Ервин Сејдиќ е добитник на престижна награда за млади научници која ја доделува претседателот на САД, Барак Обама.
- Оваа награда е само почеток на сè, јас најрадо би сакал кога би можел да кажам дека сега можам во пензија, но ова е само една стимулација да продолжам со многу тешката работа - опишува Ервин Сејдиќ откако Белата куќа објавила дека е еден од 105-те истражувачи кои се добитници на наградата за млади научници и инженери во САД.
„
Ал Џезира“ ја раскажува приказната на овој Балканец кој во 1992 година поради војната бил принуден со своето семејство да го напушти родната Модрича. Во САД, тој се специјализирал во неколку области и на крајот докторирал. Денес, 37-годишниот доктор има своја лабораторија на Универзитетот во Питсбург, кадешто се занимава со моделирање на процесот на стареење.
Тој бил номиниран за наградата поради работата и истражувањата во областа на биоинформатиката. Процесот од номинацијата до откривањето дека е добитник на претседателската награда траел 2-3 години. Сејдиќ работи на процесите на моделирање на стареењето. Падовите кај старите лица се најголем проблем, вели тој.
- Се случува, на пример, прилично здрави личности да паднат, скршат колк, рака или нога и да умрат во рок од 6 месеци, не поради медицински туку социјални-општествени компликации, бидејќи веќе не можат да живеат сами, не може да се дружат и да прават некои активности - вели Сејдиќ за „Ал Џезира“.
Поради тоа, тој и неговите колеги се обидуваат математички да го моделираат процесот на одење за однапред да може да препознаат кога личноста би била во опасност од паѓање.
Инаку, Сејдиќ вели дека никогаш не го интересирал придонесот на науката доколку тоа нема да промени нешто на подобро кај пациентите.
- Строго забранувам занимавање со наука во својата лабораторија само поради науката, секогаш на своите студенти им велам дека она што го работиме мора да биде чекор кој ќе подобри нешто кај пациентите - додава Сејдиќ.
Во поглед на миграцијата на млади мозоци од Босна и Херцеговина, Сејдиќ смета дека тоа би можело да биде голем проблем за државата,
- Но може да биде и еден голем рудник со злато, но непресушниот рудник со злато да се копа следните сто години, но само треба некоја визија, некој кој ќе каже дека и ние ги имаме тие луѓе, не можеме да им понудиме подобри услови отколку што би имале надвор, но ајде да видиме како може да се поврземе со нив, па и они нам да ни помогнат да го дигнеме ова што го имаме во Б и Х на едно повисоко ниво.
Тој додава и уште една работа за овој проблем.
- Луѓето ја напуштаат или остануваат, но голем дел од луѓето кои остануваат се во целост незаинтересирани да сменат било што. Не можеме ние нешто да направиме во државата додека самите не сме заинтересирани за некои промени - заклучува Сејдиќ.