X
 30.12.2016 Култура

Сто години од убиството на еден од најмистериозните луѓе на 20 век


Пред точно сто години, на 30 декември 1916 година, во студената Нева животот го загубил еден од најмистериозните луѓе на 20 век. Григориј Распутин бил сиромашен селанец, кој станал еден од главните советници и пријатели на последниот руски цар, Николај II.

Григориј Распутин

Во 1915 година, Распутин, мистик и самопрогласен свештеник, станал еден од водечките луѓе во руското царство. И животот и смртта му останале вечна тајна. На 30 декември 1916 година, бил убиен во Петроград, како жртва на таинствена завера во организација на роднина на царот Романов.

Два дена подоцна, неговото тело испливало на површината на студената Нева. На него биле забележливи траги на брутално злоставување, а имал и неколку прострелни рани.

„Со оглед на чудниот начин на живот и блискоста со власта, си создал многу непријатели“, рекол историчарот Иван Успенски.

Сто години подоцна, легендата за Распутин е сè уште жива.

На почетокот на 20 век, триесетгодишниот харизматичен монах од Сибир допатувал во Петроград, денешен Санкт Петербург, и за кратко време стекнал големо влијание врз царскиот двор.

Роден на 21 јануари 1869 година во селото Покровско, денес е познат по неговите чуда и по оргиите.

Во петроградското општество, ексцентричниот Распутин бил обожуван. Важел за побожен, свет човек, видовит и исцелител, способен да го излечи престолонаследникот Алексеј од хемофилија.

Според конечната, „службена“ верзија, Распутин бил жртва на руските благородници, членови на поширокото семејство Романови, кои не можеле повеќе да го поднесат неговото влијание врз царот.

Но, постојат сомнежи дека своја улога во неговото убиство имала и британската разузнавачка служба.

Некои приказни говорат дека Распутин и царицата Александра, по потекло Германка, наводно во екот на Првата светска војна планирале примирје меѓу Русија и Германија, што не ѝ било во прилог на Британија.

Еден век по неговата смрт, музејот во селото Покровско му оддава чест на својот најпознат жител.

Родната куќа на Распутин повеќе не постои, но во соседната, каде што живееле неговите роднини, сместен е меморијален музеј, што го посетуваат туристи од цела Европа.

„Тој често престојувал во оваа куќа, а во неа речиси ништо не се променило од неговата смрт. За жал, Распутин бил скитник, па не сочувал многу од неговите предмети“, рекла Марина Смирнова, кустос на музејот.

Музејот бил отворен веднаш по падот на комунизмот, што го забранувал.  
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура