X
 16.06.2018 Наша тема

Наставничке, што ќе работиме следно? – ја прашуваат учениците по секој креативен час

Одделенската наставничка Виолета Петковска од ОУ „Кочо Рацин“ од Охрид ги мотивира децата да учествуваат на глобални образовни проекти и работилници


Веќе дваесет години учителката Виолета Петковска од Охрид описменува и образова деца. Амбициозна и љубопитна, оваа просветна работничка од ОУ „Кочо Рацин“ заедно со своите ученици се вклучува во разни домашни и странски проекти, во соработка со стотици училишта од цел свет.
- Просветната работа за мене е мисија, исто така и за сите што работат како наставници. Благородна мисија која станува дел од твојот живот, наставникот е модел за детето-ученик – рече таа за Факултети.мк
Петковска учествувала на многу меѓународни проекти и конференции од различни области на образованието. Во 2016 година била наградена на меѓународниот конкурс „Во чест на учителот“ во Србија. Лани имала студиско патување во Словачка, по повод проектот „Ноќ со Андерсен“, добила и награда за креативна работилница заедно со Љубица Чифлигароска на меѓународниот фестивал „Креативна чаролија“.

Што значи просветителската работа за вас?


- Првачето доаѓа во училиштето, се моделира, оформува и излегува како личност. Низ твоите раце минуваат генерации, кои твоите очи ги следат секогаш и се интересираш какво образование завршиле. Дали се вработиле и каква е нивната визија за иднината? Едноставно, секој училиштен ден ме исполнува, ме прави среќна, задоволна, топлиот, искрен однос од детските срца. Ги сакам децата, ја сакам работат како учителка. Децата се дел од мојот живот.

Покрај редовната работа, се вклучувате во меѓународни проекти. Во што поточно и каков предизвик е да се соработува со колеги од цел свет?

- Благодарение на интернетот, слободното време го поминувам во следење образовни веб-страници, платформи, онлајн-курсеви, вебинари. Сакам да го збогатам своето искуство и да се усовршувам. Оваа учебна година учествував на Интернационален симпозиум за наставникот во 21 век што го организира Министерството за образование на Романија во Орадеа. Исто така, заедно со учениците учествувавме на неколку глобални проекти, каков што беше Climate Action project заедно со уште 248 училишта од 70-ина земји од цел свет.
Бевме дел и од Innovation project во кој учествуваа 550 училишта од 85 земји. Следуваше 4SOSLoveproject, односно соработка со 940 училишта од 58 земји, како и Let’s end poverty заедно со oколу 300 училишта од 80 земји.
Новите искуства се голем предизвик, кај нив се почитуваат принципите на отвореност, искреност, транспарентност, пред сѐ, работа, посветеност кон работата и кон децата, соработка, споделување, иновативност, нови пристапи и алатки.


Како реагираат децата на новитетите што ги воведувате, работа надвор од училница, вклучување во странски проекти...? Соработуваат ли со Вас?

- Интересно е што кога завршува еден проект, децата прашуваат: „А, што е следно, што ќе работиме, наставничке?“ Ова се проекти преку кои се развиваат вештините на 21 век. Децата учат од реални ситуации, работат на реални проблеми. Учениците прават истражувања, размислуваат и разговараат за идеи, ги презентираат и ги споделуваат своите сознанија за темите преку видеа и онлајн-презентации и лекции. Со ваквите глобални врски и учење активностите стануваат забавни!
Имавме интересна SWAY заедничка презентација со врсници од Канада и нивната наставничка Кимберли. Учениците учат на многу различни начини (соработка, изразување и креирање, истражување, дискутирање, поврзување со експерти за социјалните медиуми итн.).Учениците се задоволни, среќни и исполнети. Училишното време брзо поминува, некогаш активностите се довршуваат дома, по принципот кој прв ќе се јави, тој го добива задолжението.


Децата ги сакаат работилниците во школскиот двор

Какво е денес местото на наставникот во нашето општество?

- Денес наставникот е соочен со многу препреки, го бара местото под сонцето, односно да се врати достоинството на професијата и името учител. Дваесет години, колку што имам работен стаж, гледам дека во нашето општество проблемите само се генерализираат, а не се решаваат. Во хрватското списание „Глорија“ неодамна прочитав интервју со основачот на првото приватно училиште во Хрватска, која вели: „За да имаме задоволен, општествен модел на наставник, треба да се исполнат три услови: да имаме мотивиран наставник, стручно да се усовршува и да ги сака децата и работата. Целосно се согласувам со нејзината констатација дека сѐ додека не се исполнат тие услови, нема да имаме задоволен модел на наставник, кој е услов за квалитетно образование. Кога ќе имаме квалитетно образование, тогаш ќе имаме и здраво општество.

Токму Хрватска најави дека ќе ги наградува наставниците што се вклучуваат во европски образовни проекти. Сметате ли дека ова треба да стане практика и кај нас?

- Мислам, да. Ако Министерството за образование и наука го регулира тоа, училиштата нема потреба да ги наградуваат посебно. Еднакво ќе биде за сите наставници од цела држава и да се регулира со закон за учество во европски и светски проекти. Се согласувам со мислата од Андреа Зафираку, добитничка на милион долари од Global Teacher Prize годинава: „Any teacher lacking aspiration for their pupils is outnumbered by hundreds who think big for their students“ (Секој наставник на кого му недостига мотивација/желба за своите ученици, е надминат од стотици што се амбицираат за своите ученици.)
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска / srebra.gjorgjijevska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема