X
 18.04.2022 Живот

Новиот интернет-феномен „думскролинг“ - причина за стрес кај многумина

Читањето вести ви предизвикува стрес, но не можете да престанете? Не сте единствени. Во желбата да останеме информирани и безбедни често се опседнуваме со следењето на вестите. Феноменот на нездрава опседнатост со лоши вести се нарекува „думскролинг“.

Ивана Митриќ, експерт за ментално здравје, педагог и специјализант по психотерапија од Хрватска, во разговор со „Средња“ го објаснува овој феномен. Станува збор за нездрава опседнатост со негативни содржини и вести во кои се впуштаме со добри намери, но тие го нарушуваат нашето ментално здравје.

Како што објаснува Митриќ, сакаме да останеме информирани, соочени со сериозни и комплексни настани, па затоа следиме многу негативни содржини. Меѓутоа, постојаната изложеност на ваквите вести предизвикува зголемување на чувството на осаменост, тегоба, стрес и губење на контролата над сопствената иднина, особено кај младите.


Фото: Freepik

- Колку што ни е потешко, толку повеќе се обидуваме да воспоставиме контрола над ситуацијата и луѓето околу себе, па во „думскролинг“ влегуваме од страв да не се случи нешто неочекувано и страшно во иднина. Со оглед на тоа што имаме потреба навреме да ги уочиме потенцијалните опасности за да се заштитиме, „думскролинг“ може да ни се чини како ефикасен начин на подготовка за опасноста, иако воопшто ја нема - објаснува Митриќ.

Според неа, ваквото однесување нема вистинска корист и само ги зголемува тегобите и ве прави песимистични. Тоа може и да биде причина за стрес и чувство на губење на контрола над иднината. Една од темите за кои често читаме се климатските промени, а еколошката анксиозност станува вистински проблем за многумина. Но важно е да се знае дека проблемите ги решаваме со акција, а не со грижа, вели Митриќ.

Таа додава дека иако климатските промени се глобален проблем, една мала акција како садење дрво може да направи разлика. Затоа, насочете се кон објективните извори на информации и на малите, но вредни чекори кои можете да ги направите, вели Митриќ.

Извор: Srednja
Насловна фотографија: Freepik 
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот