Наставниците не се на вистинското место во општеството. А самото општество ги доведува до тоа ниво едвај да преживуваат. Едвај склопуваат крај со крај, вели Сулејмани
Наставниците знаат да бидат посочувани како дежурни виновници секогаш кога ќе се споменат хаосот во македонското образование и наталожените проблеми. Дека тие го изгубија статусот во општеството, потврдува и деканот на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје, Емиљ Сулејмани.
Во интервју за Факултети.мк Сулејмани кажува дека во последните 10 години овој факултет, кој го произведува наставничкиот кадар, не бил консултиран за ниту една реформа во образованието, дури ни за идејата за формирање Академија за наставници.
Со оглед на тоа дека квалитетот на наставниците секогаш е на тапет во јавноста, а со тоа и работата на наставничките факултети, ги добиваат ли просветните работници потребното знаење и вештините од овие образовни институции?
- Наставниците што излегуваат од нашиот факултет, за одделенска настава и за предучилишно воспитание, најодговорно тврдам дека ги добиваат сите потребни компетенции за идни наставници. Факултетот има студиска програма, предметна програма каде што се вклучени сите предмети и науки што се дел од образовниот систем и делот каде што се одвива педагошката практика. Идните наставници, студентите во текот на студиите добиваат 240 кредити, ги стекнуваат сите потребни знаења, умеења и вештини. Не можам да кажам дека веднаш штом ќе заврши факултет може да биде успешен наставник. На секој му треба време да се стекнат тие навики, кои секако се дел од праксата. Добар наставник е оној што цел живот учи. Затоа, ние, покрај студиските програми што се адаптирани на општествените потреби и на реалното опкружување и на образовниот систем, нудиме постојана едукација.
Постојано сме под некои образовни реформи, а најголеми жртви се учениците. Но, секако дека и наставниците на свој грб ги чувствуваат промените. Како се одразуваат тие врз нив, дали и тие се жртви?
- За секоја реформа треба претходно да се направат добри истражувања на општествената клима. Не може да се прават реформи со копи-пејст од надвор. Секое општество и држава имаат свои специфики и карактеристики. Ние, сепак, треба да гледаме кои се потребите на нашите ученици и кои се најоптимални реформи за да достигнеме квалитетно образование.
Наставниците секако дека се жртви на секоја реформа. Тие се најдиректно засегнати од која било промена. Ние како факултет не сме против реформи, но бараме да бидеме активно вклучени во градењето на концепциските промени.
Проф. д-р Емиљ Сулејмани
Значи ли ова дека факултетот досега не бил никогаш повикан на консултација од надлежните за која било образовна реформа?
- Во последните 10 години не бевме вклучени во ниту една реформа, најодговорно тврдам. Не бевме консултирани, на пример, ниту за Академијата за наставници, иако директно сме вклучени во производство на тој кадар. Би било логично да сме дел од тимот за подготвување на тие потребни реформи за квалитет. Бидејќи сите се повикуваме на квалитетот во образованието, почнувајќи од предучилишното, па сѐ до високото. Но, за жал, минативе години бевме надвор од сите можни концепции при изготвувањето на промените.
Ја спомнавте Академијата за наставници. Предлог-законот за нејзино формирање се одложува веќе трета година. Треба ли таа да се отвори?
- Не. Бидејќи се коси со концептот на педагошките факултети. Студентите ги добиваат сите можни квалификации и знаења, умеења и вештини тука или на друг факултет.
Што во нашето образование не е добро за развојот на наставниците?
- Како општество, наставниците ги гледаме низ една интересна призма. Тие се на дното на општествениот сегмент. Ние како социолози образованието го гледаме како потсистем на општествениот глобален систем. Главни чинители на образованието се токму наставниците и учениците. Но, наставниците не се на вистинското место во општеството. А самото општество ги доведува до тоа ниво едвај да преживуваат. Едвај склопуваат крај со крај. За компарација интересна изјава имаше германската канцеларка Ангела Меркел кога инженерите побараа платите да им се изедначат со оние на наставниците. Таа им кажа дека не може да ги изедначи со тие што ги направија она што се денес. Значи прво треба да се зголемат платите, а и треба да се запрашаме каде се денеска наставниците што нè образоваа, каков општествен статус имаат тие во Македонија. Виновен за тоа е само образовниот систем. Наместо да ги воздигне тие наставнички вредности, ги спушта. Бидејќи во нашиот систем денеска повеќе се бара квантитет отколку квалитет. Денеска повеќе се бара од наставниците да вршат административна работа наместо да учат деца. Многу помалку се обрнува внимание со каков квалитет наставникот го држи часот, по која концепција работи, по кои доктрини се развива часот итн. Сѐ повеќе се бараат документи.
Јавна тајна е дека во образованието се вработува со партиска книшка и партиски притисоци. Што може да се направи на ова поле, како да се излекуваме од партиското влијание при вработувањето во овој сектор?
- Вработувањата на наставниците се дел од законски рамки. Самиот директор на училиштето одлучува кој наставник ќе биде примен на работа. Сите наши студенти одат на практична настава во училиштата и во четврта година цел семестар реализираат час и се вклучени во наставата под менторство на наставници. Во неформалните разговори со директорите, кога е во прашање подмладокот на кадарот, им предочив идеја зошто не нѐ консултираат нас кога им треба наставник. Ние ги имаме сите досиеја на студентите, може да се направи добра селекција земајќи ги предвид и студентските заслуги. Ние може да препорачаме кој заслужува да биде наставник. Но, не сме консултирани за ова. А со вработувањето да, има проблеми.
Идејата со екстерното тестирање беше да се провери работата на наставниците, пред сѐ, оценувањето, но многумина имаа негативно мислење поради начинот на кој се спроведе. Треба ли да постои некаков систем на проверка на работата на наставниците?
- Во последните 10 години наставниците беа под лупа и тоа само во контекст на казна. Никој не споменуваше награди за наставник. Иако и едното и другото се дел од општествениот живот. Тој што работи може и да греши, но каде сме со оние што добро си ја работат работата? Имаше идеја за кариерен развој на наставниците, но тоа не профункционира во практика. Треба да имаме некаков систем на награда, пред сѐ, да се мотивира оној што работи добро.
Како, всушност, треба да се вреднува и проверува работата на наставниците?
- Со евалуација. Ние не сме против концепт на вреднување на работата на наставникот, но тоа да биде во насока на мерење на квалитетот. Да се работи оваа работа не е воопшто едноставно. Јас слободно можам да кажам дека е една од најкомплексните професии. Многу е тешко да воспитуваш и образоваш дете. Начинот на вреднување на работата на наставникот не треба да биде во законски рамки, туку да има едно независно тело од експерти каде што ќе бидат вреднувани работата и квалитетот на наставникот со назнака, да не биде целта казнување. Туку да биде мотивација, за издигнување на наставничката работа. Во таа насока. Квалитетниот наставник учи сѐ додека е во работен однос, тој е постојано под реформаторски тенденции. Но, за што било да се воведе на ова поле, мора да има прво пилот-проект за да се увидат слабостите.
МОН објави дека ќе има нов тип на стипендии за да се привлечат матурантите со подобар успех да се запишуваат на наставничките факултети. За Педагошки факултет често знае да се искоментира во јавноста дека прима секакви кандидати, дека се пријавуваат матуранти со послаб успех. Како стоите на ова поле во последните неколку години?
- Најодговорно тврдам дека во последните години имаме одлични студенти. И тоа во последните пет-шест години. Инаку, ваква мерка со стипендиите беше најавена и минатата академска година, па се надеваме дека ќе профункционира од следната. Педагошки факултет одамна не е последната шанса за матурантите. Доказ за тоа се податоците од успехот во средно образование на примените редовни студенти на Педагошкиот факултет.
Податоци од Педагошки факултет со успехот на запишаните студенти
Од следната година ќе се воведе уште една новина поврзана со наставниците, поискусните да присуствуваат на час кај помладите колеги. Што мислите за ова?
- Па сѐ уште немаме повеќе информации како ќе се спроведува оваа новина. Ние исто така не сме консултирани околу ова. Мора да се направи анализа бидејќи немаме индекс за класификација кој ќе биде тој наставник што ќе обучува помлади колеги. Иако во практиката е во сила законско решение со кое нововработениот наставник две години е приправник и има свој ментор кој го следи во работата. Приправникот зема 80 проценти од платата, а остатокот оди за неговиот ментор. Не знаеме каков е концептот на оваа новина од МОН, па не би можел нешто повеќе да кажам околу ова.
Како Педагошкиот факултет се менува однатре, ги следите ли новите трендови во образованието и дали вметнувате промени во студиските програми?
- Нашите студиски програми се во согласност со програмите на училиштата, односно тие кореспондираат со општествената реалност на образовниот систем и системот на предучилишно образование. Нашите програми се балансирани по однос на потребите на основното образование. Следиме и светски трендови, учествуваме на многу научни конференции во странство, исто така нашите наставници се вклучени во разни тимови на меѓународни проекти.