X
 15.10.2018 Образование

Учениците во Сингапур повеќе нема да бидат рангирани според резултатите од тестовите - еве зошто

Сингапур веќе долго време ги зазема првите места кога станува збор за образованието, охрабрувајќи долги часови учење за да ги поттикне учениците да бидат одлични на училиште. Но, се подготвува промена бидејќи оваа островска држава го преиспитува начинот на кој му приоѓа на образованието.

Дискусиите, домашните задачи и квизовите треба да ги заменат оценките како подобар метод за собирање информации за работата на младите ученици во основно училиште. Започнувајќи од 2019 година, тестовите за основните одделенија ќе бидат укинати.

Поголемите ученици од основно и од средно образование исто така ќе учат во помалку конкурентна средина. Оценките за секој предмет ќе бидат заокружени до најблискиот број, без децимали за да се намали акцентот на академскиот успех.

- Учењето не е натпревар - вели Онг Је Кунг, министер за образование на Сингапур. Министерството за образование планира серија измени насочени кон намалување на споредбите помеѓу перформансите на учениците и охрабрување на поединци да се концентрираат на сопствениот развој на учење.

За таа цел, извештаите од основно и од средно образование повеќе нема да укажуваат на тоа дали ученикот се наоѓа на врвот или на дното на листата од целиот клас, додека просекот од предметот и групата, вкупната оценка и минимум и максимум оценките ќе бидат укинати. Извештаите од училиштата нема да покажат неуспешни оценки на крајот од годината.

Новиот пристап на Сингапур кон образованието е сосема спротивен од оној на соседните држави, кои се насочуваат кон ПИСА-тестовите.

На секои три години ОЕЦД ги оценува светските образовни системи преку тестирања спроведени за предметите наука, читање и математика за 15-годишните ученици.

Сингапур го постави стандардот за успех во ова тестирање постигнувајќи среден резултат од 1.655 во трите основни предмети тестирани од двочасовниот испит на ПИСА во 2016 година. На првите четири места доминираат азиско-пацифичките образовни системи - Хонг Конг, Јапонија и Макао.

1
Фото: Statista


Меки вештини за менување на економијата


Преместувањето на фокусот од совршенство во резултатите од испитите е сериозна промена на насоката на Сингапур. Заедно со академските перформанси, новите политики имаат цел да го поттикнат социјалниот развој меѓу учениците за да се подигне свеста за себе и да се создадат вештини за донесување одлуки.

Однесувањето и праксата ќе се усогласат со потребите на локалните работни места бидејќи Сингапур ги подготвува учениците за работа во својот сегмент на развој.

Серија програми за „применета обука“ треба да започнат до 2023 година за да го зајакнат личниот развој и да им помогнат на учениците да стекнат вистински вештини. програмите им овозможуваат на учениците да навлезат во експресивни теми, како драма и спорт, како и повеќе индустриски фокусирани области како што се компјутери, роботика и електроника. Министерството за образование назначи тим на службеници за кариерно насочување за да ги промени постојните перцепции и да ги поттикне аспирациите на учениците надвор од работата во банкарството, државните служби и медицината.

Приспособувањето на ставовите на учениците ќе биде многу полесен предизвик отколку промената на самите родители, кои пораснале со стресот и строгоста на испитите.

Едно нешто што нема да се промени е сертификатот за основно образование, кој се добива на 11 или 12 години. Станува збор за стресен испит што традиционално служи како пат до високо ниво на владина кариера. Нема планови за промена на овој аспект од образовниот систем на Сингапур.

Извештајот за иднината на работните места на Светскиот економски форум во 2018 година укажува на тоа дека вработените ќе гледаат просечна промена од 42 отсто во работните вештини помеѓу 2018 и 2022 година.

Вештините фокусирани на човекот, како критичкото размислување, лидерството и решавањето комплексни проблеми ќе станат многу важни. Извештајот предупредува дека за да бидеме во чекор, сите треба да станеме доживотни ученици - на вработените ќе им биде потребна обука од 101 ден до 2020 година.

Економиите како Сингапур ги приспособуваат нивните образовни системи за да продолжат со овие промени.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование