X
 24.10.2016 Култура

Ѓаволското Море: Место каде што во рок од две години мистериозно исчезнале 700 луѓе

Постојат приказни за тоа како големиот монголски водач, Кублај Кан, се обидел да ја нападне Јапонија уште во 13 век, но изгубил 40 илјади војници токму во Змејовиот триаголник...

Ѓаволско море


Ѓаволското Море (на јапонски Ма-но Уми) познато по името Змејовиот триаголник е подрачје во Тихиот Океан околу брегот на Јапонија и островите Бонин што вклучуваат голем дел од Филипинското Море. Се наоѓа точно спроти Бермудскиот триаголник и се смета за негов тихоокеански пандан. И во ова подрачје се забележани активности што тешко може да се објаснат.

Пред неколку илјади години, Кинезите верувале дека во ова море живее змеј што ги влечи бродовите кон дното, за да ја засити гладта. Многумина денес исчезнувањето на бродовите во Ѓаволското Море го припишуваат на ова митолошко суштество.

Постојат приказни за тоа како големиот монголски водач, Кублај Кан, се обидел да ја нападне Јапонија во 13 век, при што загубил 40 илјади војници токму во Змејовиот триаголник. Во текот на 19 век, голем број морепловци пријавувале ненадејно појавување на мистериозни жени во едреници.

Сепак, најпознатата приказна датира од 1952 година, кога во септември исчезнал истражувачкиот брод Каио Мару Бр. 5 со целиот екипаж што броел 31 лице. Истражувачи ја испитувале активноста на подводниот вулкан Миоџин-шо, но никогаш не се вратиле дома. 

Според написите на Чарлс Берлиц од 1989 година во книгата The dragon triangle, јапонската војска во периодот од 1952 до 1954 година на ова подрачје изгубила пет бродови со 700 лица, поради што јапонското министерство за морски сообраќај и риболов, го прогласило за опасно во средината на минатиот век.

Што навистина се случило со исчезнатите луѓе и бродови, никогаш во целост не се разјаснило, како и со случаите во Бермудскиот триаголник.

Науката тврди дека не станува збор за паранормална активност, туку за постоењето заробени количини опасни гасови на морското дно. Поточно, станува збор за наоѓалишта на метански клатрат што на температура од 18 Целзиусови степени може да предизвика зачудувачка експлозија и да потопи бродови без да остави никакви докази и остатоци.     


Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура