X
 04.01.2022 Наша тема

Мимоза Серафимовска, студентка: Посакувам во новата година да се вратиме во факултетските клупи

На студентите најмногу им недостигаат настаните што се одржуваат со физичко присуство. Освен социјалниот аспект, ваквите настани им овозможуваат на студентите подолго да го задржат вниманието и да се фокусираат на материјалот кој се совладува на настанот, вели Мимоза

Мимоза Серафимовска од Тетово е студентка во трета година на Медицинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Освен тоа, Мимоза е и претставник на студентите во универзитетскиот Сенат. За тоа како ѝ влијае учењето на далечина, што им недостига на студентите во време на пандемија и што посакува за неа и за нејзините колеги во новата календарска година, ни открива во ова интервју за Факултети.мк.

Како ти влијаеше пандемијата, односно ограниченоста во многу сегменти од животот?

- Социјализацијата игра клучна улога во развојот на една млада индивидуа. Поради драстично ограничениот социјален живот и неможноста за излегување подолг временски период од почетокот на пандемијата, сметам дека тоа доста влијае врз моето, а и врз менталното здравје на повеќето мои врсници. Неизвесноста и стравот од влошување на пандемијата многу негативно влијаеја врз сечие расположение. Во моменти кога беше забрането излегување цели викенди, освен нарушениот процес на социјализација, немавме ни простор да спортуваме и да поминуваме време во природа. Тоа мене лично најмногу ми пречеше, но најдов начин да останам физички активна и дома. Сепак, свесна сум дека многу од моите врсници беа тешко погодени од пандемијата, па ефектите врз менталното и физичкото здравје беа очигледни и допрва ќе се гледаат.



Како изгледа едно твое секојдневие?

- Мојот живот изгледаше различно во зависност од тоа во кој стадиум од пандемијата се наоѓавме. На самиот почеток, кога се воведоа забрани за излегување, комуникацијата со колегите и пријателите ми беше ограничена на пораки на социјалните мрежи. Иако многу млади не ги почитуваа препораките и мерките, јас како студент по медицина и иден доктор бев свесна за сериозноста на ситуацијата. Бидејќи промената почнува од самите нас, решив целосно да ги почитувам мерките за заштита и превенција, како и да ги мотивирам моите најблиски да го сторат истото.
За разлика од почетокот, животот сега е многу поинаков. Поради достапноста на вакцините и развојот на колективен имунитет, свесни сме дека пандемијата стивна, а со тоа и мерките. Но, сè уште постои одредена опасност и баш поради тоа важно е да продолжиме да ги почитуваме препораките. Сега можам да се видам со колегите и пријателите, можам да седнам на кафе, можам да посетам кино, театарска претстава и да си одржувам пристоен социјален живот – нешто што фалеше во подемот на пандемијата. Се разбира, во сите овие активности се вклучувам со мал и одбран круг на луѓе.

Ти се бориш и за правата на студентите. Што е она што им недостига, со какви проблеми се соочуваат, за што најчесто реагираат?

- Студентите најчесто реагираат за квалитетот на наставата. Со прогресирањето на пандемијата, бевме принудени да го смениме начинот на следење настава, односно преминавме на дигитално учење – учење на далечина. Поради постоење голем број надворешни стимули (социјални медиуми, видео и музички платформи) кои не беа доминантни во нормални услови, следењето на наставата е отежнато, а со тоа и самиот квалитет на настава трпи. Покрај ова, на студентите најмногу им недостигаат настаните што се одржуваат со физичко присуство. Освен социјалниот аспект, ваквите настани им овозможуваат на студентите подолго да го задржат вниманието и да се фокусираат на материјалот што се совладува.



Што посакуваш за себе, но и за твоите колеги во 2022 година?

- Посакувам што поскоро да заврши пандемијата и заедно да се вратиме во факултетските клупи. Освен горенаведените проблеми, факултетското искуство претставува можност за градење професионални врски, долгогодишни пријателства, а можеби и шанса за наоѓање нова љубов. Новата година сакам да биде зачеток на фаза во која ќе ги надминеме проблемите со кои се соочивме и од нив да извлечеме поука. Се надевам дека ова ќе ни биде показател за тоа како да се спремиме за идни кризни ситуации, со цел побрзо да ги надминеме. За крај, на сите мои колеги сакам да им посакам успешна академска година и многу положени испити.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема