X
 07.05.2017 Култура

Исландскиот писател Браги Олафсон - специјален гостин на Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“

festival

Исландскиот писател Браги Олафсон ќе биде специјален гостин на 5. Интернационален литературен фестивал „Про-за Балкан“, што ќе се одржи од 28 до 30 мај во Скопје. Иако концептот на фестивалот е да се фокусира на балканските писатели, годинава на македонската јавност ќе ѝ биде претставен еден особено интересен автор, претставник на книжевност што е малку позната кај нас.

Тој ќе биде во друштво на уште шестмина писатели од Балканот, кои во трите фестивалски дена ќе можат да им доближат на своите читатели во Македонија.

Организаторот на фестивалот, издавачката куќа „Икона“ ги издаде романите „Миленичињата“ и „Амбасадорот“ на Олафсон, во превод на Натка Најдов. Двете дела ќе бидат промовирани во рамките на фестивалот.

И покрај завидната писателска кариера, Олафсон, пред сѐ, е познат како музичар. Тој беше дел од познатиот бенд „Шугаркјубс“ и со години верен басист на Бјорк.

Роден е во Рејкјавик во 1962 година. Интересен е изборот на професии, којшто тој го имал. Работел како поштар, службеник во банка, асистент на продажба, музичар, новинар...Тој е косопственик на музичката компанија „Bad taste Ltd., што постои 30 години и издава популарна музика, џез, модерна исландска музика.

Неговите романи „Слободни денови“ и „Миленичињата“ беа во потесен избор на двете главни литературни награди во Исланд. Романот „Игри за забава“ во 2005 година ја освои наградата за најдобар роман според изборот на вработените во исландските книжарници, додека пак, „Амбасадорот“ ја освои Исландската награда за најдобро продавана книга, а беше номиниран и за Исландската литературна награда во 2006 година и Литературната награда на нордискиот совет во 2007 година. Во 2010 година, за романот „Писма за намера“, Олафсон повторно беше номиниран за Исландската литературна награда.

„Амбасадорот“ беше објавен во САД во 2010 година и придоби одлични критики. Романот е исто така преведен и на дански, германски и на други јазици. „Исландската филмска компанија“ ги откупи и филмските права за филмот.

Олафсон студирал филолошки јазик, со фокус на англискиот, шпанскиот и францускиот јазик, јазици од кои превел поезија. Во Исланд е познат и како драмски автор, а првата драма „Белгиско конго“ имаше премиера во 2004 година.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура