X
 12.02.2016 Образование

Потребни се над 300.000 денари и 6 години за да се стане адвокат во Македонија

Студентите на Правниот факултет кои сакаат да го полагаат правосудниот испит за да станат адвокати, студираат 5 години (3 додипломски + 2 последипломски), за потоа волонтерски да работат една или две години, во зависност од органот кадешто се спроведува праксата. Праксата е задолжителна за полагање на правосудниот испит.


Според најновиот закон од 2014, студентите кои студираат според Болоњската декларација треба да имаат најмалку 300 кредити според ЕКТС и работно искуство од најмалку една година на правни работи во суд, јавно обвинителство, државен правобранител, народен правобранител, адвокат, нотар и извршител, односно работно искуство од најмалку две години на правни работи во други државни органи, органи на единиците на локалната самоуправа, трговски друштва и други правни лица и здруженија на граѓани.

Целта е стекнување знаење и вештини, а приправниците се согласуваат дека знаење добиваат.

- Сметам дека е добар начин да се добие искуство и да се запознаеме со правосудниот систем на Македонија, бидејќи сме во центарот на случувањата, со самото наше присуство во адвокатска канцеларија, суд, обвинителство итн. Добиваме знаење за функционирањето на целиот судски систем – изјавува приправничка.

Адвокатски приправници може да бидат само оние државјани кои ги завршиле студиите на правен факултет во Македонија или странство. Меѓутоа, тоа значи дека студентите кои посетуваат пракса за време на студиите не можат да ја искористат истата за полагање на правосудниот испит веднаш по дипломирањето.

Ситуацијата е малку поразлична во САД. Таму, студентите одат на пракса за време на студирањето, во текот на летото или паралелно со предавањата. Друга разлика меѓу студентите по право таму и овде е паричниот надомест. Во САД, студентите кои волонтираат во адвокатска канцеларија се платени 13-30 долари на час, во зависност од годината на студиите. Секако, овој надомест е доволен за покривање само на основните трошоци за патување и храна.

Во Македонија, ситуацијата се разликува од орган до орган и од фирма до фирма. Имено, приправниците може да бидат платени и до 6.000 денари за покривање на основните трошоци, но почесто се наоѓа ситуацијата кадешто не се платени воопшто за својот придонес. Од друга страна, приправниците како волонтери многу често работат со полно работно време.

- Станува збор за полно работно време од 8 часа, и без разлика што имаме само статус на практиканти, волонтери, исцрпува еднакво како да сме вработени таму, и би требало да следува некој надоместок – вели една приправничка.


Во кого да се бара вината?

Јасно е дека една година, односно две години пракса може да биде исцрпувачка, а во текот на тој период приправниците сè уште зависат од финансиската поддршка на родителите. Меѓутоа, вината не е ниту во адвокатските фирми. Еден адвокат, кој посака да остане анонимен, се согласи дека приправниците се лошо платени, но финансиски потковани не се ниту сите адвокати.

- Би сакал да знаете дека има многу адвокати кои се платени по 16.000 денари – ни изјавува адвокатот.

Дали знаењето се исплати?

Заедно со еден магистрант на Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ пресметавме колку би чинело денес да се стане адвокат, со цената на студиите и задолжителната пракса по студиите. Со претпоставка дека по праксата би следувало вработување, потребни се најмалку 6 години од првото факултетско предавање до завршувањето на приправничкиот период од една година (доколку праксата започне веднаш по магистрирањето и се спроведува во орган за кој е потребна само една година пракса наместо две).


На приближно 24-годишна возраст, еден приправник кој волонтира за или без надомест и ги има положено сите испити во зададениот рок, на своите родители веќе им има потрошено најмалку 3.500 евра. Тука се школарините за додипломските студии (државна квота – 200 евра годишно, три години); последипломските студии (500 евра за семестар, две години); задолжителните оригинални книги (100 евра годишно) и останати административни трошоци и бранење на магистерска теза. Тука не се вклучени трошоците за патување до факултет, храна, сместување доколку доаѓа од друг град итн.

Правосуден испит и адвокатска лиценца – 1.000 евра

По студиите и праксата, се полага правосуден испит. Амбициозните идни адвокати тој би ги чинел дополнителни 150 евра. По положувањето на правосудниот испит потребно е да се добие адвокатска лиценца, која заедно со правосудниот испит чини над 1.000 евра со сите нејзини дополнителни трошоци.

И да стигнат до адвокатска лиценца, новите адвокати треба да бираат дали ќе започнат самостојна адвокатска дејност, за која треба да обезбедат канцеларија, сметководство, фискални каси, компјутерска опрема и канцелариски материјал или пак да се вработат кај друг адвокат или адвокатско друштво каде платата се движи до 16.000 денари месечно.

Сепак, намалената работа на адвокатите и одземените надлежности кои се доделени на нотарите, ја предизвикаа ова криза во адвокатурата каде во вакви услови многу е тешко и скапо да се започне со работа од почеток како адвокат.


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование