X
 12.06.2017 Образование

Ставови на читателите: МОН да се подели на министерство за образование и млади и на министерството за наука и технологии

Доцент, научен соработник на Медицинскиот факултет во Скопје вели дека секако е потребна координација меѓу образованието и науката, но исто така без сериозен фокус на секој од овие два сегмента поединечно, речиси невозможен би бил нивниот вистински развој и следењето на современите текови.



Добро образование, повеќе внимание и средства за науката како дејност, попосветена работа, подобра организација, а со тоа и поголем успех. Ова е генералниот став на повеќе читатели кои учествуваа на нашата анкета во која ве прашавме „Дали Министерството за образование и наука треба да се подели?“. Но, има и читатели кои сметаат дека тој чекор нема да донесе придобивки, туку само повеќе администрација. Некои читатели дадоа интересни предлози, во кои велат дека нема потреба од поделба на ресорот, туку само реорганизација и фокусирање.

Во продолжение објавуваме дел од вашите коментари. Иако дел од учесниците на анкетата ги потпишаа своите ставови, нивните имиња нема да го објавувавме, задржувајќи го ставот дека анкетите се анонимни.

- Убедена сум дека формата, т.е. дали ќе е едно или две министерства е сосема неповрзано со квалитетот. Две министерства ќе трошат повеќе. За тоа колку ќе се вложи во науката не зависи од формата, дали ќе има министерство, туку од тоа кој работи и колку – вели една читателка.

Доцент, научен соработник на Медицинскиот факултет во Скопје вели дека секако е потребна координација меѓу образованието и науката, но исто така без сериозен фокус на секој од овие два сегмента поединечно, речиси невозможен би бил нивниот вистински развој и следењето на современите текови.

- Ова посебно би се однесувало на научната дејност која за жал, во изминатиот период доживеа голема декаденција. Формирањето на посебно министерство за наука би овозможило прво да се направи увид во кадровскиот потенцијал од поединечните области, увид во состојбата со соодветната инфраструктура за различните научни методологии кои би се применувале и понатаму би се развивале, како и нивно реорганизирање на начин кој би бил најоптимален за нашите постојни услови. Понатаму би се фокусирале на развој на области за кои ќе се направи проценка дека имаат приоритетно значење за нашето општество, а кои истовремено би пројавиле интерес за соработка и кај научните институции од регионот и пошироко. Накусо, сметам дека на ваков начин поефикасно би можеле да имаме пристап до најразлични меѓународни фондови и проектни активности преку кои понатаму би продолжиле со развој на конкретни научни дејности. Во поглед на образованието, исто така сметам дека неговото издвојување во посебен ресор би овозможило покритична оценка на сите постојни образовни форми и поголема транспарентност при воведување на новините во образовниот процес. Секако во согласност со искуствата, посебно од страна на лицата кои се вклучени во основното и средното образование – вели тој.
Доцентот смета дека во сферата на високото образование треба да постои најголема координираност со научната дејност, што најефикасно би се решило со формирање на посебен сектор во кој би учествувале претставници од двете министерства. Така поефикасно би се координирале активностите кои се од интерес на двете области.

- На ваков начин порационално би се усогласувало профилирањето на научните работници и нивно активно учество во високото образование за да го пренесат стекнатото знаење и искуствата на помладите колеги. Во секој случај ја поздравувам оваа спроведена анкета и ве охрабрувам за најскоро отпочнување на неопходните измени – вели нашиот читател.

Студент: науката е ставена на последно место

Интересен е предлогот на друг учесник на анкетата – да се формира министерство за образование и млади, кое би било задолжено за целокупниот образовен процес на младите во земјава, додека министерството за наука и технологии ќе се занимава со научно истражувачката работа, која во моментов е занемарена и ставена на работ на егзистенција.

- Развојот на научната мисла значително ќе придонесе за развој на домашната индустрија и стопанството. Дополнително, ова министерство ќе работи на научно-истражувачки проекти, кои ќе ја зајакнат позицијата на нашите истражувачи во светски рамки – вели читателот.

Кусите забелешки на учесниците на анкетата се дека поделбата на ресорот подразбира повеќе пари, поголема автономија и независност, а институциите ќе бидат пофункционални и попросперитетни.

- Со постоење на посебни министерства, секое од нив ќе може да биде сконцентрирано само на една област и ќе донесе многу подобри резултати, за разлика од сега, кога науката е ставена на последно место. Студент сум на ПМФ и таму кристално јасно се гледа колку државата се залага за науката, ако го погледнете бројот на студенти - 270 или 300 студенти запишани годишно е страшно мала бројка и за држава со 2 милиона жители. Причината е што науката не е претставена во никакво светло затоа што факултетите немаат средства да ги опремат лабораториите со најосновни апарати. Со посебно министерство што ќе се грижи за ова, работите можат доста да се сменат – вели студентот на ПМФ.

Друг учесник смета дека ќе се растовари МОН како гломазно министерство за менаџирање и конечно ќе се почне со развој во науката

- Образованието не може без наука и науката не може без образованието. Тоа се две комплементарни области кои не смеат да функционираат одвоено. Придобивките единствено би се максимирале доколку имаме способен министер – вели наш читател.
Овој став го дели и друг читател. Според него решението треба да се бара во менаџирањето со ова министерство, а не во поделба (барем додека не се види колку досегашните неуспешни менаџирања влијаеле врз лошите состојби во резултатите на актуелното министерство).

Од хиперпродукцијата на „научни кадри“ ќе имаме несогледливи последици

- Сигурно дека поделбата би била позитивна за ресорот за наука. Тоа би било прв чекор за поместување од мртвата точка во која веќе подолго време се наоѓа науката односно научните институти во Република Македонија. Имено на овој начин повеќе средства би се издвојувале за институтите за наука, кои добиваат навредливо малку ресурси и финансии - само 0.22 отсто БДП. А Министерството за образование не би изгубило ништо – вели учесник во анкетата кој очигледно добро ги познава состојбите.
Друг читател смета дека пред сѐ, образованието е на далеку пониско ниво од квалитетните универзитети кои располагаат со современа технологија, а како најдобри примери ги посочува факултетите за информатичка технологија и медицински факултет.
- Доколку се подобри образованието, ќе се подобрат и резултатите во науката – вели тој.

Придобивките од сепарацијата на МОН во две министерства би биле во полза и на нацијата, и на државата, напиша еден од анкетираните.

- Гледано од научен аспект, ќе можат млади кадри да се едуцираат и во практика, односно изучената теорија да ја применат во сите гранки од општествениот систем.

Следуваат коментарите и аргументите на учесниците во анкетата, кои сметаат дека МОН не треба да се подели. Еден од нив вели:

- Нема да има придобивки, само ќе се зголеми бројот на министерства што ќе доведе до поголеми буџетски оптоварувања и зголемување на администрацијата. И под еден ресор да се, доколку е воден од соодветни образовани личности, со сериозни реформи, ќе има резултати – вели тој.

Друг смета дека треба да се инвестира повеќе во двата сектора.
- Не гледам како би се подобрила состојбата ако се поделат. Двата сектора се поврзани, потребни се суштински заеднички промени, а не поделби.

Трет смета дека не може да има придобивки, поради хиперпродукцијата на „научни работници“.
- Образованието своето место мора да го заслужи, потоа доаѓа на ред науката. Со оваа хиперпродукција Македонија долги години ќе има несогледиви последици – вели тој.
Подготвил: В.Ф

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование