X
 25.10.2017 Живот

Нешто е гнило во Малта


Демонстрации во Малта
(Фото: Reuters)


Експлозијата на бомба подметната под автомобилот изнајмен од Дафне Каруана Галиција, најпозната истражувачка новинарка во Малта, била толку силна, што истражувачите дури четири дена ги собирале остатоците од телото на новинарката и од возилото по околните ниви. Потрагата по извршителот, како што пишува „Њујорк тајмс“, ќе трае многу подолго, ако воопшто некогаш и заврши со апсење на виновникот.

Во најмалата, но и економски најбрзорастечката економија на ЕУ, во последните две години се забележани дури шест слични ликвидации. Впрочем, целта не беа новинари, но ниту еден случај досега не е решен. Многумина се сомневаат дека тоа воопшто ќе се случи.

Прецизна и остра

Најновата жртва имаше голем број непријатели. На својот блог Running Commentary критикуваше многумина, од членови на владејачката Лабуристичка партија и лидерите на опозицискиот десен центар (кои иако досега против неа имаат подигнато неколку тужби, поради нејзиниот остар, бестрашен јазик, сега се профилираат како предводници на борбата за правда), преку ајзербејџанското прво семејство и картели до ирански банкари, кинески бизнисмени и корисници на офшор-даночни оази како Панама и британските Девствени Острови. Во критиките и пишувањето беше пикантна, често немилосрдна, не штедејќи ги оние за кои пишуваше до таа мера што во квартовите кои беа бастиони на нејзините непријатели наводно се прославувала веста за нејзината смрт.

Остатокот од Малта, па дури и оние што не се согласуваа со начинот на кој таа известуваше, се во шок и бараат одговори. Граѓаните го покажаа тоа и овој викенд кога илјадници излегоа на малтешките улици барајќи правда со истакнати транспаренти по зградите на кои пишуваше „Мафијашка држава“. Освен правда за убиената, тие бараа и итна оставка од началникот на полицијата, петти по ред во последните четири години, и од државниот обвинител, како и промени во начинот на живот. Освен Малта, атентатот ја разниша и целата Европска Унија, која ја прими оваа островска држава за членка во 2004 година, и соочена со криза на доверба, ја претставуваше смислата на постоењето на Европската Унија.

Атентатот докажа дека и покрај површинскиот сјај, во Малта опстојува и нешто што е гнило. Убиената новинарка предупредуваше на тоа со години наназад.

Европска Панама

„Криминалците сега се насекаде. Ситуацијата е очајна“, вака таа го заврши својот последен текст објавен на блогот во понеделникот попладне, половина час пред да седне во автомобилот и пред да се детонира експлозијата.

Досега се чинеше дека на Малта баш сè ѝ оди од рака, како на пример нејзиниот финансиски сектор доживеа вистински подем по кризата во Кипар 2013 година, и кога островот стана вистинска оаза на низок данок, европска „Панама“ на другата страна од светот од истоимениот оригинал. Поради „Арапската пролет“, која во туристичка смисла го нокаутира Тунис, подем доживеа и тој сектор во Малта. Бројот на туристи на годишно ниво се искачи на околу 900 илјади туристи. Се случи и Брегзит, кој Малта ја промовира во „вториот остров“, длабоко закопан во ЕУ – како поранешна британска колонија и англиско говорно подрачје, кое привлекува невиден странски капитал, досега од 70.000 компании, и каде што државјанството може да се купи со легитимен надоместок.

Но, медалот има две страни. Политичкото мешање и константната промена на водството во оваа земја морално го уништија квалитетот на правосудниот систем.

Сè беше разоткриено


„Довербата не функционира како сигурно уставно начело кога луѓето не се сигурни“, објавува порталот „Лавинг Малта“ и тврди дека убиството на новинарката ја обелодени реалноста која со години се претчувствувала. „Малта се наоѓа меѓу Европа и Северна Африка. Зборуваме англиски затоа што имаме англиска традиција, но зборуваме и малтешки јазик, кој всушност е мешавина од арапски и италијански. Нашата национална психа е секогаш меѓу тие два света“, објаснува Перегин.

Таа двојна природа помогнала да се продлабочи страсниот политички конфликт меѓу двете најголеми партии, лабуристите и опозициската Националистичка партија, чиј лидер е Андреја Делија, кој говори не само за „борбата против корупцијата туку и за културата на омраза“. На пример, убиенaта новинaрка сама напишала на својот блог по смртта на некогашниот шеф на лабуристите, Дом Минтоф, „да скапува во пеколот“.

На годишно ниво се продаваат по 700 државјанства
Минатата година Малта продала речиси 700 државјанства, а според некои извори, дури и 900. Властите одбиваат да откријат кои се купувачите, како и нивното оригинално потекло. Вкупната цена на државјанствата изнесува 1,2 милион евра, а парите од продажбата на државјанства завршуваат во државниот буџет. Државјанството е на продажба од 2013 година, а до јули 2017 бројот на барања изнесувал 1.500 од вкупно 1.800 предвидени со програмата.

Државјанството на Малта подразбира пасош на Европската Унија, со кој без виза може да се патува во 166 земји од светот, а многумина, меѓу кои и убиената новинарка, тврдеа дека продажбата на државјанства отвора простор за корупција и претставува „покана“ за матните ликови од сите подземја.

Поединечен инвеститор мора да депонира минимален придонес од 650.000 евра: 70 проценти одат во фондот кој е установен од владата, а остатокот се слева во консолидарниот фонд. Секој член на семејството треба да уплати дополнителни 25.000 евра. Тие мора да инвестираат во недвижности во износ од најмалку 350.000 евра и да вложат најмалку 150.000 евра во обврзници или акции одобрени од малтешката влада, на период од минимум 5 години. По една година се добива државјанството кое може да се пренесува на потомците.

Подносителите на барањето подлежат на своевидна проверка, не смеат да боледуваат од болести кои би можеле да го загрозат колективното здравје на островот и мора да имаат чисто досие (се проверува и во Меѓународниот кривичен суд, Интерпол...). Процесот трае една година.

Државјанството може да се одземе ако е стекнато со измама, со лажно претставување, со криење факти; ако лицето е поврзано со непријател или ентитет кој бил волен да му пружи помош на непријателот во војна; ако лицето се покажало нелојално кон претседателот или малтешката влада итн.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот