X
 14.04.2022 Издвојуваме

Идните студенти пред избор, кои факултети се најатрактивни? Секој четврти матурант сака да студира во странство

Речиси 80 отсто од анкетираните одговориле дека најважно при изборот на факултет е да го студираат она што го сакаат. Но, речиси 70 отсто велат дека со диплома може полесно да се најде работа

Најголем дел од матурантите веќе одлучиле каде ќе студираат, а студиите ќе им ги финансираат родителите.
Некои главната одлука ја донеле заради просперитет, други само ги следеле своите интереси, а некои сметаат дека дипломата ќе им биде билет за странство.

Ова го покажаа резултатите од нашата онлајн анкета, на која ги прашавме младите, кои периодов се пред важна одлука за изборот на идната професија, кој е нивниот избор за студирање, дали одлучиле каде ќе се запишат и зошто?

Речиси 80 отсто од анкетираните одговориле дека најважно при изборот на факултет е да го студираат она што го сакаат. Но, речиси 70 отсто велат дека со диплома може полесно да се најде работа.



Близу 50 отсто од учесниците во анкетата кажале дека при изборот на факултет им е важно да се стекнат со практични знаења, а на 36 отсто им е важно ако на избраниот факултет има професионален наставен кадар. Воедно, 25 отсто кажале дека изборот на факултет им зависи и од тоа дали школарината е прифатлива за нивниот буџет.

Сепак, помалку од 10 отсто од анкетираните матуранти рекле дека при изборот на факултет најмалку им е важно мислењето на семејството и пријателите, имиџот на факултетот и колку е тешко да се завршат студиите.

Најголем број за идна професија ги одбираат информатичките и економските науки. Традиционално и правници ќе има во доволен број. Но, според одговорите, во иднина треба да очекуваме да имаме и доволно доктори, машински инженери, психолози, и тоа такви што ќе се занимаваат со криминалистика и ќе се грижат за нашата безбедност.

Прв избор се државните факултети

На прашањето: Дали ќе се запишете на државен или на приватен факултет?, најголем број од идните студенти, или 86,5 отсто одговориле дека ќе студираат на државните факултети. Преостанатите 13,5 отсто посочиле дека студиите ќе ги продолжат на приватен факултет.
Првичната причина што идните студенти ја посочуваат за избор на државен факултет се финансиите.

- На приватните факултети школарината е многу поголема за разлика од државните. Државните факултети се и поценети, се стекнува повеќе знаење и се вложува многу труд. На приватните факултети сѐ е само за пари, сметам дека таму се запишуваат студенти кои не сакаат да вложат труд во учењето - посочува еден иден студент.



Многумина сметаат дека на државните факултети има професионални кадри и се стекнува поголемо знаење во споредба со приватните факултети.

- Кај нас државните можеби имаат малку подобра репутација отколку приватните факултети. Државниот факултет можеби е потежок, но би се здобиле со повеќе знаење. На државен ќе морам да учам за своите оценки и ќе ги имам заслужено, а нема да имам платено за нив. Приватниот факултет го плаќаш, а со тоа ја плаќаш и дипломата, но не и знаењето - велат други.

Трети, пак, сметаат дека приватните факултети кај нас не функционираат исто како тие во странство.

- Во нашата држава приватните факултети функционираат од типот да ги земат парите и да завршиш. Едноставно имаш загарантирана диплома кога си запишан на приватен. Во странство, целата ситуација е поинаква - додаваат матурантите.

Оние на кои приватниот факултет им е прифатлива опција за студирање сметаат дека таму има поголеми услови за поквалитетна настава и подобра практична настава.

- Приватните факултети нудат повеќе интернационални можности. Но, исто така, изборот падна таму поради комплексите и претераната суета на наставниот кадар на државните. Но и поради застарена методологија на предавања, одбирам да студирам на приватен -додаваат тие.

Дел од нивните размислувања се овие:

- За разлика од државните факултети, нема потреба од мито, но и да добиваме фрустрации од професорите. Односот професор-студент е вреднуван - велат други.
- Она што сакам да го студирам го нуди само приватен факултет. Има одлична програма, се работи во групи со помалку луѓе и имам доста можности за напредок - посочува еден од учесниците на анкетата.
Иако во мал број, има и такви што приватниот факултет го одбираат зашто е полесно студирањето и нема потреба да вложуваат многу труд.

Секој четврти матурант сака да студира во странство

На прашањето: Каде планирате да студирате?, 72,5 отсто од испитаниците рекле дека ќе студираат во земјава, а 27.5 отсто дека својата студиска едукација ќе ја продолжат во странство.



Оние што ја одбрале нашата земја велат дека и факултетите во земјава нудат соодветно и солидно образование, но не ја исклучуваат можноста магистратурата или докторатот да го запишат во некоја од европските земји. Има и такви што студиите ги гледаат во Македонија, а по завршување на студиите не планираат да живеат и работат во земјава. Најблиските дестинации кои идните студенти би ги избрале за свое надградување се Бугарија и Словенија. Велат дека земјите на Балканот имаат поприфатливи услови за студирање, но и дипломата таму што ќе ја добијат е широко признаена.

Ова се дел од нивните одговори:
- Во Македонија нема да го стекнам истото знаење како во странство. На пример, во Бугарија, доколку паднеш испит, ќе знаеш дека е поради тебе. Тука ќе паѓаш испит поради пари или ќе си сведок како оние што не знаат повеќе од тебе го завршуваат факултетот и се вработуваат, дури и пред тебе, иако си поквалитетен од нив.
- Словенија или Бугарија. Поради тоа што дипломите се повреднувани. Словенија би бил мојот избор, од една страна, поради подобрите услови за студирање и работа при извршување на студиите. Софија, пак, бидејќи таму има стипендии и можности за вработување и подобро сместување. Нема привилегии кај професорите без разлика на финансиската состојба.

Но, некои од идните студенти ја гледаат својата идна едукација во западноевропските земји.
- САД, Велика Британија, Европа бидејќи нудат подобри можности во буквално секој аспект. Академски живот, студентски живот, можности за професионално надградување, рамноправност, сместување итн. - посочуваат тие.
За некои и Холандија е соодветен избор поради тоа што е средена земја со висок животен стандард и добри услови за живот.
- Доколку ми се укаже шанса, би ја избрала Шкотска или државите од Скандинавија, затоа што таму согледувам подобри услови за живот - заклучува една идна студентка.

Родителите ќе помагаат при студирањето

Најголем дел од идните студенти на прашањето: Како ќе ги финансирате вашите студии?, посочиле дека тоа ќе се случи со помош на нивните родители.
- Прва опција за финансирање на моето студирање е од македонската плата на моите родители. Потоа се надевам на стипендија, но и на сезонска работа во текот на летниот период - објаснува еден од анкетираните.
- Со помош на родителите, а се надевам дека и сам ќе успеам истовремено да заработувам - додава друг.
- Дел од финансирањето ќе биде од родителите, а дел со стипендија која ја има на универзитетите во странство, на пример, Словенија - додава трет.
Многумина, пак, велат дека во Македонија нема никакви услови за самостојно финансирање на студиите.
- Планот ми е во првата година да работам некоја работа надвор од факултетот и струката паралелно со студиите. Веќе во втората година би сакал да направам еден поголем чекор со тоа што би одел и на пракса со половина платено работно време, со надеж дека доволно ќе се покажам за да обезбедам стабилна работа за понатаму. Кога ќе бидам добро запознаен со работата, би започнал некој свој проект или стартап-компанија - објаснува еден матурант.

Има и такви што велат дека ќе се нафатат да студираат во странство, но истовремено нивните родители за тоа ќе подигнат кредит.
- Ќе ми помагаат моите родители, но и јас ќе работам за да можам барем малку да им помогнам во трошоците - додава идниот студент.
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Издвојуваме