X
 20.04.2016 Образование

Бројот на матуранти кои планираат да студираат надвор од Македонија само расте

Веќе 5-та година правиме анкета за идните студенти со цел да ги видиме нивните планови, размислувања и ставови за студирањето. Од резултатите веќе дознавме дека сè поголем дел од нив студираат поради знаењето, а сè повеќе од нив го одбираат факултетот според можностите за странство. Резултатите покажуваат и дека за матурантите многу се важни интересите, можностите за вработување и добивањето практични знаења додека го одбираат факултетот. Потоа, дознаваме и дека значаен дел од нив ќе студираат надвор од своите градови, но на значаен дел тоа воопшто не им е ниту важно. Конечно, кога станува збор за финансирањето на факултетот, најголем дел од идните студенти изјавиле дека за тој дел се грижат родителите.


На поголемиот дел матурантите денес кои планираат да го продолжат своето образование им е многу важно да студираат она што ги интересира. 66% од испитаниците на анкетата потврдиле дека тоа им е многу важно. Ист толкав процент изјавиле дека им е многу важно дипломата на факултетот на кој сакаат да се запишат да им нуди можности за вработување. 58% одговориле дека многу им е важен факторот добивање практични знаења кога го одбираат факултетот.

Од друга страна, на 25% воопшто не им е важна близината на универзитетот, а на 19% мислењето на семејството/пријателите.

Во продолжение следуваат графици од целосните податоци од анкетата на прашањето: Што ви е најважно во изборот на факултетот? Графиците се интерактивни и лично може да ги менувате категориите за да ги погледнете сите резултати.

Што ви е најважно во изборот на факултетот?
Create pie charts


Во споредба со анкетата направена во 2012 година, има мали разлики. Така, на 81% од тогашните матуранти им било многу важно да го студираат она што ги интересира (15% повеќе од оваа година). Потоа, на поголем број многу им биле важни и можностите за вработување со дипломата, 76%, наспроти овогодинешните 66%. Исто така, стекнувањето на практични знаења им било многу важно на 75% од матурантите кои пред четири години одговориле на анкетата.

Дали планирате да се запишете на факултет во градот во кој живеете? 2012 vs. 2016
Create column charts


Интересно е тоа што и пред четири години, најголем број од матурантите одговориле дека воопшто не им е важна близината на факултетот - 29%. Истовремено, 55% од матурантите во 2012 планирале да се запишат на факултет кој е надвор од градот во кој живеат. Процентот за оваа година изнесува 48%. 

5%, односно 6% изјавиле дека нема да студираат во својот град иако таму го има посакуваниот факултет во 2012 и 2016 година, соодветно.

Се забележува пораст на матурантите кои веќе планираат студии надвор. Доколку во 2012 година 6% од матурантите изјавиле дека ќе студираат во странство, оваа година тоа го изјавиле 11%.

Кога се работи за финансирањето на студиите, 59% од матурантите изјавиле дека за студиите ќе платат нивните родители. 26% од матурантите годинава планираат да аплицираат за стипендија, 11% да работат паралелно со студиите, а 3% да земат кредит од банка.

Како ќе ги финансирате вашите студии? 2012 vs. 2016
Create pie charts


Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование