X
 08.08.2018 Култура

Подвижни библиотеки низ целиот свет

Автобуси во Лагос, контејнери за транспорт во Холандија, па дури и колумбиски магариња се новите подвижни библиотеки што го шират знаењето во нивните заедници.

Патувајќи од место до место, мобилните библиотеки имаат цел да им донесат книги на оние што немаат пристап до нив.

Идејата била присутна уште од почетокот на 19 век. Денес, и покрај распространетоста на пристапот до е-книгите, мобилните библиотеки сè уште се популарни. Тие се адаптираат да ги задоволат потребите на нивните заедници, обезбедувајќи не само книги, туку и работилници и обуки или едноставно човечка врска за луѓето што живеат во оддалечени области.

Мобилната библиотека во Нигерија им носи книги на децата

1
Фото: iRead


Фунми Илори верува дека е нејзин повик да им носи книги на децата во Лагос, Нигерија.

На Фунми, која е едукативен психолог и социјален претприемач, ѝ била зададена задача да го напише нејзиниот голем, нереализиран сон на конференцијата за лидерство во 2004 година, а таа ја имала на ум изградбата на најголемата библиотека во Африка.

Иако не успеала да го реализира тоа што го замислила, сепак е успешна во нејзиниот проект - првата мобилна библиотека во земјата - автобус, поточно 4 автобуси полни со книги што досега успеале да посетат над 3.000 деца.

- Библиотеките се едни од најважните места за секоја заедница. Видов јаз во Нигерија бидејќи иако постојат библиотеки, тие се ретки и децата не се во можност да патуваат доволно далеку за да уживаат во нив - раскажува таа.

Додека реакцијата на родителите и на децата во голема мера е позитивна, локалните совети предизвикуваат доцнење во услугите на „Ајрид“, мобилната библиотека на Илори, инсистирајќи Илори да плаќа данок.

2
Фото: iRead


Автобусите застануваат на 44 места секоја недела, во училишта и центри на заедниците, и еднаш месечно патуваат во руралните области надвор од Лагос.

Секое дете што ја посетува библиотеката „Ајрид“ може да избере од 13.000 книги и да добие библиотекарска торба и книги со рецензии во кои може да напише што мисли за книгата што ја позајмило од библиотеката.

Тимот на „Ајрид“ организира работилници за да ги едуцира децата за теми како што е одржливиот развој преку песни, драма и уметност.

Илори и нејзиниот тим планираат да аплицираат за грантови за проширување на автобусите и наредните 5 години да имаат околу 14 автобуси, со што ќе можат да ја прошират својата работа низ Нигерија.

Магарешката библиотека Библиобуро во Колумбија

3
Фото: Bibloburro

- Кога луѓето првпат ме видоа на магаре, се смееја и мислеа дека полудев - вели Луис Соријано, основач на Библиобуро, мобилна библиотека што ја пренесуваат магариња кои патуваат низ Северна Колумбија.

Позајмувајќи ги шпанските зборови за библиотека („biblioteca“) и магаре („burro“), Библиобуро почнала со работа пред две децении кога Соријано со неговите магариња Алфа и Бето го стартирал проектот.

Тој сакал да го подобри пристапот на учениците до книгите откако забележал дека многу од нив не напредувале како што се очекувало.

- Посетив некои од нивните домови и сфатив дека немаат книги. Затоа, еден ден одлучив да ги посетам со книги. Најпрво ги носев книгите в раце, но беше многу далеку, па затоа одлучив да одам со магаре - раскажува тој.

Кога почнал да работи во планинската провинција Магдалена во 1997 година, областа била тешко достапна со автомобили, па магарињата биле идеално решение.

Користејќи специјално дизајнирани седла, секое магаре може да носи до 150 книги.

4
Фото: Bibloburro


Со текот на годините библиотеката на Соријано се претворила во мрежа од магарешки библиотеки, така што денес има 20 вработени и вистинска библиотека во Ла Глорија, родниот град на Соријано.

- Руралното население тешко има пристап до технологијата, па така земаме лаптопи, кои ги полниме онаму каде што можеме да добиеме електрична енергија, и ги носиме во руралните области за децата да можат да учат за интернетот - раскажува Соријано.

Подобрената инфраструктура и владините инвестиции во проширувањето на библиотеките во последните 20 години го подобрија пристапот до книгите и образованието за оние што живеат во близина на Соријано, но неговата работа со „Библиобуро“ продолжува.

Проектот сега добива средства од регионалната невладина организација и води програма за доживотно учење со Националната библиотека на Колумбија.

- Кога почнав, не можев ни да си замислам дека 20 години ќе поминат толку брзо, но кога уживаш во работата, не ги броиш часовите и не размислуваш кога ќе завршат - вели тој.

Едукација во бегство, мобилната библиотека во Сирија


Поради војната во Сирија што сега влегува во осмата година, некои деца никогаш не оделе на училиште. Во јули минатата година децата од руралните области на провинциите Идлиб и Алепо во Сирија имале необичен поглед: комбе со светло обоени книги.

5
Фото: The Mobile Library


Посетувајќи училишта, џамии и други јавни места, мобилната библиотека е проект чија цел е да го поттикне образованието на децата преку читање во области каде што многу училишта се затвораат поради тековната војна во земјата.

Во октомври 2017 година повеќе од 1,75 милион деца во Сирија не отишле на училиште и едно од три училишта не се користело.

- Читањето книги наметнува чувство на отвореност. Ние се обидуваме да им помогнеме на младите луѓе да го најдат патот кон иднината. Можеби тие можат да најдат нешто интересно или нешто за кое би можеле да имаат страст - вели Малек Рефаи, менаџер на мобилната библиотека.

Досега тимот од седум лица, кој работи како дел од сириската невладина организација „Дари за одржлив развој“, успеа да стигне до околу 4.000 деца.

Тимот бил инспириран од мобилните библиотеки што се појавиле во текот на конфликтите во други земји, како и од нивното искуство за заштита на книги за време на долгата опсада на Дараја, предградие на главниот град Дамаск.

- Изградивме тајна библиотека под земја за да ги спасиме книгите од бомбардирањето. Ова го зголеми нашиот интерес за книги и библиотеки - изјави Рефаи.

Модифицирана со полици и осветлување, мобилната библиотека располага со околу 2.000 детски книги, добиени преку комплициран процес на посредување помеѓу книжарниците во Идлиб и Дамаск.

6
Фото: The Mobile Library


- Не знам точно како успеавме да ги добиеме - вели Рефаи.

Војната создава голем предизвик за тимот, вклучувајќи и преговори со различни групи што ја контролираат областа и ги обезбедуваат вработените и посетителите.

Повремено проектот мораше да ги суспендира своите услуги, неодамна затоа што неасфалтираните патишта во регионот станале непроодни во зимски услови, но Рефаи и неговиот тим се посветени на образованието на децата во регионот.

„Биеб бус“ - контејнер за читање во Холандија


Наменет за деца на возраст од 4 до 12 години во холандскиот регион Заан, „Биеб Бус“ е мобилна библиотека уникатна за својата околина.

Дизајнот на автобусот е базиран на стандарден 12-метарски контејнер за транспорт што се проширува за да ја открие „собата со богатство“ во која се сместени книги, а самиот контејнер станува стаклена површина за читање и компјутерски игри.

7
Фото: De Bieb voor de Zaanstreek


Откако ќе се прошири, во автобусот може да се смести цел клас од деца.

- Поради тесните улички, конвенционална мобилна библиотека не беше опција. За тоа ќе беше потребен голем простор за паркирање, па архитектот Јорден Холандер дизајнира паметно решение што разви вертикално проширена мобилна библиотека - вели Пиен Јонгенелен, советник за комуникации во библиотеката.

Сега постојат три вакви мобилни библиотеки, кои заедно можат да соберат околу 10.000 ученици во Холандија на годишно ниво, враќајќи се на локациите на месечна основа.

8
Фото: De Bieb voor de Zaanstreek


- За жал, финансиски е невозможно да ѝ се понуди на секоја област постојана библиотека, но сметаме дека е многу важно момчињата и девојчињата што одат во основно училиште во регионот Заан да имаат пристап до огромна колекција на бесплатни книги - вели таа.

- Децата учат како да читаат на училиште, во библиотека учат дека читањето не е само императив, туку може да биде и забавно.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура