X
 12.12.2018 Живот

Фетишите на еден руски свештеник - чанта од 3.400, часовник од 30.000 долари

Рускиот православен свештеник Вјачеслав Баскаков сака луксузна гардероба и тоа до пред извесно време со задоволство го споделуваше со своите следбеници на социјалната мрежа „Инстаграм“, а меѓу омилените брендови му се „Гучи“ и „Луј Витон“.

Меѓутоа, поради многубројните критики, тој го избриша својот профил. На свештеникот или на неговиот надреден не му се допадна медиумското внимание што го доби поради љубовта кон скапоцената облека и чантите.

Неговите следбеници можеа да видат дека тој, освен чевли и чанти од брендот „Гучи“, од кои една чини дури 3.400 долари, сака и влечки, чанти и куфери од брендот „Луј Витон“. Интересно е што чевлите на „Гучи“ ги искомбинира со женска чанта од истиот бренд. Чевлите на една од фотографиите чинат повеќе од илјада долари.

Црковните поглавари го осудија таквото однесување на Баскаков и наведоа дека ќе мора да одговара пред дисциплинска комисија.

 - Се надевам дека овој свештеник ќе се вразуми - рече портпаролот на рускиот патријарх Кирил.

Тој додаде дека животот на православниот свештеник не може да се подели меѓу лично и јавно, но порача дека ниту еден свештеник не може да работи како свештеник во црква од појадок до ручек, а потоа да биде кој и да посака од ручек до вечера.

Ова не е првпат овој свештеник да се расфрла. Пред неколку години, во 2012 година, тој на „Инстаграм“ постави фотографија на која на одраз на масата се гледаше дека има часовник од брендот „Бригет“ вреден 30.000 долари.

Неговите асистенти несмасно го „избришаа“ часовникот од раката, но заборавиле да го отстранат одразот на часовникот на дрвената маса.

Фото: МИА

Црквата потоа се извини, а и самиот Баскаков, кој рече дека му е жал за фотографијата, укажувајќи дека ќе ги сноси последиците и ќе ја прифати секоја казна што ќе му ја одредат за такво однесување „бидејќи не се однесувам понизно и соодветно“.

Тогаш негираше дека поседува модни додатоци од куќите „Гучи“ и „Луј Витон“, тврдејќи дека сите фотографии се создадени во овие продавници и дека тој не ги поседува тие работи.

Во една пригода тој исто така рече дека на обични чевли им шие шноли за да потсетуваат на оние на „Гучи“.

 - Ова се евтини чевли, само изгледаат екстравагантно - рече тој.

Извор: МИА

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот