X
 04.03.2017 Култура

Разговор со Марјан Гавриловски, режисер: „Човек учи додека е жив и пак умира неписмен“

Не можам да гарантирам дека филмот „Јавачи на коњи“ ќе биде добар или лош, но можам да гарантирам дека се занимава со длабока и суштинска тема, а не со секојдневни баналности или историска политика – вели режисерот Гавриловски



 „Македонска пасторала“, „Кота 404“, „Задгробниот живот“ се негови кратки филмови снимени во последните неколку години. Младиот режисер Марјан Гавриловски, кој се образоваше на НАТФИЗ (Националната академија за театарска и филмска уметност) во Софија, наредниот месец нестрпливо ја чека премиерата на неговиот прв долгометражен филм - „Јавачи на коњи“. Станува збор за инди-филм, жанр кој ретко се негува кај нас. Гавриловски најавува дека веќе има сценарио кое подолго време му стои во фиока и „чека подобри времиња“.

Со него поразговаравме на повеќе теми што го провоцираат секој филмски автор.  

Факултети.мк: Напролет се очекува премиерата на Вашиот прв долгометражен филм „Јавачи на коњи“. Го карактеризирате како инди-филм, жанр кој кај нас не е многу застапен. Кажете ни за идејата? Требаше ли долго време за да се спакува филмот?

-„Јавачи на коњи“ го карактеризирам како инди-филм бидејќи е направен независно и не е поддржан од ниту една продуцентска куќа или филмски фонд. На него работеше мала и компактна екипа слична на ликовите од филмот по ентузијазам и амбиција за подобро утре. Станува збор за социјална драма или една трагична бајка за возрасни. Процесот трае точно една година, од моментот кога се роди идејата за филмот. Приказната е реалистична, но не се плаши да ја допре границата на фантазијата, што всушност е самата тематика на филмот. Станува збор за тројца бездомници што живеат во некоја нивна паралелна реалност во која најголема храна им се нивните желби. Мислам дека процесот не трае долго, со оглед на тоа дека станува збор за долгометражен филм работен во ограничени услови. Јас живеам со филмот уште од пишувањето на првата сцена од сценариото преку консултации со сценаристот до последните подготовки на музиката и звучниот дизајн, преслушувајќи ги секој ден одново и одново. И сум радосен што конечно можам да погледнам делови од филмот кои се комплетно готови. Би сакал да ги споменам имињата на луѓето што се заслужни за тоа. Сценариото е на Никола Кузелов, директор на фотографија е Даниел Калач, играат: Никола Кузелов, Бобан Кулески и Долорес Попович. Монтажата ја работеа Златко Стровјановски и Адриан Мани, музиката е на Бобан Апостолов, а Симон Кипровски моментално го привршува саунд-миксот.



Факултети.мк: Се чини дека ја имате одбрано школската формула за снимање долг филм, на кој ќе му претходат неколку кратки. Сметате ли дека е битно за еден режисер прво да се проба во кратките филмови?


- Ако научиш да возиш велосипед со помошни тркала, помали се шансите да паднеш кога ќе се качиш на голем велосипед. :)

Факултети.мк: Студиравте на НАТФИЗ, која важи за една од најдобрите школи за театар и филм во регионот. Задоволни ли сте со какво знаење излеговте од таа академија?

- Човек учи додека е жив и пак умира неписмен. На НАТФИЗ добив одлична подлога за филмската школа и мислам дека научив многу од мојот професор Николај Корабов. Но, сепак, сметам дека искуството е најголемиот учител кога станува збор за уметност. Според мене, секој проект вреди како една академија.  

Факултети.мк: Во последните години се снимаат многу филмови, речиси секој доби шанса да реализира некоја своја филмска приказна. Малку тешко ни се случуваат современи приказни и сценарија. Се плашиме ли или поедноставно е кога авторите ќе посегнат по минатото?



- Веројатно е поедноставно да се посегне кон минатото. Јас лично сметам дека треба да се посегне кон иднината и таму да се креира едно потенцијално минато кое ќе вреди да се спомнува. Сите приказни се раскажани, нам ни останува да бараме нови агли од кои ќе ги погледнеме. За жал, денес ретко се наоѓаат нови агли и еден куп уметници се заглавени во старите комфорни агли. Ќе морам повторно да го споменам „Јавачи на коњи“, филм за кој не можам да гарантирам дека ќе биде добар или лош, но можам да гарантирам дека се занимава со длабока и суштинска тема, а не со секојдневни баналности или историска политика. Не велам дека еден ден можеби нема да направам и таков филм, но ќе се потрудам да бидам во некој нов агол.  
 
Подготвил: Сребра Ѓорѓијевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура