X
 06.03.2020 Наука

Дали она што го знаеме за еволуцијата е погрешно?

Еволуцијата објаснува како се појавиле сите живи суштества. Лесно е да се претпостави дека еволуцијата функционира на тој начин што организмите постојано добивале нови карактеристики и така станувале покомплексни. Некои риби еволуирале да имаат нозе и започнале да одат по земјата. Некои диносауруси еволуирале да имаат крилја и почнале да летаат. Други суштества развиле матки и почнале да раѓаат младенчиња.

Сепак, некои суштества останале едноставни, како бактериите, или станале помалку комплексни, како паразитите. Ново истражување содржи анализа на целосните геноми на повеќе од 100 организми (најголем дел од нив биле животни) и открива како еволуирало животинското кралство на генско ниво. Резултатите покажуваат дека појавувањето на големи групи животни, како онаа во која се луѓето, не се поврзува со додавањето нови гени, туку со големо губење на гени.

Биологот Стивен Џеј Голд се противел на идејата дека еволуцијата секогаш водела до зголемена комплексност кај живите суштества. Во неговата книга „Полна куќа“, тој го објаснува моделот преку паралела со пијано одење. Еден пијан човек излегува од бар во железничка станица и несмасно оди по платформата помеѓу барот и пругата. По одредено време, тој ќе падне на пругата и ќе остане заглавен таму.


Фото: Pixabay

Платформата ја претставува големината на комплексноста, барот е најмалата комплексност, додека пругата е најголемата комплексност. Животот се појавил со излегувањето од барот, со минимална комплексност. Понекогаш се движи кон пругата (еволуира со тоа што станува покомплексен), а понекогаш се враќа кон барот (ја намалува својата комплексност).

Ниту една од опциите не е подобра од другата кога станува збор за преживувањето. Во зависност од околината, едноставноста и комплексноста може да нудат еднакви шанси за преживување. Во некои случаи, групи животни развиваат комплексни карактеристики и повеќе не може да ги изгубат тие гени и да станат поедноставни. Во моделот со пијаното одење, тие остануваат заглавени на пругата. На пример, повеќеклеточните организми ретко се враќаат назад да станат едноклеточни.

Доколку се фокусираме само на организмите заглавени на пругата, пристрасно гледаме кон еволуцијата како на права линија од едноставно до комплицирано и веруваме дека постарите животински форми се едноставни, а новите се комплицирани.


Фото: Pixabay

Истражувачите ја анализирале генетската комплексност која еволуирала кај животните. Порано било покажано дека зголемувањето на гените играло клучна улога во почетоците на еволуцијата. Но, дали тоа е случајот со подоцнежната еволуција на животните?

Истражувачите анализирале различен избор на организми за да видат дали тие се поврзани и кои се гените кои ги споделуваат. Доколку одреден ген постоел во постара група животни, а го нема во понова, тогаш тие претпоставиле дека овој ген се изгубил. Обратно, доколку еден ген го има во помлада група, а го нема во постара, тој бил додаден во геномот.

Резултатите покажале дека се изгубиле и се појавиле многу гени. Две најголеми групи организми, од кои во една е и човекот, а во друга се инсектите, изгубиле најмногу гени.

Резултатите го потврдуваат она што го велел Стивен Џеј Голд, односно дека на генетско ниво, животот се појавил по излегувањето од барот и скокнал во комплексноста. Но, по почетниот ентузијазам, некои групи се задржувале поблиску до барот со тоа што губеле гени, а други оделе поблиску до пругата, односно развивале нови гени.

Автори: Џорди Папс и Кристина Гујхаро-Кларк
Извор: Nationalinterest.org 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука