X
 02.02.2026 Наука

Нова алатка открива како функционира свеста

Не знаеме точно како физичката материја во нашите мозоци се претвора во мисли, сензации и чувства. Но, нова истражувачка алатка наречена „транскранијален фокусиран ултразвук“, би можела да им помогне на истражувачите да дознаат повеќе за феноменот.

Технологијата постои со години, но сè уште не е целосно интегрирана во истражувањата. Двајца истражувачи од Американскиот институт за технологија (МИТ) планираат експерименти со неа и објавија нов труд што го нарекуваат „патен план“ за користење на алатката за проучување на свеста.

- Транскранијалниот фокусиран ултразвук ќе ви овозможи да стимулирате различни делови од мозокот кај здрави испитаници, на начини што едноставно не можевте да ги направите порано. Ова е алатка што не е корисна само за медицината, туку би можела да помогне и во решавањето на тешкиот проблем за свеста. Може да истражи каде во мозокот се наоѓаат невронските кола што го генерираат чувството на болка, сетилото за вид или дури и нешто толку сложено како што е човечкото размислување - вели Даниел Фримен, истражувач на МИТ.

Транскранијалниот фокусиран ултразвук е неинвазивен и достигнува подлабоко во мозокот, со поголема резолуција, за разлика од другите форми на стимулација на мозокот, како што се транскранијалната магнетна или електрична стимулација.

- Постојат многу малку сигурни начини за манипулирање со мозочната активност кои се безбедни и ефикасни - вели Матијас Мишел, филозоф на МИТ кој ја проучува свеста и е коавтор на новиот труд.

Истражувањето на мозокот е особено тешко поради предизвиците на проучувањето здрави лица. Надвор од неврохирургијата, постојат многу ограничени начини за стекнување знаење за најдлабоките структури во човечкиот мозок. Од надворешната страна на главата, неинвазивните пристапи како што се магнетната резонанција и другите видови ултразвук, даваат некои сликовни информации, додека електроенцефалограмите (ЕЕГ) покажуваат електрична активност во мозокот.


Спротивно на тоа, со транскранијалниот фокусиран ултразвук акустичните бранови се пренесуваат низ черепот, фокусирајќи се на целна област од неколку милиметри, дозволувајќи специфични мозочни структури да бидат стимулирани за да го проучат добиениот ефект. Затоа, може да биде продуктивна алатка за робусни експерименти.
Многу студии за свеста денес можат да ја измерат мозочната активност како одговор на, да речеме, визуелни стимули бидејќи визуелната обработка е меѓу клучните компоненти на свеста. Но, не е јасно дали измерената мозочна активност претставува создавање на свест, или е едноставно последица на свеста. Со манипулирање со мозочната активност, истражувачите можат подобро да разберат кои дејства помагаат во конституирањето на свеста или се нејзини нуспроизводи.

За продуктивно користење на транскранијален фокусиран ултразвук, истражувачите поставуваат голем број поспецифични прашања на кои експериментите би можеле да одговорат: Која е улогата на префронталниот кортекс во свесната перцепција? Дали перцепцијата се генерира локално или се потребни мрежи на целиот мозок? Ако свеста се појави во далечни региони на мозокот, како се поврзани перцепциите од овие региони во едно единствено искуство? И каква е улогата на супкортикалните структури во свесната активност?

Истражувачите би можеле да се доближат до одговори за областите на мозокот што се неопходни за производство на свесна мисла. Истото важи и за студиите за болка, уште едно фундаментално чувство поврзано со свеста. Ја тргаме раката од жешката печка пред болката да нè погоди. Но, како се јавува свесното чувство на болка и каде во мозокот се јавува?

Извор: vidi.hr

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука