X
 27.05.2017 Образование

Со испит по предметот мајчин јазик, за матурантите започна полагањето на државната матура

Учениците од завршните години денеска го полагаа задолжителниот предмет од државната матура, мајчиниот јазик. Уште пред закажаниот термин пријавените за испитот дојдоа во училиштата каде учат, а професорите ги распоредија во училниците. Тестовите коишто рано утрото беа дистрибуирани во училиштата им беа поделени на матурантите, полагањето започна во 10 часот вели директорката на Државен испитен центар, Мируше Амети. Додава дека полагањето, започнало точно во закажаниот термин, тестовите навреме се однесени во  средните училишта. Очекува државната матура да се реализира без пречки, за која во процесот вклучени се училишните комисии, тестатори, вработени во центарот, набљудувачи.



-Испитот по екстерниот предмет мајчин јазик од државната матура во сите средни училишта во земјава започна навреме, без проблеми. Никаква пречка не е пријавена до државниот испитен центар. Материјалот за тестирањето изутрина беше доставен до училиштата. И во следните денови кога се закажани испитите по другите екстерни предмети очекуваме тестирањето да се реализира без проблеми вели за fakulteti.mk директорката на Државен испитен центар, Мируше Амети.

Директорката на СУГС „Јосип Броз Тито” вели дека учениците биле дојдени во училиштето уште пред закажаниот термин. Испитот додава, тече беспрекорно, системот е веќе воспоставен, започна во 10 часот и 15 минути завршува во 14 часот и 15 минути, се полага мајчин јазик.

-Учениците треба да одговорат на прашања од граматика и литература. Пишуваат есеј на тема која ќе ја изберат, слободна или од материјалот. Имаат и прашања на кои треба да одговорат со заокружување од областа на литературата и граматиката.  Сите се дојдени отсутни нема, се тече како што беше предвидено вели директорката на СУГС „Јосип Броз Тито”, Татијана Стојанова-Дуева.

Матурантите имаат шанса од четири часа да одговорат на испитот. Тестирањето по предметот македонски јазик треба да опфати 10.632 ученици,  албански 5.120,  а турски 418, односно толку ученици колку се пријавиле да полагаат. Во анкета ученици од завршните години од СУГС „Васил Антевски-Дрен”  велат дека одговориле на сите прашања, се надеваат дека ќе добијат високи оценки.

-Одговорив на сите прашања од испитот. Напишав и есеј, на тема од материјалот кој го имаме учено по предметот македонски јазик и литература, не беше воопшто тежок испитот иако тестот беше обемен.
-Десетина дена се подготвував за испитите кои се предвидени со државната матура. Доволно ми беше само да се потсетам на некои лекции. Тестот беше лесен, одговорив сѐ.
-Прашањата беа од материјалот што сме го учеле, сепак треба да се има знаење. Одговорив на прашањата,  напишав есеј за романтизмот од „Евгениј Онегин”, очекувам петка.
-За два часа успеав да го решам тестот. Во најмала рака се надевам да добијам оценка која ја имав изминативе четири години по македонски јазик и литература.

За полагање на државната матура во јунскиот испитен рок според податоците на Државен испитен центар се  пријавиле 16. 426 кандидати. Оние кои избрале за втор екстерен предмет да полагаат странски јазик полагањето е на 10 јуни. За англиски јазик се пријавиле да полагаат 15. 201 матурант.  Од листата на екстерни предмети 26 ученици се пријавиле да полагаат руски јазик, потоа француски избрале 108-мина, а германски 197.

На 12 Јуни, пак  ќе се одржи тестирањето по математика, за кое се пријавиле 2.070 матуранти. Екстерните предмети: естетика, филозофија, хемија, физика, биологија, историја и бизнис закажани се за на 14 Јуни.
Преку процесот државна матура, матураните полагаат три екстерни предмети од кои мајчиниот јазик е задолжителен, останатите  два екстерни предмета ги избраат сами од понудената листа. Полагаат и еден интерен предмет, а имаат должност да изработат и проектна задача.

 Резултатите од полагањето учениците ќе ги знаат за еден месец од полгањето. Испитот на зрелоста ќе се реализира и во  августовската испитна сесија, тогаш учениците кои од оправдани причини не присуствувале на  тестирањата во јуни ќе можат да полагаат, заедно со матурантите кои нема да успеат да положат. Учениците кои нема да бидат задоволни од оценката која ја добиле имаат право да поднесат жалба до училишната комисија, оттаму приговорите ќе бидат испратени до државниот испитен центар, по што учениците ќе заат дали приговорот ќе им биде прифатен или одбиен.
Подготвил: В.М

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование