X
 28.11.2016 Образование

Како учат македонските ученици: Трка по знаење или само борба за оценки?


 
Поголемиот дел од учениците во средно и основно образование учат само за високи оценки, а не за знаење, сметаат наставници, но и родители. Како како најголем виновник за ваквата состојба сите го посочуваат образовниот систем. Децата се оценуваат описно од најмала возраст, учат дека само оценката е важна и дека само таа е награда за вложениот труд.

- Многу ретко забележувам ученик кој учи за да го совлада материјалот, да го научи вистински и да го разбере. Доказ за тоа ми е и екстерното тестирање или тест што им го давам ненајавено после извесно време, на пример материјалот од првото полугодие. Ако не земат повторно да го научат, нема да ги решат повеќето од задачите на тестовите. Учат напамет, само податоци и дефиниции кои секако се забораваат ако не се повторат. Учат само за да добијат оценка, односно петка или четворка која подоцна им се потребни за упис во средно или на факултет. Порано не беше така, децата учеа и разбираа - вели Наташа Симоновска, наставничка по природни науки.

Што доведе до ваква состојба, децата да ги интересира само оценката, а не знаењето, дали е виновен само образовниот систем, содржините во учебниците, методите по кои предаваат наставниците или амбициите на родителите?

- Од сè по малку, сите имаат вина подеднакво- смета професор по стручни предмети, во средно земјоделско училиште. Според него, системот за упис во средно улилиште и факултет така е поставен да учениците немаат избор освен да учат за високи оценки.

- Според мене, грешка е тоа што се исфрлија приемните уписи за упис на факултет, кои беа своевиден поправен испит за сите ученици. Многу поени носеше тоа тестирање, па на саканиот факултет можеа и да се запишат и оние со пониски оценки во средно. Вака немаат друг избор освен да „бубаат“ за петки. А учењето напамет се знае кон што води, не секогаш значи дека сте се стекнале и со знаење и сте го разбрале материјалот. Наставниците денеска исплашени од инспекции и казни, станаа како полицајци кон учениците. Голем дел од нив се водат строго по наставните програми, па ако таму пишува црното е бело, така е и во пракса. Учебниците се преполни со дефиниции, непотребни податоци што треба да се запомнат, несоодветни лекции за возраста ,премногу предмети. Сето тоа доведе да имаме генерации на кои само оценката им е важна - вели тој.

И додека во многу европски земји, сè помал акцент се става на оценката, па дури и се исфрла оценувањето, кај нас оценката е сè, мерило за успех и знаење.

- Инистирам синот кој е петто одделение да учи за знаење, а не за оценка. Ама тешко ми оди, зашто такво ни е образованието, такви ни се наставниците, а и родителите. Мене тешко ми оди да го убедам дека не е лошо и тројка да добие ако навистина научил нешто од материјалот што нема да го заборави следниот ден. Знаете ли колку деца се тресат дома каква оценка ќе однесат, како ќе поминат на екстерно. Доволно е само на една родителска да се отиде, и да се види каква е состојбата, колку се креира состојба на натпревар кој повеќе петки има. Да, добро е децата да се натпреваруваат, ама нека биде тоа во знаење, а не според бројките што ги добиваат во дневник. Многу треба да се промени во образованието да се смени размислувањето кај децата околу нашето оценување - вели родителот Душица Арсова.

Многу од наставниците и воведувањето на екстерното тестирање го сметаат за виновник за трката по оценки.

- Тоа само го бетонираше ставот дека оценката е сè. Создадоа систем кој не покажува ништо реално. Децата ги учат напамет илјадниците прашања, со денови не стануваат од книга за да решат еден тест кој ќе го заборават за три дена. А ние, мора петки да ставаме, зашто нели на екстерно сите петки ќе добијат, па да не заработиме казна. Од корен треба сè да се промени - вели наставничка во одделенска настава од скопско основно училиште.
Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование