X
 12.11.2016 Живот

Интервју со Михајло Текиќ: Од училишните компјутери во Неготино стигна до најсовремената опрема на Оракл во Сан Франциско

Секој кој е сериозен да работи во ова поле треба да биде спремен да ги следи новите трендови и континуирано да инвестира во своето знање. Но, без разлика во која индустрија е нечија кариера, без разлика дали некој само што започнал да бара работа или е искусен професионалец, секој треба да се стреми да ја најде работата во која што ужива најмногу. Кога уживате во својата работа, многу полесно се мотивирате и полесно ја ослободувате својата креативност, а тоа е еден од најбитните фактори за напредок и успех - вели еден од нашите најуспешни Македонци во светот од областа на ИТ индустриајта, Михајло Текиќ. Среќата му помогнала да добие на лотаријата за зелена карта за Америка, но посветеноста и знаењето се „виновни“ што сега работи во Оракл, една од најголемите светски компании за хардвер и софтвер.  



* Факултети мк: Работите во една од најголемите светски компании за компјутерски хардвер и софтвер, Оракл. Како успеавте во тоа, што е пресудно да се биде дел од ова семејство?


- Најголем дел од мојата кариера поминав користејќи Oracle продукти. Покрај секојдневната работа, поминував доста време и во читање на стручна литература и учество на стручни форуми и конференции каде разменував искуства со други корисници. На тој начин се стекнав со знаења кои ми помогнаа полесно да ги совладам предизвиците со кои се соочував. Напорна работа и континуирано вложување во сопственото знаење се клучните фактори врз кои ја градев и сè уште ја градам сопствената кариера. Во еден момент се отвори можност за започнување на кариера во Oracle. Немаше многу двоумење. Сонот стана јаве. За да се биде дел од тимот со кој моментално работам, пред сè мора да се има солидно познавање на основните принципи на релационите бази на податоци и компјутерските науки воопшто. Големо значење има и самиот начин на размислување. Од тој аспект потребно е да се биде прагматичен, аналитичен и склон кон користење на нумерички методи при работата.

* Факултети мк: Може ли подетално да ни кажете што конкретно работите, со што се соочувате секојдневно?

- Како инженер за перформанси работам во специфичен тим (The Real World Performance Group), кој е дел од одделот за развој и истражување на Oracle. Задача на тимот е да им помогне на крајните корисници (надворешни и внатрешни) да извлечат максимални перформанси од продуктите кои ги користат. За да ги оствариме нашите задачи користиме методи кои се базирани на основните принципи на компјутерските науки. Покрај работа со крајни корисници, работиме и со внатрешните тимови кои директно работат на дизајн и развој на продуктите, се со цел истите дополнително да се усовршат. Тимот има и образовна компонента. Преку семинари, предавања и учество на конференции настојуваме да го споделиме нашето знаење со корисниците. Во однос на тоа како изгледа еден работен ден, можам да кажам дека секој мој ден започнува со добро утринско еспресо . Активностите во текот на денот најмногу зависат од моменталните проекти на кои работиме. Најголем дел од времето го поминувам на анализа и изработка на решенија за проблеми кои ги добиваме од клиентите, како и на оптимизација на SQL и PL/SQL код.

* Факултети мк: На кој продукт на кој сте работеле сте особено горд?

- Тоа, дефинитивно, би била базата за податоци. Ако ме прашувате кој дел од тој продукт, тогаш тоа би бил оптимизаторот на SQL наредби (The Cost Based Optimizer).

* Факултети мк: Има ли некој производ од Оракл на кој особено му се восхитувате и зошто?

- Да, Оптимизаторот на SQL наредби. SQL е декларативен програмски јазик. Тоа значи дека, на пример, кога корисниците креираат SQL прашалник (SQL Query), истиот треба да дефинира што сака корисникот, но не и како да се изврши тоа. Работа на оптимизаторот е да пронајде ефикасен начин (план за извршување, execution plan) за да се изврши прашалникот. Можеби навидум изгледа едноставно, но во пракса тоа е доста комплицирана работа. Позади овој продукт стојат многу гoдини на научно-истражувачка работа.



* Факултети мк: Компјутерските науки се едни од најбрзорастечките, многу просперитетни и со огромни можности за кариерен развој. Како се „заразивте“ од ИТ индустријата?


- Технологијата ме превлекувала од секогаш, но сè започна кога за прв пат добив примерок од магазинот “Светот на компјутерите”. Тоа беше некаде на почетокот на 1990-тите, кога бев шесто-седмо одделение. Материјалот во магазинот ме фасцинираше. Оттогаш се трудев да добијам копија од секое ново издание. Покрај овој магазин, го читав и “Мој Микро”, а подоцна и “PC Press”, “Bug” и некои други од поновите магазини. Најмногу време поминував анализирајќи ја содржината и програмскиот код во написите кои обработуваат програмирање. Во тоа време немав компјутер, така што единствена шанса да пробам некои од програмските решенија беа компјутерите кои ги користевме за време на работа во секцијата по информатика во основното училиште „Страшо Пинџур” во Неготино. Неизмерно сум благодарен на тогашните училишни раководители кои ми дозволија да ги користам училишните компјутери надвор од времето за настава. Тој период од животот роди неизмерна љубов кон компјутерските науки. Конечно, некаде кон крајот на средношколското образование, го добив мојот прв персонален компјутер (АМД 5x86). Тоа беше моментот кога почувствував дека можностите и перспективата се огромни. Така започна сè.




* Факултети мк: Студиравте тука во Македонија, а последиполмски студии завршивте во Чикаго. Какво искуство имате со американското образование?

- Додипломските студии ги завршив на Институтот за информатика, при Природно-математичкиот факултет во Скопје (сега ФИНКИ). Последипломските студии ги завршив на универзитетот DePaul во Чикаго, во одделот за Компјутерски науки и дигитални медиуми. Во времето кога студирав во Македонија, имавме единствена листа на предмети кои мораше да се поминат. Мое мислење е дека некои од предметите беа тотално ирелевантни, и според мене, претставуваа губење на време. Во секој случај, најголем дел од материјалот кој го изучувавме во Македонија ми помогна подобро да се подготвам за предизвиците кои следат во кариерата. Имам впечаток дека во тоа време, на ИИ при ПМФ, поголемо внимание се придаваше на теоретски содржини и изучување на основите на компјутерските принципи. Тоа е доста позитивно. Сето тоа знаење ми помогна во понатамошното школување, како и во кариерата воопшто. За образованието во САД не би сакал да генерализирам. Би коментирал специфично за универзитетот DePaul каде што имав можност да студирам и предавам како надворешен соработник. Студентите на DePaul имаат избор при избирање на курсевите кои сакаат да ги изучуваат. Ова им дава можност да се насочат кон материјата која ја сакаат. На пример, студенти кои сакаат да се занимаваат со вештачка интелигенција можат да изберат различни предмети од оние кои сакаат да се занимаваат со мултимедија. Исто така се посветува повеќе внимание на практично усовршување.



* Факултети мк: Какви се можностите за личен, но и професионален развој на кариерата во Оракл, што е пресудно за да се напредува?

- Фактот дека непосредно работите и споделувате искуства со врвни инженери кои стојат позади некои од најпознатите софтверски и хардверски решенија, ви дава до знаење дека можностите за понатамошен развој се огромни. Oracle, како компанија, нуди можности за надградба и понатамошно усовршување на вработените. Секој кој работи во оваа сфера знае дека констатното учење и надградување е еден од најбитните фактори за успех во кариерата.

* Факултети мк: Како и кога всушност заминавте во Америка?


- Тоа беше вистинска случајност. Бевме извлечени, со сопругата Наташа, на лотаријата за зелена карта. Одлуката не беше едноставна. Сепак, на крај се решивме да го продолжиме животот и кариерите во САД. Дојдовме во јуни, 2005 година. Во Чикаго (Илиноис) живеевме до 2014 година, па кога ја започнав кариерата во Oracle со фамилијата се преселивме во Сан Франциско (Калифорнија).

* Факултети мк: Компјутерските науки се доста изучувани и популарни кај младите во Македонија, а и има големи можности за вработување. Што би им порачале како експерт од оваа област?

- Убаво е да се знае дека компјутерските науки се популарни во Македонија. Македонија има потенцијал да произведува квалитетни инженери. Доказ за квалитетот на инженерите кои доаѓаат од Македонија е фактот дека многу од нив работат во најголемите светски ИТ компании. Технологијата напредува со страшна брзина. Секој кој е сериозен да работи во ова поле треба да биде спремен да ги следи новите трендови и континуирано да инвестира во своето знање.
Но, без разлика во која индустрија е нечија кариера, без разлика дали некој само што започнал да бара работа или е искусен професионалец, секој треба да се стреми да ја најде работата во која што ужива најмногу. Кога уживате во својата работа, многу полесно се мотивирате и полесно ја ослободувате својата креативност, а тоа е еден од најбитните фактори за напредок и успех.



Секогаш имајте цел пред себе, достижна цел. Пронајдете го патот како да стигнете до таа цал и следете го истиот. Ништо не е невозможно.

За крај би го цитирал Јохан Волфганг Гете: “Не е доволно само да го имате знаењето, истото треба да го примените; Не е доволно само да имате желба, истата треба да ја остварите”.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот