X
 27.10.2017 Култура

Ладнокрвните убиства во прочуените романи: дали убиецот се раѓа како таков?

жена


Еден од начините на кои можеме да ги збогатиме нашите сознанија за светот и за човекот преку анализирањето на книжевните дела низ историјата на пишаниот збор, секако, е оној што ги следи главните јунаци на големите романи.

Се разбира, ова е огромна тема која бара резултати од истражувања на многу науки затоа што се однесува на психолошката структура на човекот, социјалните димензии на односите низ разни епохи, историско-политичките настани што го менувале светот, а со тоа и луѓето, правејќи ги од епоха во епоха непоправливо поинакви во однос на претходните генерации...

Сите овие фактори влијаат врз сфаќањето на вредноста на животот (својот и туѓиот), па така и поимот убиство може да се согледува многу различно, низ различни периоди.

Претпоставка е дека моќта за извршување ладнокрвно убиство не е нешто што е впишано во психологијата на просечниот човек, како една од многу веројатните можности, од памтивек.

Убиецот понекогаш морал да поседува посебен психофизички склоп за да изврши ладнокрвно убиство, нешто што би можело да се нарече комбинација од генетска, односно биолошка предодреденост и условите во кои се развивала неговата личност.

Она што ни го нуди поновата литература (од крајот на 19, па сè до почетокот на 21 век) е приказ на развој на одреден потенцијал кај кој било поединец (навидум мирен и вклопен граѓанин кој никогаш немал проблеми со законот) што може да го стави во позиција ладнокрвно да одземе туѓ живот, без афект или потреба за самоодбрана.

Но, доколку ја прифатиме тезата дека тој потенцијал не е ништо ново и истиот е составен дел од човечката природа, тогаш вистинска новост би било ослабувањето на оградите што го спречуваат обичниот, мал, неконфликтен човек во даден момент да стане ладнокрвен убиец.

Еве неколку примери од литературата на кои можеме да ја следиме таа разлика во доживувањето на вредноста на човечкиот живот:

Раскољников

Еден од најголемите романи на руското и светското книжевно наследство - „Злосторство и казна“ на Фјодор Михајлович Достоевски ни прикажува едно планирано, разумски оправдувано и теоретски потковано убиство.

Студентот-нихилист Раскољников, по „смртта на Бог“, размислува, па дури и пишува текстови за човекот кој може да се издигне над масата од другите, просечни луѓе. Таквиот човек не мора да ги почитува истите правила што важат за повеќето „обични, слаби“ луѓе. Тој го планира убиството, го вага во разумот и ги премерува причините „за“ и „против“: разумот го одобрува убиството на непотребната и неморална старица. Неговиот мотив не се парите (иако тој ги наведува како мотив) затоа што по убиството воопшто не посегнува по пленот.

Иако разумски не подлегнува под притисокот на грижата на совест, постои нешто подлабоко – потсвеста, или можеби се работи за архивираните остатоци од воспитувањето, врската со семејството која е зачувана. Љубовта кон друга личност ровари во внатрешноста на неговиот дух и му предизвикува бунило. Тој не може да им се препушти на благородните чувства, со оглед на тоа дека подигнал рака на друго човечко битие. Тој мора прво да го исплати својот грев.

Во романот најужасни се токму деловите каде што неговата „теорија“ за големиот човек се обидува да го рационализира извршувањето на убиството. Противтежа на тие моменти се љубовта, жртвувањето за другите, семејните односи, несебичното пријателство, довербата. Од сето тоа има доволно за едно бунило да заврши со чувство на вина и покајание, и на крај, способност да се излезе од таа „болест“.

Карамазови

Но што кога нема зачувани семејни вредности, пријателство и љубов?
Иван Карамазов во уште една маестрална книга од истиот автор, полудува откако го замислува таткоубиството.

Уште од античките митови односот кон родителот или детето е важен за натамошниот тек на судбината, не само на поединецот туку понекогаш и на цели градови или народи.

Ако многу поедноставиме, би можеле да кажеме дека убиец не е оној што го потегнал оружјето и му ја здробил главата на старецот (макар и мотивот да бил пари или одмазда за години понижување и служење), туку убијци се синовите – Иван и Дмитриј, кои ја посакувале смртта на старецот.

Затоа, едниот полудува, а другиот оди на робија. Но, и кај едниот и кај другиот, со сите обиди за рационализација, сепак постои грижа на совеста, постојат „огради“ кои ги дефинираат тие ликови како луѓе. Тие сепак не се ладнокрвни убијци.

Мерсо


Што се случува ако отидеме чекор понатаму?

Мерсо, главниот лик во романот „Странецот“ од Албер Ками, на почетокот говори за чудниот недостиг на тага по смртта на родителите.

Можеме ли тој недостиг да го прогласиме за доволен за да го наречеме неизлечиво болна индивидуа, или, со набљудувањето на поголем број луѓе, во опкружувањето, па и во современата уметност, да забележиме и да признаеме дека сè поголем е бројот на оние што рано ја раскинале врската со матичните семејства, при што загубиле и голем дел од блискоста со нив?

Денес матичното семејство во развиениот свет не е ништо друго освен група луѓе што живеат во ист простор. Поголемиот дел од денот и не се гледаат поради сопствените активности и обврски – па и никогаш не развиле вистинска семејна поврзаност и блискост.

Како последица на тоа, смртта на член од семејството е иста со смртта на кој било странец. Всушност, секој човек е странец, затоа што не постои механизам со кој може да се приближи кон друго лице и да ја прескокне границата. Можеби тој механизам на семејна и која било друга блискост, способноста за воспоставување блиски односи, мора да се активира во најраните години, во семејно гнездо исполнето со љубов.

Но, тоа се само претпоставки. Она што го гледаме е дека Мерсо не се внесува вистински во какви било односи, не ги избира сам тие односи, не знае да каже ниту да ниту не. На тој начин, создадената голема празнина во неговиот живот, но и во неговата душа, може да биде исполнета со што било или со кој било. Поагресивни сили секогаш ќе ја искористат таквата можност многу побрзо отколку нешто добро и благородно, затоа што ова второво нема тенденција да ограбува или сосила нешто да присвојува.

Дали на крајот Мерсо се покајува?

Би се рекло дека само му е жал што таа празнина никогаш не била исполнета со нешто поосмислено, иако ова е само едно сосема слободно и веројатно непрецизно толкување на ова големо дело – на кое до скоро му се припишуваа политички и социолошки, а во поново време и – психолошки и психопатолошки одредници и толкувања.

Книги за неможноста да се почувствува љубов

Може да се рече дека книгите што се занимаваат со неможноста да се почувствува љубовта можеби сочинуваат и еден нов жанр, кој иако недефиниран, опфаќа сè поголем број современи автори, како Ерленд Лу, Гонсало Тавареш, Карл Уве Кнаусгор, Амос Оз...

Станува збор за автори кои пишувајќи денес, ја поставуваат и дијагнозата на времето во кое живееме. Нели е загрижувачки што значењето на човечкиот живот во сите тие книги се прикажува како нешто што ја губи својата вредност? Она што ги мотивира сторителите на ужасни дела побрзо може да се опише како љубопитност отколку како афект.

Речиси како сите тие убиства да ги извршиле роботи, а не живи луѓе, надарени со совест. Уште една интригантна појава е што суровото убиство може ладнокрвно да се испланира и без возбуда да се изврши над невини и често непознати луѓе. Не се работи ниту за љубомора, ниту за големи пари, ниту за животна загрозеност.

Во светот во кој живееме сè е против нас: минливоста и смртното тело, природата и природните катастрофи, животинскиот свет, општествените закони кои повеќе поробуваат отколку што заштитуваат, големиот систем, идниот свет на паметните машини и многу други работи, па човекот не ја развил солидарноста која е потребна за опстанок на видот, не научил да ја почитува непроценливата вредност на секој поединечен живот.

Напротив, ако ѝ се верува на уметноста, се ближиме кон часот кога ќе се плашиме еден од друг, затоа што нема да постои показател дека некој од нашето опкружување е потенцијално опасен за другите.

Дали во секој од нас спие по еден убиец? Каде исчезнаа сите оние огради, во општеството и пред сè во душата, што го спречуваа тоа? Како повторно да ги воспоставиме?

Уметниците го прават она што го можат – предупредуваат. Но прашање е дали може уметноста да стигне до доволен број луѓе и дали, како некогаш, поседува катарзично и животно дејство?

Можеби неопходно е да се осмисли еден нов вид хуманизам, кој во себе би ги обединувал и религиската и митската реалност, но за таков потфат потребно е целиот духовен свет, науката, религијата и уметноста да ги здружат своите сили.

Пишува: Jадранка Миленковиќ
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура