X
 06.04.2017 Образование

Интервју со Ирена Богоевска, тренер за брзо читање: Читај побрзо отколку што зборуваш

Може ли да замислите вашата омилена книга да ја прочитате за само едно попладне, а притоа да ја разберете целата содржина, а не само површинскте факти и притоа да успеете да го анализирате и оцените прочитаното? Ова е можно само ако ја научите т.н техника на брзо читање со која двојно ќе ја зголемите брзината на читање и ќе создадете умствен капацитет за сеќавање и споредување на големи количини на информации. Ирена Богоевска, сертифициран тренер за брзо читање од Институт КОНЦЕПТ, за Факултети мк. вели дека од најрана возраст, кога за прв пат се среќаваме со азбуката, буквите и пишаниот збор, учиме да читаме така што прво ја изговараме секоја буква, на глас, за да го прочитаме зборот, а потоа го изговараме и секој збор, за да прочитаме одредена реченица. Токму тој момент на изговарање на глас (или во себе) на секој збор поединечно, праволиниски - од лево кон десно, наречен субвокализација, го забавува читањето, бидејќи исчитуваме со брзината со која зборуваме, а не со брзината со која мислиме.



- Изговарањето на зборовите помага кај почетниците, но кај развиените „читачи“, потребно е во одреден момент да се исфрли „звучниот“ елемент, за да се зголеми брзината на читање. Еднаш научениот метод на традиционално читање, може да се промени, односно може да го навикнеме окото и мозокот на поинакви техники на читање кои ќе овозможат не само зголемена брзина на читање, туку и разбирање на прочитаното, бидејќи со техниките на брзо читање не се намалува квалитетот на прочитаното. За таа цел, се користат специјално дизајнирани вежби, кои ќе помогнат во транзицијата од традиционалниот начин (на кој сме навикнати и според кој сме читале целиот наш живот), кон брзото читање. Но, од „брзите читачи“ се бара и континуирано секојдневно читање со новите техники, за да се одржи темпото и да се стекне навика на овој начин на читање - вели Богоевска.

Факултети мк: Што всушност претставува брзото читање?
- Брзото читање претставува збир од техники, со чија примена ќе се доведе до развивање на вештина за брзо исчитување на текстови, со зголемување на разбирањето на прочитаното, бидејќи со овие техники се читаат повеќе зборови одеднаш, а со тоа „читачот“ може веднаш да го разбере нивното значење во одреден контекст.

Факултети мк: Велите дека една од најголемите причини што го забавува читањето и примарна работа од која што треба да се ослободиме е субвокализацијата. Како се постигнува ова?
- Субвокализацијата, или уште популарно наречено изговарање на зборовите на глас (или во себе), може да се отстрани со примена на конкретни вежби, кои се фокусираат на движење на окото низ страницата и гледање на зборовите, без да се изговорат. Ослободувањето од субвокализацијата е клучен момент за да се продолжи кон совладување на техниките на брзо читање, бидејки со нив се читаат односно гледаат повеќе зборови одеднаш, а логично одеднаш не можеме да изговориме повеќе зборови.


Факултети мк: Што добиваат оние кои што ќе ја совладаат техниката на брзо читање?
- Како што веќе споменав, „читачите“ кои ќе ја развијат вештината на брзо читање, ќе ја зголемат брзината на традиционалното читање, односно ќе заштедат време потребно за исчитување на одреден текст, без да го намалат квалитетот на разбирање на прочитаното. Дополнително, со оглед на фактот што техниките во суштина се состојат од проширување на видното поле на „читачот“, со брзото читање се подобрува и неговата перцепција.

Факултети мк: Кој обично се пријавува на курсевите за брзо читање што ги организирате, која е целната група на која практично ѝ треба да ја совлада оваа техника?
- Курсот е наменет за сите оние кои сакаат да ги унапредат своите читачки вештини и да ја зголемат брзината на традиционалното читање, како и сите оние кои доаѓаат во допир со голем обем на информации, на кои треба соодветно да одговорат. Нема ограничување за тоа кој треба да го посети курсот, во однос на возраст, бидејќи придобивките од вештината на брзо читање се корисни за секого, но, доколку се работи за деца, потребно е тие да знаат течно да читаат. Инаку, нашите курсеви ги посетувааат ученици и студенти, индивидуалци, како и бизнис професионалци.

Факултети мк: Колку во просек чита обичен човек стотина страници, а колку оној што ја совладал ова техника?
- Просечниот читач може да прочита околу 250 зборови во минута. Со примена на техниките за брзо читање се овозможува двојно/тројно зголемување на брзината со која читаме. Брзината на читање зависи од видот на материјалот кој што се чита, дали се работи за белетристика, стручна литература, односно литература којашто му е позната и блиска на читателот или непозната. Сепак, мора да се има предвид дека одредени “читачи“ имаат и поголема почетна брзина на традиционално читање, што значи дека ќе варира и брзината на читање со новите техники. Она што е важно е секој поединец да ја развие својата индивидуална оптимална брзина на читање со која ќе постигне најдобро разбирање на прочитаното за одредено време.
Подготвил: М.Ф.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование