X
 29.10.2016 Живот

Загрижувачки извештај на WWF: Единствено големите промени во навиките можат да ја излекуваат нашата планета


Последните истражувања покажуваат дека бројноста на растителниот и животинскиот свет би можела да се намали за две третини до 2020 година, стои во „Извештајот за состојбата на планетата Земја во 2016 година“ што го објави Светската организација за заштита на природата (WWF). 


Извештај за состојбата на планетата Земја во 2016 година

Не е новина дека дејствувањето на луѓето воопшто не ѝ годи на планетата Земја. Ново е предупредувањето дека до крајот на оваа деценија, растителниот и животинскиот свет би можеле да доживеат пад за 67% во однос на бројноста пред половина век. Сето тоа се случува како директна последица од односот на луѓето кон природата, се наведува во извештајот на WWF во 2016 година.

Извештајот се прави на секои две години, а вчера во Загреб го претстави водителката на одделот за политика и застапување, Андреа Штефан од WWF Adria, при што ги повика луѓето на неопходните промени, особено кога станува збор за храната и горивото.

Главни причини за тоа се загубата и деградацијата на живеалиштата, прекумерната експлоатација, загадувањето, инвазивните болести и климатските промени.

Според извештајот, глобалните популации од риби, птици, цицачи, водоземци и влекачи, веќе паднале за 58 отсто меѓу 1970 и 2012 година. Тоа ја доведува нашата планета во опасност од можен двотретински пад на биолошката разновидност во период од половина век заклучно со 2020 година.

Сепак, не е сè толку црно. Во истата година на сила стапуваат обврските опфатени со Парискиот договор за климатските промени, како и првите мерки за заштита на околината во рамки на новиот глобален План за одржлив развој. Ако се применат, со помош на тие мерки (заедно со постигнувањето на меѓународните цели за биоразновидност до 2020 година) ќе се придонесе за остварување на неопходните реформи во внатрешноста на светските системи за производство на храна и енергија со цел заштита на дивите видови во делови од светот. 

„Човечкото однесување го поттикнува намалувањето на популациите на дивите видови во делови од планетата, а влијанието е особено видливо кај слатководните живеалишта. Меѓутоа, важно е да се напомене дека се работи за намалување, но сè уште не за изумирање. Наша должност е да го поттикнеме обновувањето на тие популации, зачувувањето на природата и необичните видови во нашиот регион. Враќањето на големите ѕверки какви што се мечките, рисовите и волците, може да се постигне преку политичка волја и законски регулативи, но и со соработка меѓу засегнатите страни, за да има надеж за заздравување на природата“, истакнал директорот на WWF Adria, Мартин Шолар.

Денес човештвото се соочува со двоен предизвик: да ја зачува природата и да обезбеди правилно користење на ресурсите. Тоа значи дека треба да заборави на фосилните горива и да се насочи кон обновливите извори на енергија, а кога станува збор за храната, да користи локални и еколошки одгледувани производи.

До промена единствено ќе дојде кога ќе сфатиме дека имаме една планета со ограничени ресурси“, заклучила Андреа Штефан.

„Пред една година, на Генералното собрание при ОН, усвоена е нова развојна агенда или Агенда 2030, што е насочена на три важни цели: намалување на нееднаквоста, искоренување на сиромаштијата и поправање на климата. Агендата е артикулирана во 17 цели за одржлив развој кои се исти за сите и важат за сите луѓе, земји, држави на оваа планета. Верувам дека „Планот за подобар свет“ е возможен, но потребно е сите да дејствуваме истовремено и во иста насока“, истакнала Сандра Власиќ, раководителка на UNDP во Хрватска.  
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот