X
 20.07.2016 Култура

Зошто луѓето се`уште се обидуваат да се искачат на Монт Еверест?

И покрај приказните за пренатрупаност и трагедија, стотици луѓе продолжуваат да се искачуваат на врвот на Еверест. Но, што ги привлекува овие луѓе?

 

1


Секоја пролет, покрај приказните за успешно искачување на Монт Еверест, доаѓаат и приказните за трагедиите, вклучувајќи ја и лавината пред две години во која загинаа најмалку 13 Шерпаси кои поставувале јажиња на најпопуларната рута за искачување на планината.

Сепак, стотици луѓе од различни земји низ светот се наоѓаат во базниот камп, и голем број на луѓе се обидуваат да се искачат на највисокиот врв во светот. Со тоа се поставува прашањето: Зошто Еверест продолжува да е толку привлечен и покрај трошоците, гужвата и ризиците?

Одговорот веројатно е различен за секој искачувач, а истражувањата велат дека луѓето кои преземаат ризици имаат тенденција да ги гледаат поинаку ризиците од луѓето кои го избегнуваат ова однесување. Но, за авантуристите кои ги привлекува Еверест, врвот на планината за нив претставува животен сон што кај нив инспирира интензивна подготовка и длабоко чувство на почит.

„Ја обожавам планината. Таа го претставува крајниот врв за многу луѓе“, вели Алан Арнет, планинар и блогер.

„Мислам дека Еверест е магична планина со магнетни квалитети. Може да се спореди со светлина која ги привлекува луѓето откако ќе слушнат за неа“.

Модерната потреба да се искачи Еверест започна пред 150 години кога британските геодети утврдиле дека врвот висок 8.848 метри е највисокиот во светот. Наскоро Еверест стана „третиот пол“, а истражувачите брзаа да станат први кои ќе застанат на врвот.

 

2


„Од моментот кога беше прогласена за највисоката планина, стана предмет на фасцинација“, вели Морис Исерман, историчар на Колеџот Хамилтон во Клинтон, Њујорк.

Сепак, не секој сака да се искачи на Еверест, а оние кои се одлучуваат за овој подвиг имаат некој „внатрешен поттик кој ги тера да бараат возбудувања кои делумно се предизвикани од генетиката“, вели Андреас Вилки, психолог на Универзитетот Кларксон во Потсдам, Њујорк.

Но спектарот на преземање ризици е широко и посложено отколку што психолозите некогаш сметале. Луѓето кои преземаат ризици во некои делови од нивниот живот, со други зборови, не живеат на работ на секој начин.

Наместо тоа, кога Вилки ги прашал луѓето да го оценат сопственото однесување, тој открил дека тие не го сметаат за ризик она што на другите им се чини ризично, или бидејќи имаат вештини кои им даваат доверба или поради нивниот ум кој го надминува секој страв. Рамнотежата на ризици и награди се разликува од личност до личност.

 

3


„Не би се искачил на Еверест. Имам други работи кои треба да ги направам, но на едноставен англиски јазик, јас сум премногу исплашен за да го направам тоа. Но би направил некои работи кои некои планинари не би го направиле како на пример, предавање на 500 студенти“, вели тој.

Од еволутивна гледна точка Вилки вели дека ваквото ризично однесување може да биде поволно, особено кај мажите, бидејќи сигнализира сила и кондиција кај припадниците на спротивниот пол. Во согласност со оваа теорија, успешниот планинар во искачување на Еверест може да добие престиж и одреден статус.

„Ако кажете дека сте биле на Еверест, по дефиниција сте ја искачиле највисоката планина достапна за човештвото“, вели Вилки.

За многу луѓе кои се искачиле на Еверест, станува збор за многу повеќе од горделивост. Надминувањето на „смртната зона“ над 8.000 метри, и стоењето на врвот на светот и враќањето дома безбедно е искуство како никое друго.

„Носи фокус кој е важен за вас“, вели Арнет кој се качи на Еверест после неговиот четврт обид во 2011 година. „Постојат илјадници причини поради кои ќе сакате да се вратите, но една ве одржува да продолжите понатаму. Мора да се фокусирате на една причина која е најважна и најуникатна за вас“.

„Ве тера да погледнете длабоко во себе и да откриете дали навистина имате физичка и ментална цврстина да продолжите тогаш кога сакате да застанете“, додава тој. „Кога ќе дојдете дома, сфаќате дека сте спремни да се соочите со ѕид и да го надминете тој ѕид“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура