заслужува да им биде позната на сите и затоа нè радува можноста да го вклучиме „Зелена лава“ во процесот на пријавување за „Оскар“ - изјави Паоло Руфини, префект на Дикастериумот за комуникации на Ватикан, службата која управува со ватиканските телевизиски, радио, интернет, издавачки и новинарски медиуми.
Руфини го пофали филмот како „приказна која ги слави животот и пријателството“.
Фото: принтскрин/јутјуб